Култура
Ретроспектива на филмските остварувања на „Петра Пан продукција“ во Кинотеката во Скопје
Во Кинотеката во Скопје, на 24, 25, 27 и на 28 ноември, ќе се одржи ретроспектива на филмските остварувања на „Петра Пан продукција“. На филмската програма се седум остварувања со разни содржини и нијанси на документарниот жанр.
Ретроспективата се одржува во рамките на проектот Месец на европскиот филм, што се реализира од мрежата на кина „Европа синемас“ и има цел во 70 европски града преку разни европски филмови да презентира специјални програми, настани и филмски ретроспективи.
Ретроспективата на „Петра Пан продукција“ ќе биде отворена на 24 ноември (петок), во 18 часот, со проекција на документарниот филм „Бабичките на револуцијата“ (документарен филм, Словенија/Куба, 2006, 96 мин., колор, СД-видео), со сценарио на Бранд Феро и Петра Селишкар, во режија на Петра Селишкар. Филмот претставува интимна приказна за еден пар и нивните семејства, кои имале слична судбина во периодот на Втората светска војна. Тоа ги натерало Петра Селишкар и Бранд Феро да го направат овој документарен филм, кој ги однесе во Словенија, Македонија и во Куба, од каде што потекнуваат нивните баби и дедовци. Филмот е полн со емотивни и комични елементи и нè воведува во верувањата во три идеологии.
Истата вечер во терминот од 20 часот ќе следува проекција на филмот „Тело“ (документарен филм, Словенија/Македонија /Хрватска, 2023, 92 мин., колор), трогателна долгометражна приказна на режисерката Петра Селишкар, која опфаќа две децении од чудесниот живот на Уршка Ристиќ, блиска пријателка на режисерката Селишкар, додека се бори со ретки автоимуни болести. На проекцијата ќе присуствува Митко Филев, еден од протагонистите во филмот, кој ќе одговара на прашањата од публиката по проекцијата.
На 25 ноември (сабота), во 18 часот, ќе биде прикажан филмот „Се прашувам кога ќе ти недостигам“ (игран филм, Италија/Словенија, 2019, 90 мин., колор) во режија на Франческо Феи, со сценарио на Кјара Барзини, Франческо Феи, Лука Инфаскели. Станува збор за драмедија, бајка што се занимава со клучни теми, како што се тинејџерската нелагодност, важноста на волјата и моќта на сонот, а раскажана со реализам и поезија.
Во терминот од 20 часот, на 25 ноември, ќе биде прикажан музичкиот документарец „Мојот превртен свет“ (документарен филм, Словенија/Македонија/Хрватска, 2016, 74 мин., колор), со сценарио и режија на Петра Селишкар. Филмот ја раскажува животната приказна на еден сестран словенечки уметник со сериозно оштетување на мозокот, наречено разум.
Ретроспективата ќе продолжи на 27 ноември (понеделник), во 20 часот, со проекција на филмот „Денови на лудило“ (документарен филм, Хрватска/Словенија, 2018, 73 мин., колор), со сценарио и режија на Дамијан Ненадиќ. Преку партиципативниот метод на снимање филм приказната нè води низ деинституционализацијата и социјализацијата на ментално болните лица.
Последната вечер на ретроспективата, 28 ноември, е посветена на бендот и на пријателите на култниот скопски состав „Бернајс пропаганда“ и ќе донесе две филмски остварувања.
Во терминот од 18 часот е проекцијата на „Мама Европа“ (документарен филм, Словенија/Македонија/Хрватска, 2013, 90 мин., колор), со сценарио на Петра Селишкар и Тера Феро Селишкар, во режија на Петра Селишкар. „Мама Европа“ е приказна за Европа видена низ очите на шестгодишната Тера. Родена на Балканот, но израсната како граѓанин на светот, од татко со кубанско-македонско потекло и мајка со словенечки корени, малата Тера многу бргу учи што е тоа граница.
Во 20 часот ќе биде прикажан музичкиот документарец „Ако никој не свири“ (документарен филм, Македонија, 2010 г., колор, 54 мин., СД-видео), со сценарио и режија на Ѓорѓи Јаневски, кој ќе биде присутен на проекцијата и ќе одговара на прашањата од публиката. Филмот одблиску ги следи почетоците на бендот „Бернајс пропаганда“ преку секојдневниот предизвик да се живее за музиката и е приказ на подземната историја на скопската рокенрол-сцена, за нејзиниот автентичен урбан сензибилитет и неисцрпна креативна енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Black Friday во „Литература.мк“ со сериозно големи попусти до 90 отсто
Магијата на Black Friday пристигна во книжарниците на „Литература.мк“!
