Култура
Седмо издание на Медиумскиот фестивал – Скопје
Седмиот Медиумски фестивал – Скопје ја вперува камерата кон корупцијата и улогата на медиумите во вечната антикорупциска борба. Како и секоја година, содржините и на ова фестивалско издание, закажано од 21 до 23 ноември, се бесплатни. Трите фестивалски дена носат интересни дискусии, но и богата филмска програма почнувајќи со македонската премиера на наградуваниот филм „Лекциите на Блага“, кој ќе се прикажува на 21 ноември во Кинотеката во Скопје. Во оваа морничава и напната драма пензионираната професорка Блага станува жртва на телефонска измама поради што останува без животната заштеда по што добива примамлива, но сомнителна понуда за работа.
Фестивалското отворање во вторник, каде што новинари од Македонија и соседството ќе разговараат за (не)моќта на медиумите да се справат со корупцијата како сеприсутен феномен, ќе се одржи во Кинотеката, а следните два дена Медиумскиот фестивал – Скопје се сели во просториите на „Котур кафе“.
Вториот фестивалски ден почнува со претставување на хрватскиот новинарски фестивал „Медиуми во времето“ (Media in Time), кој се одржува во Винковци. А по дискусијата за предизвиците на младите новинари во денешната медиумска средина кај нас, ќе се прикажат и два кратки документарни филма потпишани од учесници во Програмата за млади новинари на ПИНА. Во четврток, пак, учеснички од Програмата за жени новинарки на ПИНА ќе дискутираат за работата и резултатите од ваквото вмрежување, како и за предизвиците со кои се соочуваат новинарките кај нас.
Медиумскиот фестивал – Скопје, во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, традиционално нуди и работилници за активни и надежни новинари, годинава посветени на мобилното новинарство и т.н. дата-новинарство засновано на анализа на податоци и статистики.
Филмскиот избор на Медиумскиот фестивал – Скопје нуди исклучително квалитетни документарни остварувања, кои нудат увид во повеќеслојноста на новинарската задача. На 22 ноември во „Котур“ ќе се прикажуваат „Пластично фантастично“, што истовремено е и темелно истражен приказ на загадувањето со пластика, а и топол филм за човековите судбини и надежи под товарот на микропластиката, и „Под затруеното небо“, каде што го гледаме небото над Ирак проголтано од токсични пламени поради интересите на големите нафтени компании. Вториот фестивалски ден го затвора „Седум зими во Техеран“ за трогателната судбина на Рејхане Џабари, млада девојка од Иран, но и крикот за правда за жените во Иран и во целиот свет.
Знаењето сè уште е моќ, но како што откриваат филмовите закажани за фестивалското затворање, уште помоќен е пристапот до податоци. На 23 ноември во „Котур“ ќе се прикажуваат „Целосна доверба“ за сè понадгледуваното кинеско општество и „Фантомски папагал“, кој ќе навлезе во темата за личните податоци од телефоните и компјутерите на „сомнителните“ граѓани.
Целосната програма за седмото издание на Медиумскиот фестивал – Скопје може да се види на веб-страницата www.mfs.mk.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Симфонија на трајни вредности: концерт на Мизар и Хармосини во Македонска филхармонија
Концертот на култниот „Мизар“ и хорот „Хармосини“ ќе се одржи на 12 мај во Македонската Филхармонија, со почеток во 20:00 часот.
Концертот на „Мизар“ е сѐ само не обичен музички настан, тоа е оживување на емоција чија музика и порака те будат како стрелба од длабок сон кој одекнува како глас меѓу најпрефинетите познавачи на музика во поширокиот регион, велат организаторите на концертот.
„Мизар не е само музика. Мизар е повеќе од еден обичен рок-бенд. Мизар е борба, пркос. Мизар е еден од бедемите на македонската музика, култура и национален идентитет”, порача Зоран Митровиќ од „Чув-Де-Чув“ – организатор на настанот.
„ЕКОТИП, во своето 26-годишно постоење, секогаш ги поддржувал иновациите, одржливиот развој но и вистинските и трајни вредности. Главен мотив за иницирање и поддршка на овој, за многумина долгоочекуван настан, е нашата мисија за негување и промоција на културата како ‘ѕвезда водилка’ и двигател на алтернативните начини на размислување, креативност и севкупното воздигнување”, изјави основачот и сопственик на ЕКОТИП, Илија Андреевски.
