Македонија
Орце Ѓорѓиевски: Расадник ќе има згради, но и парк 10 пати поголем од претходниот план
Моето ветување е исполнето. Избран е концептот за хумано домување наместо бетонизација на Расадник, објави на социјалните мрежи градоначалникот на општината Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
„Сите заедно сме сведоци на почетокот на новата ера на владеење на правото во општина Кисела Вода и на транспарентно водење политики во служба на граѓаните. Денес, финализираме проект, кој претставува своевидна револуција во урбанистичко-архитектонското дејствување во Македонија бидејќи тој овозможи одговорно, транспарентно, стручно и хумано планирање на изгледот на урбаната заедница Расадник. Првпат по изборот на планот на Кензо Танге за обнова на постземјотресно Скопје во 1965 година, распишавме меѓународен конкурс за избор на идејниот лик на ДУП-от за Расадник и денес ги имаме резултатите“, објави Ѓорѓиевски.
Рече дека предлог-планот за Расадник од 2020 година на претходната општинска гарнитура во делот кој денес е зелена површина, односно неизградениот дел од Расадникот, предвидуваше 99 згради и речиси 1 милион м2 станбена површина, а за градежни парцели со намена зеленило имаше површина од приближно 10.000 м2. Сите пристигнати трудови од меѓународниот конкурс, сите денес изложени решенија, како што може и сами да видите, имаат над 100.000 м2 зелена површина, односно Кисела Вода и Скопје добиваат нов градски парк со површина над 100.000 м2, што е 10 пати поголема зелена површина од предложениот урбанистички план во 2020 година. Во однос на станбените објекти, вкупната етажна површина за градење со намена домување во неизградениот дел од Расадникот изнесува максимално 192.400 м2, што е 80 % помала од предлог-планот од 2020 година“, објави Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.