Македонија
(Видео) Mицкоски: Да се обединиме за 61 пратеник
„Благодарам на големата поддршка, поддршка која што лично мене многу ми значи, но истовремено и обврзува. Затоа што колку е поголема поддршката, толку и очекувањата се поголеми. Бидејќи оваа Влада на ДУИ и СДСМ нема дно кое што не го проби овие шест години“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на средба со граѓаните од Струмица во рамки на активноста „Важно е! Од тебе зависат промените!“.
Мицкоски додаде дека оваа активност која што ја спроведува ВМРО-ДПМНЕ скоро два месеци е определена подготовка за тоа што следи, а тоа се парламентарните и претседателските избори. Со оваа теренска активност, вели Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ сака да разговара со што е можно повеќе сограѓани ширум Македонија од кои што може да се слушне што е тоа што тие очекуваат од следната Влада на ВМРО-ДПМНЕ.
„Изминативе три децении поминале многу политичари, многу раце се стегнале, многу зборови се кажани, но за жал многу малку дела останале запаметени. И за жал денеска главното мислење помеѓу нашите сограѓани е дека сите се исти. Но, ние сакаме да покажеме и да докажеме дека не сме сите исти, и дека оваа генерација политичари во ВМРО-ДПМНЕ се луѓе патриоти, луѓе кои што навистина сакаат да направат нешто за својата татковина, за Македонија, за македонскиот народ, но и на сите граѓани кои што се наши соседи, пријатели, кои што делат иста судбина како што и ние делиме“, рече тој.
Посочи дека е важно оваа активност која што ја води ВМРО-ДПМНЕ два месеци да се спроведе насекаде, да се слушнат граѓаните што е тоа што очекуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Јасно е од било кога дека ВМРО-ДПМНЕ ја формира следната Влада, тука не треба никој да има дилема. Победата ќе биде голема, и ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира следната Влада. Тука да бидете сигурни“, наглас Мицкоски.
Тој укажа дека тоа што ќе го каже ВМРО-ДПМНЕ, тоа што ќе го вети, тоа ќе се исполни.
„Тоа што ќе го кажеме, ќе биде дефинирано со јасен рок и тоа ќе биде испорачано“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сакам да најавам нешто што насекаде низ Македонија го зборувам, а тоа се оние 250 милиони евра инвестиција која следната Влада на ВМРО-ДПМНЕ има намера да ја направи во сите општини во Македонија, без разлика дали градоначалникот е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, дали градоначалникот од СДСМ, ДУИ, Алијанса за Албанците, БЕСА, некоја друга политичка партија“, порача Мицкоски.
Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ не ги дели општините како што ги дели оваа Влада. И идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ планира во еден четиригодишен мандат за потребите на струмичани да инвестира 26 милиони евра.
„Сакам да предупредам на една работа што периодот што следи ќе се случува, на следните избори не постои трета опција, на следните избори постои од една страна ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и од другата страна Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи, Маричиќ, Зечевиќ и Димитар Ковачевски. Секој оној кој што ви вели дека постои трета опција, секој оној кој што ќе ве гледа во очи и ќе ви ветува се што сакате да слушнете немојте ве молам да заборавате дека тој има таква задача токму од овие 6-мина кои што ви ги споменав Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи, Маричиќ, Зечевиќ и Димитар Ковачевски. Тие кои што ќе се претставуваат како трет пат имаат единствена цел антивладините гласови да ги разделат, да го поделат македонскиот гласач“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека да не дозволи македонскиот гласач да се подели, бидејќи тоа е целта на власта за да ВМРО-ДПМНЕ да не дојде до зацртаните 61 пратеник. А, целта на ВМРО-ДПМНЕ е 61 пратеник во македонскиот Парламент.
„Верувам дека Македонецот кога е најтешко се обединувал. Знам, го чувствувам тоа кога го гледам секој еден човек чија што рака ја стегам овие веќе два месеци ширум Македонија, дека овој пат народот ќе се обедини околу ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ е идентитетот македонски“, порача Мицкоски од Струмица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Корисниците од село Орман денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од село Орман. (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Средба на Сиљановска-Давкова со професори од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова разговараше со професори на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје за неопходноста од креирање национален модел на образовна и здравствена политика, во којшто ќе бидат вградени физичката активност и здравите навики кај децата и младите, како гаранција за физички и ментално здрава нација.
За таа цел, деканот на факултетот, Влатко Неделковски, продеканката за настава, Андријана Мисовски и професорите Иван Анастасовски и Серјожа Гонтарев ја запознаа претседателката со предлог проектот, односно со планираните истражувања и временската рамка во којашто ќе се одвиваат (2026-2028), очекуваните резултати и стратешката одржливост.

Соговорниците укажаа на загрижувачките последици од долготрајното седење, гледањето телевизија и прекумерната употреба на дигитални уреди врз здравјето на младите, очигледни во прекумерната тежина, зголемената анксиозност, социјалната изолација и пониската самодоверба.

Тие посочија на научно утврдените придобивки од физичката активност како: поголема мускулна маса, подобра меморија, повисока концентрација, смиреност, полесно учење, повисоки академски резултати.

Претседателката предлага посветување поголемо внимание на предметот Физичко образование во сите степени и форми на образование, од градинка до факултет, практикување интерактивна настава во природа, учење во движење.

Сите веруваат дека инкорпорирањето на физичката активност како неопходен елемент на образовниот процес ќе има силно влијание врз младите и нивниот префериран модел на живот, профилирајќи поактивни, поиздржливи, посвесни и поздрави генерации.
Македонија
До сабота претежно облачно и релативно топло време со повремени локални врнежи од дожд
Облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните делови (локално над 30 l/m² за 24 часа). Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 8, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, облачно со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
До сабота времето ќе биде претежно облачно и релативно топло со повремени локални врнежи од дожд. Во западните и јужните делови врнежите ќе бидат пообилни (локално над 30 l/m² за 24 часа). Од недела ќе има стабилизирање на времето.