Во рамките на големиот шопинг-настан Black Friday (Блек фрајдеј), од денеска (22 ноември), па сѐ до 1 декември, во „Литература.мк“ ќе има сериозно големи попусти, дури и до 90%!
На попуст од 70% се бестселери, мотивациски книги, современи класици, биографии и книги за деца и млади од издавачките куќи „Арс Ламина“, „Култура“, „Полица“, „Бата прес“ и „Сакам книги“, „Антолог“ и „Три“.
До 90% намалување има на дел од гифт-програмата, на играчки, едукативни материјали, друштвени игри, украси за домот и канцеларијата, подароци, колекционерски производи, куфери и друго. Станува збор за селекција на производи од престижни интернационални брендови, како: Lego, Baci Milano, Ferrari, Scooterice, Clementoni, Fundamental, BG Berlin, PBM express, Abysse, Erik, Cerda, One collection, Cogo, CV Cristal, Alessi, 4М, Lexon, Italeri, Manopulos, SOL expert group, Matador и Hanipol.
Попустите важат во сите книжарници на „Литература.мк“ (на ул. „Македонија“, во „Скопје сити мол“, „Ист гејт мол“, „Дајмонд мол“, ТЦ „Буњаковец“, Битола и Струмица), како и за онлајн-нарачките преку www.literatura.mk.
Со оваа акција се овозможува навреме да си обезбедите новогодишни подароци, но и да го дополните својот дом со нови книги и уникатни производи по супер намалени цени!
Каталогот со попустите можете да го разгледате на следниот ЛИНК.
Култура
(Видео) „И јас сум Сирма” ја запали Македонија: лектира, историска читанка и „Оче наш“ на секој Македонец“
Најновата книга „И јас сум Сирма“ на авторот Зоран Спасов-Sоф ги сруши сите стереотипи за промоција не една книга. Издавачот „Арс ламина“ направи своевидна револуција во промовирањето на овој исклучително контроверзен роман.
Горат социјалните мрежи, порталите, брендирани автобуси возат низ градот, дваесетметарска реклама осамна спроти Владата, на радиостаниците ги слушаме трите реклами со баритонот на Александар Микиќ…
Двоецот „Арс ламина“ – Sоф ја помести границата за промоција на едно дело од областа на културата. Дури и оние што не читаат книги ја посетуваат веб-страницата www.ijassumSirma.mk за да дознаат повеќе информации за овој роман.
Првиот дел од кампањата заврши со спектакуларната промоција во МКЦ, каде што преку илјада книгољупци ја дочекаа Сирма да се појави на бината, придружена од нејзиниот „Сирма рокенрол-бенд, кој со еден пинкфлојдовски и седумосмински аранжман ја изведе „Заветна”.
Книгата се продава во салоните на www.literatura.mk. Исто како и пртходно, и овој пат, кога станува збор за „Арс ламина“ и Зоран Спасов-Sоф, средствата од продажбата ќе бидат наменети во хуманитарни и добротворни цели.
ПР-текст
Култура
Претставатата „Земја на штркови“ вечерва гостува во Свети Николе
Вечерва со почеток од 20:00 час. во ДК “Крсте Мисирков” – Св.Николе, гостува Театар Провокација со претставата “ЗЕМЈА НА ШТРКОВИ” во режија на Роберт Ристов.
Претставата „Земја на штркови“ е претстава која предупредува и отворено говори за причините и последиците од енормниот број иселувања на младите луѓе од татковината, поставувајќи ги прашањата: Дали доколку го гледаме само својот пат, можеме да бидеме среќни? И дали доколку остануваме инертни, можеме да промениме нешто? Дали најлесното и наједноставно решение е да се замине таму некаде во туѓина, барајќи подобро место за живеење, или заминувањето е доживотна болка и непополнета празнина која останува цел живот? Дали овие крици од сцената се последните обиди да нѐ разбудат од летаргичноста, но и од заблудите, и да нѐ натераат да се преиспитаме самите себеси, до каде – тоа сме доведени и дали е крајно време да се преземе одговорност за последицата наречена – бела чума!
Играат: Мирјана П. Ристов, Роберт Ристов, Изабела Јакимова и Радо Алексовски.
Истата оваа претстава на 26.11 гостува во Пробиштип, на 06.12 Велес, на 10.12 по втор пат ќе гостува во Охрид, а на 11.12 ќе ја има и скопската премиера во МКЦ.