Свет
Хезболах го нападна Израел со дронови и ракети, има жртви
Либанскиот Хезболах се пофали со серија напади со беспилотни летала, ракети и артилериски гранати во северен Израел, во близина на границата со Либан.
Од почетокот на војната на 7 октомври, Израел и Хезболах секојдневно се судираат, најмногу во пограничната област. Во оваа прилика користеле три дронови.
Исто така, беше објавено дека артилерискиот оган бил насочен кон позициите каде што биле стационирани израелски војници во таа област. Со ракети Буркан биле погодени и неколку израелски воени позиции во близина на границата. Се наведува дека во нападите има и жртви. Израелската армија го потврди нападот и дека од либанска страна биле истрелани 25 ракети.
Како одговор на нападите од Либан, тие ја таргетираа „терористичката инфраструктура на Хезболах“ со артилерија, борбени авиони и хеликоптери. Израелците, исто така, гаѓаа „ќелија која се обиде да истрела противтенковска ракета од регионот Марвахин“, во близина на границата.
Водачот на Хезболах Хасан Насрала на 11 ноември изјави дека неговите борци користат ново оружје, вклучително и ракети Буркан, кои можат да носат од 300 до 500 килограми експлозив.
Во секојдневната размена на оган долж границата од 7 октомври досега, во Либан загинаа најмалку 90 луѓе, главно борци на Хезболах, но и 11 цивили. На израелска страна загинаа девет лица, од кои шест војници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.
Свет
Зеленски: Русија ја нападна Украина со повеќе од 450 дронови и 45 ракети, повредени се и деца
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Русија ја нападнала Украина од полноќ со повеќе од 450 дронови и 45 различни видови ракети.
– Во тек е спасувачка операција во Дњепар. Русија ноќеска го гранатираше градот, погодена е станбена зграда. Досега е познато дека се повредени 11 лица, вклучувајќи деца. За жал, едно лице почина. За жал, едно лице почина и во регионот Харков, има жртви во регионот Киев и Полтава, информира Зеленски во објава на Фејсбук.
Според него, руските сили ги нападнале и регионите Дњепропетровск, Кировоград, Николаев, Суми и Чернихив.
– Целите на терористите се непроменети, обичниот живот, станбените згради, нашата енергија, инфраструктурата. Прашањето е во ресурсите за убивање, за парите – потребни се санкции за да се лиши Русија од можноста да ја продолжи војната што ја почна и што се влече. Ги цениме сите чекори што нашите партнери веќе ги презедоа, но руските напади покажуваат дека притисокот мора да биде посилен, нагласи Зеленски.
Свет
Жена во Хрватска го уби мажот со нож
Рано утрово во Селница Шќитарјевска во близина на Велика Горица, Хрватска, 40-годишна жена убила 52-годишен член на семејството, соопшти полицијата.
Според првичните информации, мажот најверојатно бил убиен со остар предмет. Како што неофицијално пренесе Индекс.хр, жртвата бил сопругот.
Осомничената е под надзор на полицијата, а на местото на настанот во тек е истрага која ќе ги утврди околностите за ова тешко кривично дело.

