Македонија
(Видео) Мециновиќ: Левицата ќе ја турне диктатурата, решетки за сите ѕверови што им ја пијат крвта на обичните луѓе
„Кога станува јасно дека сите политички партии на олигархијата ДПМНЕ – СДС – ДУИ дејствуваат координирано, и другите партии во Собранието учествуваат во орото што тие им го свират, кога стана јасно дека во институциите преку Левицата е претставена народната волја, која се попречува на владеењето на овие бизнис-партии – со вчерашното носење на новиот Деловник во Собранието се формализира диктатурата на широката коалиција“, рече портпаролот на Левицата, Амар Мециновиќ.
„Режимот на СДС – ДПМНЕ – ДУИ има цел целосно да го пороби народот, за државата да им служи единствено за богатење на раководствата на партиите додека под нивната авторитарна чизма се слушаат пискотници од голготата на обичниот народ на кој му е одземено се. Народ чии семејства се разединуваат поради мизеријата која ја приредува политичката олигархија, чии животи се безвредни за монструозната тројка која не престанува да се богати – чиј народен суверенитет се потиштува за конечно и да му се одземе државата. Народ кој се тетерави да се ослободи од фаталниот стисок на сецесионизмот на ДУИ, предавничката нарав на СДС и лажниот патриотизам на ДПМНЕ со чиј благослов се одзима државата – создадена од крвта на нашите претходници.
118 од 120 пратеници се на истата страна, на страната на бизнисот и профитот, на страната на антимакедонските сили. Со парализа на Собранието, на домот на народот, токму на тој начин, ДПМНЕ со сигурност ќе ги внесе и Бугарите во Уставот во следниот мандат. Сè ќе направат за да продолжат да владеат. Да владеат и ненаситно да се богатат, па и по цена на расчеречување на државата.
За вчерашното грозоморно прекршување на Уставот и законите на Република Македонија, Левицата ќе поднесе кривична против Талат Џафери и архиварите во Собранието, а услов на Левицата за формирање секоја идна влада ќе биде процесирање на кривичните пријави и, конечно, затвор за сегашниот собраниски спикер.
Македонскиот народ, под деценискиот притисок на овие човекојадци од СДС-ДУИ-ДПМНЕ го пронајде во своите редови оружјето со кое ќе се одбрани од оваа ламја со три глави – преку партијата на народните маси Левица, во антифашистички и народен фронт спремен за финална пресметка. Сите велепредавници, кои ја овозможуваат и ја продлабочуваат диктатурата на антимакедонската политичка олигархија, ќе се соочат со безмилосен крај, кој ќе ги стави зад решетки овие ѕверови, кои им ја пијат крвтта на обичните луѓе“, изјави портпаролот на Левицата, Амар Мециновиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

