Свет
Зголемен ризик од терористички напади во Европа: предупредуваат европските безбедносни претставници
Европските безбедносни претставници предупредуваат на зголемен ризик од напади од страна на радикализираните исламисти по избувнувањето на војната во Појасот Газа и посочуваат дека најголемата закана претставуваат напаѓачите од типот на осамен волк, кои тешко се следат.
Повеќе од 10 претставници на разузнавањето и полицијата во пет европски земји, вклучително и Велика Британија, Германија и Франција, изјавија за „Ројтерс“ дека го засилуваат надзорот над исламистичките милитанти.
Според агенцијата, тоа дополнително ќе ги оптовари ресурсите, кои се веќе оптоварени со справување со заканите од Русија, Кина и Иран.
Неименуван британски безбедносен претставник изјави дека војната во Газа, најверојатно, ќе стане најголемото место за регрутирање на исламистичките милитанти од војната во Ирак во 2003 година.
Германски функционер вели дека колегите од разузнавачката заедница го информирале дека заканата за цивилите е најголема во поновата историја на Германија, а Јохен Копелке, кој го предводи најголемиот германски полициски синдикат, вели дека најголемата опасност доаѓа од саморадикализираните милитанти.
„Прашање на време е кога овие луѓе ќе извршат злосторства. Не секогаш се работи за тоа дека имаат бомби. Тие може да возат на митинг или да нападнат со нож“, рече Копелке.
Три лица беа убиени во два напада на исламистички милитанти во Франција и Белгија минатиот месец, а овие две земји, заедно со Австрија, Словенија и Босна и Херцеговина, го подигнаа нивото на тревога за тероризам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Уапсена поранешната шефица на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини
Поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и актуелен ректор на Колеџот на Европа, Федерика Могерини, е приведена како дел од истрагата на Европското обвинителство за можна измама во врска со академијата финансирана од ЕУ за млади дипломати, објавуваат белгиските медиуми.
Европското јавно обвинителствопретходно денес објави дека предмет на истрагата е Дипломатската академија на ЕУ, деветмесечна програма за обука на млади дипломати во земјите-членки, која Колеџот на Европа ја доби на тендерот на Европската служба за надворешна акција (ЕЕАС) во 2021 и 2022 година.
Обвинителството истражува дали ЕЕАС ги прекршила правилата за тендер со споделување доверливи информации со Колеџот пред да му биде доделен проектот.
Поранешната шефица за надворешни работи на ЕУ, Могерини, е приведена на сослушување, потврдија судски извори за белгискиот весник „Стандард“.
Меѓу уапсените е и Стефано Санино, генерален директор на одделот на Европската комисија за Блискиот Исток, Северна Африка и земјите од Заливот, кој беше генерален секретар на ЕЕАС за време на мандатот на Могерини, објавува „Белга“.
Белгиската полиција денес ги претресе канцелариите на ЕЕАС во Брисел, просториите на Колеџот на Европа во Бриж, кој добива средства од ЕУ, како и приватни домови во Белгија, вклучувајќи ја и приватната резиденција на Могерини во Бриж.
Могерини ја предводеше ЕЕАС од 2014 до 2019 година. Од 2020 година, таа е ректор на Колеџот на Европа, а беше избрана и за директорка на Дипломатската академија на ЕУ.
Свет
Ирак ги повика американските компании да го заменат „Лукоил“
Ирачкото министерство за нафта соопшти дека ги поканило американските компании да поднесат понуди за купување на мнозинскиот удел во нафтното поле Западна Курна 2, со кој моментално управува рускиот „Лукоил“. Победникот на тендерот ќе го замени „Лукоил“ како оператор.
Според изворите, ExxonMobil веќе сигнализирал интерес, а интерес покажуваат и BP, TotalEnergies и кинески компании како PetroChina, која управува со соседното поле Западна Курна 1.
„Лукоил“ има 75% од уделот во Западна Курна 2, а остатокот го контролира ирачката државна компанија South Oil Company. По американските санкции воведени во октомври, „Лукоил“ одлучи да го продаде својот странски имот.
Ирак не планира сам да го купи уделот бидејќи проектот е премногу голем за државните компании. Меѓу потенцијалните купувачи се споменуваат и IHC (ОАЕ) и американскиот инвестициски фонд Carlyle, додека швајцарскиот Gunvor се повлекол поради американските регулативи.
Санкциите ја отежнале исплатата на платите и трансферот на пари од „Лукоил“ во Ирак, па владата привремено исплатила заостанати плати за да ја задржи стабилната работа во полето, кое произведува околу 460.000–480.000 барели дневно.
Западна Курна 2 е од клучно значење за Ирак, кој извезува 3,4 милиони барели дневно, а нафтата носи 90% од буџетските приходи на земјата. Производството од ова поле сочинува 0,5% од глобалното производство на нафта.
Регион
Бугарската влада го повлече предлог-буџетот по масовните протести
Бугарската влада соопшти дека ќе го повлече контроверзниот предлог-буџет за 2026 година по масовните протести во главниот град Софија и во други градови низ земјата.
Десетици илјади луѓе учествуваа на протестите против предложениот буџет, за кој рекоа дека се обидува да прикрие широко распространета корупција во владата.
Некои демонстранти, со маски на лицата, се судрија со полицијата, претходно напаѓајќи ги просториите на владејачката конзервативна партија ГЕРБ, како и на партијата ДПС во Софија.
Владата сега соопшти дека ќе се откаже од предлогот, кој предвидуваше и повисоки даноци.
И минатата недела имаше протести, кога владата го достави предлогот до парламентот.
Буџетот за следната година ќе биде првиот што Бугарија ќе го усвои во евра, бидејќи земјата на 1 јануари се приклучува кон еврозоната.
Јавното мислење околу усвојувањето на еврото е поделено, а некои се плашат дека тоа може да предизвика висока инфлација во една од најсиромашните земји на Европската унија.
Протестите против корупцијата во власта се чести во Бугарија, со оглед на тоа што од 2020 година земјата ја водат краткотрајни влади.
Се проценува дека протестот синоќа бил најголемиот во Софија во последните години.

