Култура
Костадиновска-Стојчевска на Светскиот ден на детето: Наша обврска е секое дете да има исти можности
Одбележувајќи го Светскиот ден на детето, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, заедно со деца од социјално ранливи семејства беа денешна публика во Театарот за деца и младинци.
За најмладата и најискрена публика беше изведена претставата “Зрното грашок и принцезата” во режија на Срѓан Јанакијевиќ.
„Сите деца се подеднакво важни и имаат исти права, а наша обврска е да им ги обезбедиме. Да се биде дел од најискрената публика во театар, е уживање секогаш и секаде.
Животот не е како во бајките, но никој нема право да им ја одземе фантазијата децата. Негувањето на односот кон културата е важен пат во градење на нивниот позитивен поглед кон светот, зашто културата и уметноста се убавата страна на животот“, вели министерката за култура.
Таа истакна дека сѐ што правиме, правиме за децата, за нивната насмевка, радост и нивната иднина. “Приказните, темите, ликовите, пораките кои се испраќаат преку театарот се неисцрпна инспирација за децата, сцените и репликите остануваат долго во нивната меморија. Создаваме услови еднакви за сите деца и во соработка со Министерството за труд и социјална политика овозможуваме децата од социјално ранливите семејства да го уживаат театарот и културно да напредуваат со своите врсници.” – рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Децата го посетија и Природнонаучниот музеј, кој што е најстарата биолошка установа кадешто се собира и чува, проучува, депонира и изложува природното богатство на државата.
Министерката нагласи дека секое дете заслужува секојдневна грижа и внимание, зашто децата се столбот како на иднината, така и на културата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
(Видео) „И јас сум Сирма” ја запали Македонија: лектира, историска читанка и „Оче наш“ на секој Македонец“
Најновата книга „И јас сум Сирма“ на авторот Зоран Спасов-Sоф ги сруши сите стереотипи за промоција не една книга. Издавачот „Арс ламина“ направи своевидна револуција во промовирањето на овој исклучително контроверзен роман.
Горат социјалните мрежи, порталите, брендирани автобуси возат низ градот, дваесетметарска реклама осамна спроти Владата, на радиостаниците ги слушаме трите реклами со баритонот на Александар Микиќ…
Двоецот „Арс ламина“ – Sоф ја помести границата за промоција на едно дело од областа на културата. Дури и оние што не читаат книги ја посетуваат веб-страницата www.ijassumSirma.mk за да дознаат повеќе информации за овој роман.
Првиот дел од кампањата заврши со спектакуларната промоција во МКЦ, каде што преку илјада книгољупци ја дочекаа Сирма да се појави на бината, придружена од нејзиниот „Сирма рокенрол-бенд, кој со еден пинкфлојдовски и седумосмински аранжман ја изведе „Заветна”.
Книгата се продава во салоните на www.literatura.mk. Исто како и пртходно, и овој пат, кога станува збор за „Арс ламина“ и Зоран Спасов-Sоф, средствата од продажбата ќе бидат наменети во хуманитарни и добротворни цели.
ПР-текст
Култура
Претставатата „Земја на штркови“ вечерва гостува во Свети Николе
Вечерва со почеток од 20:00 час. во ДК “Крсте Мисирков” – Св.Николе, гостува Театар Провокација со претставата “ЗЕМЈА НА ШТРКОВИ” во режија на Роберт Ристов.
Претставата „Земја на штркови“ е претстава која предупредува и отворено говори за причините и последиците од енормниот број иселувања на младите луѓе од татковината, поставувајќи ги прашањата: Дали доколку го гледаме само својот пат, можеме да бидеме среќни? И дали доколку остануваме инертни, можеме да промениме нешто? Дали најлесното и наједноставно решение е да се замине таму некаде во туѓина, барајќи подобро место за живеење, или заминувањето е доживотна болка и непополнета празнина која останува цел живот? Дали овие крици од сцената се последните обиди да нѐ разбудат од летаргичноста, но и од заблудите, и да нѐ натераат да се преиспитаме самите себеси, до каде – тоа сме доведени и дали е крајно време да се преземе одговорност за последицата наречена – бела чума!
Играат: Мирјана П. Ристов, Роберт Ристов, Изабела Јакимова и Радо Алексовски.
Истата оваа претстава на 26.11 гостува во Пробиштип, на 06.12 Велес, на 10.12 по втор пат ќе гостува во Охрид, а на 11.12 ќе ја има и скопската премиера во МКЦ.
Култура
Овации за маестро Дијана Имери-Илкоска во Софија
По неодамнешниот успех во Грузија, нашата реномирана диригентка, маестро Дијана Имери-Илкоска, продолжува со нови меѓународни претставувања. Неодамна настапи со Софиската филхармонија како гостин-диригент на концертот со наслов „Виолините на Бах“, на кој како солистки се претставија реномираните виолинистки Зорница Иларионова и Божидара Кузманова.
Илкоска одново ја покажа својата „енергична, храбра, страствена и уникатна музичка експресија“ во својата работа со овој престижен оркестар, во чија актуелна сезона настапуваат светски реномирани ѕвезди од класичната музичка сцена.
Стручната критика нејзиниот настап го нарече величествен, а дополнителна потврда за тоа беа стоечките овации од многубројната публика присутна во салата „Бугарија“.
Во оваа музичка вечер прозвучеа три капитални дела од творештвото на Јохан Себастијан Бах – Концертите за виолина и оркестар бр. 1 во a-moll и бр. 2 во E-dur, како и Двојниот концерт во d-moll. Во оживувањето на овие партитури маестро Илкоска покажа почитување кон карактеристичниот барокен стил на изразување, особено на Баховиот композиторски печат, кој останува автентичен и препознатлив по речиси три века. Истовремено, таа успеа да внесе сопствена интерпретација на овие дела со карактеристичен звук на оркестарот, кој станува нејзин препознатлив потпис.
Инаку, маестро Илкоска е основач и главен диригент на камерниот оркестар ИД, а во досегашната кариера соработувала со реномирани оркестри, меѓу кои и со: Tbilisi Youth Orchestra, Дубровачкиот симфониски оркестар, Оркестарот и Хорот на БНР, Македонската опера и Балет, Симфонискиот и Камернииот оркестар на ФМУ, Македонската филхармонија…