На прес-конференцијата одржана во Концепт просторијата на ЕКОТИП, на новинарските прашања одговараа фронтменот на „Мизар“ Горазд Чаповски, како и Илија Стојановски, Дени Омерагиќ и претставникот на хорот „Хармосини“ – професорот Ристо Солунчев.
Горазд Чаповски најави незаборавна вечер исполнета со добра музика, одлична атмосфера и моменти за историја, спектакл со 17 врвни македонски музичари-инструменталисти, составени во концепт кој во Македонија се изведува за прв пат. Членовите на „Мизар“ и хорот „Хармосини“, придружувани од класично-гудачка секција и група на free јazz музичари, со аранжерот и диригент Дени Омерагиќ, во прекрасна симбиоза ќе ги исполнат безвременските: 1762, Амфилохиј, Сина соба, Дождот, Глас, Почесна стрелба, Константинопол, Бело море, Градот е нем, Ходен Же, Златно сонце, Галеб… и ред други песни.
Култура
Обајвен конкурсот за поетската награда „Млада Струга“ за 2024 година
НУМ „Струшки вечери на поезијата“ во соработка со Јуроп Хаус и со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, го распишаа конкурсот за поетската награда „Млада Струга“ 2024 за најдобра необјавена поетска збирка од млад автор-дебитант.
Конкурсот е објавен денес, на 9 мај, Денот на Европа и ќе трае заклучно со 3 јуни 2024 година, до кога сите пријави и необјавени поетски збирки треба да пристигнат на поштенската адреса на Струшките вечери на поезијата.
Авторот не смее да биде помлад од 18 години, односно постар од 30 години заклучно со денот на крајниот рок на конкурсот и мора да биде државјанин на Република Северна Македонија. На конкурсот пријава може да поднесе исклучиво авторот.
Пријавените необјавени поетски збирки ќе ги разгледува жири-комисија од три члена, којашто најдоцна до 1 јули 2024 година до Управниот одбор на СВП треба да достави единствен предлог за добитник на наградата. Добитникот на наградата ќе биде објавен на 3 јули 2024 година.
Наградата вклучува плакета, паричен износ и објавување на печатена публикација во склоп на изданијата на СВП.
Добитникот на наградата ќе биде поканет да учествува на изданието на „Струшките вечери на поезијата“ во Струга кон крајот на август 2024 година, каде и ќе му биде врачена наградата на манифестацијата „Мостови“.
Поетската награда „Млада Струга“ е возобновена награда која што во минатото се избираше на Конкурс што го распишуваше Книжевната младина на Македонија.
Култура
Шопен под отворено небо со Дино Имери
Во сабота со почеток во 12 часот ќе се одржи музички настан организиран од Амбасадата на Република Полска, по повод Денот на Уставот.
Имено, во Градскиот парк, на „Школка“, македонскиот пијанист Дино Имери ќе одржи рецитал на кој ќе изведе дела од големиот романтичар, полскиот композитор Фредерик Шопен.
„Волшебникот на пијаното“, Дино Имери, ќе ги изведе најпознатите пиеси за пијано од еден од најголемите композитори на сите времиња: Балада бр.1 оп.23, во g-moll, Grand Valse Brillante оп.34 бр.1, во As-dur, Валцер оп.64 бр.2, во cis-moll, Валцер оп.64 бр.1, во Des-dur -„Минутен“, Ноктурно оп.20, во cis-moll, Скерцо бр.2 оп.31, во b-moll, Мазурка оп.17 бр.4, во a-moll и Полонеза оп.53, во As-dur – „Херојска“.
Станува збор за навистина редок настан, затоа што класичната музика не се изведува често на отворено.
Но, идејата е и Скопје да се придружи на традицијата на реализирање на концерти на отворено какви што се случуваат во Полска, близу Варшава, токму кај споменикот на Шопен и неговото родно место, од страна на врвни, светски пијанисти.
Целта е постојано да живее творештвото на овој музички гениј кој светот го направи подобро место за живеење.
Настанот е бесплатен.