Свет
Се обидела да ја отвори вратата на авионот на летот за Њујорк: јужнокорејската полиција уапси жена
Јужнокорејската полиција уапси жена што се обидела да ја отвори вратата за итни случаи на авион додека била под дејство на дрога.
Полицијата на меѓународниот аеродром во јужнокорејскиот град Инчеон приведе 26-годишна жена кога таа неуспешно се обидела насилно да ја отвори вратата за итни случаи на летот на Korean Air од Њујорк до Инчеон, пишува „Јонхап“.
Наводно, осомничената покажувала знаци на вознемиреност по 10-ина часа лет кога постојано се обидувала да ја отвори вратата, а стјуардесите не ја задржале.
При полициската истрага осомничената била позитивна на дрога.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ердоган помилува седуммина поранешни високи воени офицери за соборување на владата во 1997 година
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска помилува седуммина поранешни високи воени офицери, кои беа осудени на доживотен затвор за соборување на владата во 1997 година.
Поранешните генерали, кои се во доцните 70-ти и 80-ти години, беа помилувани поради здравствени проблеми и старост, според одлуката објавена во „Службениот весник“ на земјата во текот на ноќта, пренесе АП.
Судот ги осуди генералите на доживотен затвор во 2018 година за нивната улога во кампањата предводена од просекуларната армија на Турција, која принуди на оставка на тогашниот премиер Нејметин Ербакан.
Свет
Зеленски потпиша закон кој им дозволува на затворениците да одат на фронтот
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го потпиша законот за мобилизација, кој, меѓу другото, предвидува некои категории осуденици да може да служат војска.
Според документот, затворениците ќе може да се мобилизираат во армијата за договорна служба и ќе бидат пуштени на условна слобода. Според министерот за правда, во Украина има околу 10-20.000 осуденици, кои можеби во иднина ќе бидат мобилизирани и ќе служат во специјалните единици, пренесува „РБК Украина“.
Заменик-министерката за правда Елена Височка изјави дека пред да се усвои законот речиси 4.000 илјади затвореници се согласиле да одат на фронт во замена за условно ослободување во истражувањето спроведено во април. Истовремено, одбиени се околу 4.000 осуденици со дијагностицирани заразни болести, како ХИВ, хепатитис и туберкулоза.
Како што е наведено од Министерството за правда, од 15 мај 2024 година во украинските затвори има 27.471 осуденик, меѓу кои 1.538 жени. Заменик-министерот за правда додаде дека за законско функционирање потребно е носење подзаконски акти. Според неа, за неколку недели законот ќе биде целосно имплементиран.
Зеленски денеска потпиша и посебен закон за зајакнување на одговорноста за воени прекршоци, со кој се зголемуваат казните за оние што не ги почитуваат правилата за мобилизација.
Свет
Земјите од ЕУ повикаа на преоценување на ситуацијата во Сирија поради враќањето на мигрантите
Владите на осум земји членки на Европската Унија денеска соопштија дека е потребна преоцена на ситуацијата во Сирија за да се овозможи доброволно враќање на сириските бегалци во нивната татковина.
Во заедничката декларација официјални лица од Австрија, Чешка, Кипар, Данска, Грција, Италија, Малта и од Полска рекоа дека се согласиле за повторна процена, што ќе доведе до поефективни начини за справување со сириските бегалци, кои се обидуваат да стигнат до земјите на Европската Унија бидејќи ситуацијата во Сирија значително се промени, иако не е постигната целосна политичка стабилност, пренесува АП.
Во декларацијата се наведува дека ЕУ треба дополнително да ја зголеми својата поддршка за Либан со цел „да се намали ризикот од уште поголем прилив на мигранти од Либан во ЕУ“ откако претходно овој месец ЕУ објави пакет-помош за Либан во вредност од околу една милијарда евра со цел зајакнување на граничните контроли за да се запре приливот на баратели на азил и мигранти кон Кипар и Италија.