Свет
Путин: Неопходно е да се размисли како да се запре трагедијата во Украина, Русија никогаш не ги одбила мировните преговори

Рускиот претседател Владимир Путин денеска пред групата Г-20 водечки светски економии изјави дека е неопходно да се размислува како да се запре трагедијата на војната во Украина и дека Москва никогаш не одбила да учествува во мировните преговори со Киев.
Путиn ги праша своите колеги дали се вознемирени од истребувањето на цивилите во Појасот Газа или од фактот што во тамошните болници се вршат сериозни операции на деца без анестезија.
„Дали сте потресени од фактот што секретарот на ОН рече дека Појасот Газа се претвори во огромни детски гробишта“, ги праша тој колегите кои во говорите пред него кажаа дека се потресени од „руската агресија во Украина“, пренесува „РТ Балкан“.
„Да, се разбира, воените дејствија секогаш се трагедија“, рече Путин на состанокот на групата Г-20, што беше свикан од индискиот премиер Нарендра Моди, актуелниот претседавач.
„И секако, треба да размислиме како да ја запреме оваа трагедија. Патем, Русија никогаш не ги одбила мировните преговори со Украина“, додаде Путин.
Висок руски функционер вчера изјави дека Москва не може да коегзистира со актуелната влада во Киев и дека ќе продолжи со, како што ја нарекува, специјална воена операција за демилитаризација на Украина, според написите на медиумите во регионот.
Путин не учествуваше на претходните самити на Г-20 во Њу Делхи оваа година и Нуса Дуа минатата година, каде што го испрати министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Во 2021 и 2020 година рускиот претседател им се обрати на учесниците на состаноците на самитот од Москва. Последен пат тој лично присуствуваше на собирот на групата Г-20 во јапонскиот град Осака во 2019 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Русија до Западот: Тврдоглаво игнорирате додека режимот во Киев се обидува да ја спаси кожата на Зеленски

„Тврдоглаво се обидувате да игнорирате како темелно корумпираниот режим во Киев се обидува да ја спаси кожата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, доведувајќи ја во прашање иднината на својата земја. За тоа детално ќе разговараме на посебниот состанок што го побаравме за 31 јули, каде што предлагаме фокусирање на акциите што ја поткопуваат потрагата по дипломатски пат за решавање на украинскиот конфликт – вклучително и обидите да се попречи директниот руски-украински преговарачки процес во Истанбул“, изјави заменикот на рускиот амбасадор во ОН, Дмитриј Пољански, на седницата на Советот за безбедност, обраќајќи им се на претставниците на западните земји, пренесува ТАСС.
Според него, Русија подолго време и доследно предлага решавање на украинската криза по дипломатски пат.
„Но вас тоа не ве задоволува – сè додека сте подготвени да продолжите да се борите против Русија преку рацете на Украинците. А фактот што ги има сè помалку – воопшто не ве вознемирува“, предупреди рускиот дипломат.
Русија и Украина во мај и јуни одржаа две рунди преговори, по што следуваше размена на заробеници и предавање на телата на загинатите украински војници. Двете страни исто така разменија нацрти меморандуми за решавање на конфликтот.
Свет
Eрдоган: Работиме на средба меѓу Путин и Трамп во Истанбул, тоа ни е целта

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека оваа недела би можел да оствари телефонски разговори со рускиот претседател Владимир Путин и со американскиот претседател Доналд Трамп, со цел да ја испита можноста за организирање лидерска средба во Истанбул, на која би се разговарало за конфликтот во Украина.
„Со телефонски разговори со Путин и Трамп оваа недела ќе видиме дали можеме да ги собереме во Истанбул, тоа ни е целта“, изјави Ердоган за новинарите, откако руските и украинските делегации се сретнаа во Истанбул.
Третата рунда разговори меѓу Москва и Киев во Истанбул се одржа во средата и траеше околу 40 минути.
Првата рунда преговори, одржана на 16 мај, заврши со договор за размена на заробеници по формулата „1.000 за 1.000“, како и со договор обете страни да подготват меморандуми за надминување на кризата, потсетува „РТ Балкан“.
По втората средба, на 2 јуни, страните размениле нацрти на меморандуми за мирно решение, како и договор за размена на тешко ранети воени заробеници и тела на загинати.
Москва на Киев му предала и неколку илјади тела на загинати.
Свет
Осудени тинејџерите што го избодеа Келијан 27 пати во автобус во Лондон

Двајца тинејџери се осудени на најмалку 15 години затвор за бруталното убиство на 14-годишниот Келијан Бокаса, кој беше избоден дури 27 пати со мачети во автобус во Лондон. Еден од напаѓачите, денес 16-годишен, се смеел додека му се изрекувала пресудата, пренесува „Скај њуз“. Убиството се случило на 7 јануари во Вулич, југоисточен Лондон. Убиците се идентификувани како Мосавар Зази (16) и Колин Чабиква (15).
Судијата Марк Лукрафт ги осуди двајцата на доживотен затвор, со можност за условен отпуст дури по 15 години и 110 дена. Тој истакна дека камерите за надзор забележале дека напаѓачите се смееле за време на нападот. Смртта на Келијан ја нарече „бесмислена загуба на уште еден млад живот“.
Мари Бокаса, мајката на убиениот Келијан, изјави дека убијците го уништиле нејзиниот цел свет. Себеси се опиша како „скршена душа на која ѝ се смени животот засекогаш оној ден кога животот на детето ѝ го одзеде друго дете“.
„Се прашувам што се случило со тие две деца што довело до толку страшен чин на насилство. Не можам да си замислам како некој може да биде толку гневен. Тоа што го направија е ужасно, и можеби никогаш нема да дознаам што ги натера на тоа“, рече таа. „Тој момент на насилство можеби траеше неколку секунди, но последиците се вечни.“
Келијан на денот на убиството се наоѓал на горниот кат од автобусот околу 14:30 часот, кога му се приближиле обвинетите со оружје. Обвинителот Том Литл изјави дека е јасно дека нападот не бил спонтан, туку планиран, и дека обвинетите знаеле дека Келијан се наоѓа во автобусот.
„Му се приближија и речиси веднаш двајцата извадија мачети и го нападнаа,“ рече судијата на рочиштето. „Избоден е вкупно 27 пати пред да излезат од автобусот.“ Итните служби пристигнале брзо, но Келијан починал кратко по пристигнувањето на лекарите.
Обвинетите ја признаа вината за убиство и за поседување оружје. Една од мачетите била фрлена во реката Темза, но полицијата подоцна ја пронашла.
Главната инспекторка Сара Ли упати сочувство до семејството на жртвата, откако обвинетите ја признаа вината.
„Бруталниот и бесмислен напад врз Келијан остави длабоки последици врз неговите пријатели, пошироката заедница и сите што неуморно работеа на идентификување, апсење и процесуирање на виновниците. Се надевам дека семејството на Келијан ќе најде некаква утеха во оваа пресуда, но знам дека остануваат длабоко нажалени – бидејќи изгубени се три млади животи“, изјави таа.