Македонија
Маричиќ: До последен ден од мандатот не се откажуваме, ќе ја убедуваме ВМРО-ДПМНЕ да не си ја блокираат државата
На декемврискиот самит не може да очекуваме дека ќе се случи нешто спротивно од она што е напишано во преговарачката рамка и од она што веќе ни е дадено како обврска, вели вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ. Тој очекува да имаме охрабрувачки пораки и покрај тоа што претседателот Стево Пендаровски јавно рече дека на самитот нема да има позитивна одлука за нас оти нема уставни измени.
„Процесот на скринингот ќе заврши во првата недела од декември. Ние ги подготвуваме и ќе ги испратиме оние патокази што ни се обврска од крајот на скринингот во првиот кластер и понатаму тука ќе застанеме доколку не се завршат уставните измени. Бидејќи во моментот нема изгледи тоа да се случи, треба да очекуваме застанување. Но, ние не се откажуваме од тоа. Не се откажуваме до последниот ден од мандатот на овој собраниски состав да разговараме и да ги убедуваме колегите од ВМРО-ДПМНЕ да не ја блокираат сопствената држава, да не влезат во еден вител, во еден тунел, во кој веќе еднаш нѐ имаат внесено во 2008 година и да соберат сила заедно да го направиме овој потег. Одговорноста ќе биде заедничка, но и поените, да докажат на дело дека навистина се за Европската Унија“, рече вицепремиерот Маричиќ.
Маричиќ и денес, по којзнае кој пат, повтори дека блокадата на државата во овој момент има име и презиме, дека тоа се ВМРО-ДПМНЕ и пратениците на оваа политичка партија, кои свесно, со политичка одлука, ја блокираат државата во понатамошниот тек на преговорите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Трипуновски бега од одговорност за суспензијата на ИПАРД-средствата
Две недели по обелоденувањето на, како што го нарекува СДСМ, „мега-скандалот со ИПАРД-средствата“, министерот за земјоделство Љупчо Трипуновски и понатаму не дава одговори на клучните прашања поврзани со суспензијата на европските фондови, соопштија од партијата.
Од СДСМ реагираат дека на нивното официјално барање за информации, министерот доставил само „општи законски рамки и цитати од регулативи“, без конкретни податоци за причините за суспензијата, времетраењето и чекорите кои МЗШВ планира да ги преземе.
„Нема ниту збор за причините, нема ништо за времетраењето на суспензијата на средствата од ИПАРД, нема ниту информација за планираните чекори за надминување на овој сериозен проблем. Едно големо ништо“, стои во соопштението, од каде го нарекуваат односот на министерот „директна навреда“ за земјоделците и за компаниите кои зависат од поддршката од европските фондови.
Од партијата предупредуваат дека суспензијата на над 130 милиони евра претставува сериозен удар врз илјадници земјоделци и бизниси кои веќе вложиле средства, земале кредити и очекуваат исплати.
„Овие луѓе имаат право да знаат до кога ќе трае суспензијата и кој ќе им ја покрие штетата од доцнењето“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека министер кој „не чувствува одговорност“ не треба да ја води оваа институција.
Во соопштението се посочува дека Трипуновски избегнува медиумски соочувања и не се појавил на пратенички прашања, што според СДСМ значи дека „нема како да се одбрани“.
Кузеска: Новиот протокол е изговор за застој на реформите
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, во одговор на новинарско прашање за ставовите на власта дека ќе бара нов протокол, оцени дека ваквите најави се „уште еден измислен изговор“ за да не продолжат реформите и евроинтегративниот процес.
„Граѓаните се веќе уморни од нови празни зборови. Велеа дека можат да обезбедат подобар договор со Бугарија, нова преговарачка рамка, дека се во периметарот. Ништо од тоа не се случи“, изјави Кузеска.
Во однос на реформите во правосудството, таа оцени дека власта нема политичка волја да ги спроведе чекорите утврдени од експертите и ЕУ.
Македонија
Градоначалникот Митко Јанчев по скандалот со Аца Лукас: Кочани сценарио нема да дозволиме
Не стивнуваат реакциите по скандалот што се случи со пејачот Аца Лукас кога беше прекинат неговиот концерт во Кавадарци. Тој беше приведен од страна на полицијата, а според официјалното соопштение од страна на Министерството за внатрешни работи, Лукас во ресторанот во Кавадарци настапувал без потребна дозвола.
Од овие причини околу 00.10 часот концертот на Аца Лукас беше прекинат и пејачот беше однесен во судот во Кавадарци, каде по скратена постапка, бидејќи е странец, му беше изречена парична казна.
Настапот на српската ѕвезда Аца Лукас во Кавадарци бил прекинат поради сериозни безбедносни пропусти, непријавен ангажман и прекршување на правилата за работа на локалот. Ова го потврди и градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев, додавајќи дека нема да дозволи Кочани сценарио во неговиот град и дека безбедноста треба секогаш да е на прво место.
Градоначалникот Јанчев објасни дека организаторите однапред поднеле барање до Општина Кавадарци за поставување урбана опрема и проширување на просторот за концерт, но барањето било одбиено поради проценка дека условите се небезбедни.
„Беше побарано од Општина Кавадарци дозвола за поставување опрема за настанот на Аца Лукас. Комисијата утврди дека нема услови за тоа, поради безбедносни причини. На 14.11 барањето беше одбиено, а сопственикот беше писмено и усно информиран“, изјавил Јанчев.
Локалот во кој што настапувал Лукас имал капацитет од 200 гости, а внатре биле затекнати дури 700 лица.
„Не смееме да дозволиме да се повтори трагедија како онаа во Кочани. Локали пренатрупани со гости, без почитување на безбедносните мерки, тоа во Кавадарци нема да помине“, додаде градоначалникот.
Јанчев напомена и дека ангажманот на самиот изведувач не бил пријавен ниту во Агенцијата за вработување, ниту во Министерството за труд, што претставува дополнителен прекршок.
Македонија
По поплавите во Царев Двор и Дрмени, Општина Ресен најави дезинфекција на улиците
По поплавите што ги зафатија преспанските села Царев Двор и Дрмени, Општина Ресен најави дека утре, доколку времето се стабилизира, ќе започне дезинфекција на улиците и јавните површини со хлор, со цел спречување на здравствени ризици.
Како што изјави за МИА градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски, намерата е преку дезинфекција да се отстранат потенцијалните проблеми.
-Денеска продолжуваме со интензивно собирање, чистење и отстранување на ѓубрето кое се насобра на различни делови носено од надојдените води. Утре ако времето се стабилизира, улиците и други површини во селата Царев Двор и Дрмени ќе ги миеме со хлор, а преземаме и други заштитни мерки важни за здравјето на луѓето на повеќе населени места во Преспа, нагласи Тозиевски.
Излевањето на Источна Река и Болнска Река поплави куќи, дворови, магацински простори и други површини, а најмногу во преспанските села Царев Двор и Дрмени.
Во расчистување на теренот голема е поддршката на локалното население, а вклучени се и екипи на јавните претпријатија „Пролетер“ и „Македонија пат“ кои испумпуваат вода, чистат и интервенираат секаде каде што е потребно.
-Акцијата е во тек, всушност таа воопшто не застана, а паралелно ќе разговараме со претставници на националните институции за формата на обесштетување на населението кое претрпува големи штети од невремето што ја зафати Преспа, и посебно селата Царев Двор и Дрмени, изјави тој.
Од Општина Ресен апелираат граѓаните да ги почитуваат сите препорачни мерки за начинот на употреба на вода за пиење како и користење на безбедна храна за луѓето, но и за домашните миленици и животни.

