Свет
Ким Џонг-ун се подготвува да лансира шпионски сателит: јапонските разурнувачи во состојба на готовност
Северна Кореја ја извести Јапонија дека планира да лансира сателит помеѓу 22 ноември и 1 декември, што според Токио и Сеул би можело да биде трет обид да се стави шпионски сателит во орбитата. Јапонската крајбрежна стража денеска соопшти дека Северна Кореја испратила известување за лансирање во правец на Жолтото и Источното Кинеско Море.
Националната агенција за поморска безбедност на Јужна Кореја издаде предупредување до бродовите за планираното лансирање за овие области, како и во случајот со претходните лансирања. На почетокот на оваа година Северна Кореја веќе двапати се обиде да лансира, како што вели, шпионски сателити, но без успех. Јужнокорејските власти во последните денови предупредија дека се чини оти набргу ќе се обидат повторно.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида ги осуди плановите и рече дека одбранбените системи на неговата земја, вклучително и разурнувачите „Егис“ и ракетите за воздушна одбрана „PAC-3“, се подготвени за секоја „неочекувана ситуација“.
„Дури и ако целта е да се лансира сателит, употребата на технологија за балистички проектили е кршење голем број резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации“, изјави Кишида за новинарите. „Тоа е исто така прашање што во голема мера влијае на националната безбедност“, додаде тој.
Јапонија ќе соработува со САД, Јужна Кореја и други за да ја убеди Северна Кореја да не продолжува со лансирањето, рече Кишида. Јужнокорејското Министерство за одбрана соопшти дека го набљудува планираното лансирање на Северна Кореја.
Пјонгјанг смета дека нејзините вселенски и воени ракетни програми се суверено право и планира да има флота од сателити за следење на движењата на американските и јужнокорејските сили. Зајакнувањето на воената моќ е суверено право на Северна Кореја и е одговор на системот за вселенски надзор предводен од САД, објави во вторникот државниот медиум КЦНА.
Аналитичарите велат дека шпионските сателити се клучни за надградбата на оружјето на Северна Кореја.
Ова е прво лансирање од септември кога севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун го обиколи рускиот космодром, каде што рускиот претседател Владимир Путин вети дека ќе му помогне на Пјонгјанг да изгради сателит. Јужна Кореја посебно планира да го лансира својот прв извидувачки сателит на 30 ноември од Калифорнија со помош на САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Падна снег, дува силен ветер: делови од Хрватска без струја, автопатот затрупан
Снег паѓа во Горски Котар и Лика и во делот на континентална Хрватска – од Загорје, Меѓумурје до Славонија. Силен ветер дува на Јадранот, во Риека ветерот урива дрвја и телефонски столбови.
Поради снегот, во Горски Котар и Лика во моментот нема слободен патен правец од внатрешноста кон Далмација, Риека и Истра и обратно за камионите со приколки и сите други возила што немаат зимска опрема.
Поради ветерот, на автопатот А7 Рупа – Крижишќе сообраќајот е забранет за автобуси, мотоцикли и возила со камп-приколки.
Свет
Украинскиот парламент ја откажа седницата поради закана од напад
Украинскиот парламент ја откажа седницата поради нова закана од напади.
„Блумберг“ пренесува дека овој потег доаѓа откако Москва вчера лансира експериментална балистичка ракета со среден дострел кон Украина.
Како што најавија надлежните, пленарната седница ќе продолжи следната недела.
Украина објави дека Русија вчера лансирала нов тип балистичка ракета кон градот Днипро како најнова ескалација на непријателствата и алармантен сигнал до западните поддржувачи на Киев.
Рускиот претседател Владимир Путин синоќа изјави дека Русија како одговор на нападите на американските и британските ракети со долг дострел лансирала нова балистичка ракета со среден дострел „Орешник“ на украинска територија, на која, како што рече, современите системи немаат начин да ѝ се спротивстават.
Регион
Силен земјотрес во Грција: се стресе островот Кос
Земјотрес со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала денеска ја погоди Грција.
Епицентарот на земјотресот бил на 36 километри од градот Кефалос на островот Кос на длабочина од 104 километри.
Засега нема информации за причинета материјална штета.