Македонија
(Видео) Петкоска: Како пратеникот Лазе Танески стана главен хотелиер во Охрид, дали е вистина дека фирма блиска до него има камиони во РЕК „Битола“?
По речиси 8 години, охриѓани гледаат дека СДС имале пратеник од Охрид по име Лазе Танески, кој дури сега смогна храброст и се појави на комична прес-конференција. СДС и Танески бесцелно ги напаѓаат градоначалникот Кирил Пецаков и ВМРО-ДПМНЕ, кои имаат трипати повеќе доверба од охриѓани за разлика од нив, истакна на денешната прес-конференција Лидија Петкоска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
СДС и Танески, вели таа, се служат со конструкции и лаги мислејќи дека може да направат дефокусирање од нивната неспособност и криминал.
„Охриѓани, да, навистина чекаат одговор, но ги интересира каква е состојбата со фамилијарното стебло на пратеникот Танески?
Ќерката е вработена докторка и како најдобра и најзаслужна добила инстант-специјализација, а зетот за ќерка е вработен во контрола на летање веднаш по назначувањето на Лаки за претседател на ОО СДС.
Дали партиската определба и фамилијарната поврзаност се основен услов за вработување за СДС и кланот Танески?
Охриѓани чекаат и одговор дали е вистина дека блиска фирма до кланот Танески и зетот има камиони во РЕК „Битола“ и дали е тој директно вклучен?
Охриѓани се прашуваат како Танески стана главен хотелиер молејќи по вратите на локалната самоуправа во времето од ВМРО-ДПМНЕ за одобрение за градба на хотелот, каде што подоцна со предмет во градежниот инспекторат, базенот и другите помошни објекти се прогласени за дивоградба и не исполнуваат услови за легализација. Токму затоа пратеникот Лазе гласаше за Законот за легализацијата и ревносно го промовира иако е против препораките на УНЕСКО за кои наводно се изборил тој и СДС“, потенцира Петкоска.
Охриѓани, како што рече, сакаат да знаат дали кланот Танески има возен парк од над 200.000 евра и три СУВ-возила „ауди“ и кој му ги платил?
„Затоа и ја повикуваме ДКСК да го испита возниот парк на чие име се води затоа што во анкетниот лист како пријавен во ДКСК како пратеник возилата не се пријавени во него!
Дали е на повидок нов случај „Артан Груби“ од редовите на СДС?
Дали е вистина дека вработените преку синдикатот на РЕК „Битола“ и ЕЛЕМ (сега ЕСМ) летуваат во хотелот „Лаки“ редовно и зошто токму тој хотел е избран од целата охридска ривиера?
СДС и Танески како централна власт немаат ништо сработено за Охрид и никако не може да се помират дека градоначалникот Пецаков и ВМРО-ДПМНЕ како локална власт градат и работат домаќински“, оценува таа.
Танески и неговиот клан, како што додава, нека си погледнат во неговата партија колку нивните функционери се поврзуваат со криминални афери на дневна основа и да дадат одговори на многу прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одбраната на министерот Шабан Салиу, обвинет како поранешен директор на ДЗС ќе даде воведни зборови, ново судење за „Пулс“
Судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ од кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени продолжува денес во судницата во Идризово со воведни зборови од одбрана на поранешните директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Пред крајот на рочиштето за „Пулс“ што се одржа минатата недела судијката Диана Груевска-Илиевска ја повика одбраната на Шабан Салиу за воведни зборови, но откога неговиот адвокат кажа дека има долг воведен збор го прекина судењето и најави дека на денешното рочиште ќе ја слушне одбраната на сите обвинети поврзани со Дирекцијата за заштита и спасување.
Шабан Салиу е актуелен министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата на Ромите 2022-2030 Тој е обвинет како поранешен директор на дирекцијата за заштита и спасување. На таа функција Салиу беше од 2088 до 2017 година.
На листата обвинети поранешни директори на Дирекцијата се и Аднан Џафероски кој директорувал од 2017 до 2020, Беким Максути кој бил директор на ДЗС од 2020 до 2024 година и Џеват Селами кој беше назначен за директор на ДЗС во август 2024 година и беше на функцијата кога се случи трагедијата во Кочани.
Како инспектор во Дирекцијата меѓу обвинетите е Љупчо Грнчиштанов.
По воведните зборови од бранителите на вработените во ДЗС следуваат воведните зборови од одбраната на поранешните министери за економија и на врабптените во Министерството за економија.
Македонија
НБРМ: Во тек е конкурсот за годишната награда за млади истражувачи на Народната банка
Народната банка ги потсетува младите истражувачи дека е отворен Конкурсот за Годишната награда за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2026 година. Наградата има за цел да го поттикне развојот на научната мисла и изработката на квалитетни истражувачки трудови во овие области, како и да ги афирмира младите стручни кадри.
Право на учество имаат државјаните на Република Северна Македонија до 35-годишна возраст. Трудовите треба да содржат осврт на македонската економија и да не надминуваат 80.000 карактери, со препорачана стандардна научна структура. Може да се конкурира и со веќе објавени трудови, но не пред 1 јануари 2024 година.
Пријавувањето се врши електронски, на е-адресата: [email protected], во ворд-формат, со назнака „За Годишната награда на Народната банка“. Авторите доставуваат и кратка биографија. Сите трудови се третираат како доверливи материјали, соопштиваат од НБРМ.
„Еден автор може да поднесе само еден труд, на македонски, албански или на англиски јазик.
Трудовите ќе се вреднуваат според повеќе критериуми, вклучително и според релевантноста на темата, квалитетот на анализата, методолошкиот пристап и јасноста на заклучоците.
Крајниот рок за доставување е 1 февруари 2026 година. Годишната награда за прворангиранот труд изнесува 130.000 денари, додека за второрангираниот е 65.000 денари.
Конкурсот е достапен на веб-страницата на Народната банка на следнава врска: https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-soopstenie-17062025-2.nspx“.
Македонија
Герасимовски: Нов буџетски форум, со центарци денеска ги дефинираме приоритетите за 2026
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повикува сите жители да присуствуваат на буџетскиот форум за 2026 година, кој ќе се одржи денеска, 10 декември, во 19:00 часот, во ООУ „Димитар Миладинов“.
Форумот претставува можност граѓаните директно да се запознаат со општинските политики, да предложат проекти и идеи што ќе придонесат за подобрување на условите за живеење и да бидат дел од оформувањето на буџетот за наредната година, известуваат од Општината.

„Заедно со граѓаните реализиравме голем број успешни и значајни проекти, а така ќе биде и во наредниот период. Ги поканувам центарци да ги дефинираме приоритетите што ќе придонесат за развој на нашата општина,“ истакна Герасимовски.
На форумот ќе учествуваат раководителите од општинската администрација, претставниците на месните и урбаните заедници, претставници на невладиниот сектор, како и сите жители што сакаат активно да учествуваат во формирањето на општинскиот буџет.
Општина Центар останува посветена на транспарентно, отчетно и инклузивно донесување одлуки, со цел да се обезбедат проекти што ги одразуваат реалните потреби на заедницата, се додава во соопштението на Општината.

