Македонија
(Видео) Цела Македонија на нозе доцна вечерва: се чисти снегот со сите расположливи машини
Општините ширум Македонија на големо работат на расчитување на улиците и булеварите. Најавуваат дека се на готовс и подготвени се да работат ако треба и цела ноќ.
„Вечерва го свикав кризниот штаб на Општина Бутел имајќи ги во предвид најавите и временската прогноза за врнежи од снег во текот на ноќта. Издадов налог и насоки за подготвеност на фирмата за зимско одржување за брзо и ефикасно справување со евентуалните врнежи од снег. Дежурни екипи од комуналното одделение ќе бидат поставени на најкритичните места доколу дојде до поголеми наноси на снег. Како и минатите две години така и оваа Општина Бутел спремна ја дочекува зимата и ги уверувам граѓаните дека навремено ќе се справиме со снегот“, пишува градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски.
„Сите патишта и улици во општина Прилеп се проодни за сообрајќај! Нашата Локална самоуправа, заедно со надлежните служби и фирми, подготвени ги дочекавме врнежите на првиот снег. Службите се активирани, веќе се на терен и брзо и ефикасно патиштата се успешно исчистени осигурувајќи непречен и безбеден сообрајќај во општината.Ќе продолжиме да делуваме со цел да обезбедиме сигурност во текот на зимскиот период, за сите наши сограѓани да можат непречено да ги одвиваат своите обврски по сите наши локални патишта и улици“, вели градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески
„Попладнево, заедно со моите соработници, излеговме на терен, со цел согледување на функционирањето на Зимската служба. Првите врнежи од снег ги дочекавме целосно подготвени, така што екипите на јавните претпријатија со целата расположлива механизација, работат на расчистување на улиците, а обезбедени се доволни количини на сол и ризла за постапување согласно потребите, временските услови и според Програмата за Зимска служба за сезоната 2023/2024. После расчистувањето на улиците од прв приоритет, ќе се пристапи на расчистување на улиците од втор приоритет, а се интервенира и на патиштата до руралните места“, соопшти Тони Коњановски, градоначалник на Битола.
„Зимската служба на општина Чашка и ЈПКД Тополка активно работи на расчистување од снег на локалните патишта во општината.
Мометално со едно вклучено возило се работи на расчистување на локалниот пат кон селата Горно и долно Јаболчиште.
Зимската служба на ЈПКД Тополка во текот на ноќта ќе биде постојано на терен со цел да се обезбеди непречен сообраќај кон населените места. Почитувани граѓани на општина Чашка напоменуваме дека е задолжително употребa на зимска опрема за движење на вашите возила.
Доколку има потреба за брзо и итно реагирање за помош , побарајте го задолженото лице од општина Чашка на тел.број:075 331 340“, информира Горан Стојановски, градоначалник на Општина Чашка.
„Поради обилните врнежи од снег, се врши нанесување на сол и песок на коловозите во нашиот град, за да овозможиме безбедно одвивање на сообраќајот во сите населени места. На високите делови, како и на тротоарите, чистењето го вршат вработени во двете јавни претпријатија, кои ќе бидат дежурни во текот на целата ноќ, за жителите слободно да пристапуваат до нивните домови.
Ги повикувам граѓаните, на официјалните страници на ЈП Исар и ЈП Стипион да даваат сугестии за чистење на непроодни места и улици во секој дел од градот!“, напиша штипскиот градоначалник Иван Јорданов.
„Вечерва директно на терен лично раководам со кризниот штаб со цел расчистување на улиците од снегот. Нема ниту една улица во општина Гази Баба која во овој момент е блокирана поради врнежите од снег кои ги зафатија населените места од Црешево до Раштак! Механизацијата на економските оператори кои се задолжени за зимско оддржување навремено постапи согласно моите насоки и интензивно работи на расчистување на снегот.Се фрла сол на коловозите со цел да се спречи евентуално замрзнување, имајќи ги предвид врнежите од дожд и снег и секако ниските температури.Граѓаните да бидат спокојни. Остануваат службите во текот на целата ноќ на терен и подготвени сме веднаш да реагираме!
‼️Безбедноста во сообраќајот е наш приоритет и ќе ја исполниме нашата должност да создадеме услови граѓаните безбедно и непречено да можат да ги извршуваат своите обврски“, стои во објавата на градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре почнува судењето за пожарот во „Пулс“, обвинителството со тим од 15 обвинители
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март, а во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува утре, во судницата во затворот „Идризово“.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но најверојатно ќе ангажираме уште неколку, за да не се одолговлекува постапката. Од наша страна сме целосно подготвени и екипирани“, изјави минатата недела Коцевски.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница било кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
Според обвинителниот акт, со години се кршеле закони, се прикривале неправилности и се дозволувало објектот да функционира иако не ги исполнувал ниту минималните услови за безбедност. Обвинети се сопственици на дискотеката, членови на нивните семејства, архитектка, ексградоначалници, инспектори, обезбедувачи и државни функционери.
Македонија
23-годишник од Волково принудувал петгодишно девојче на полови дејствија, поднесено обвинение
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против 23-годишник од Волково, бидејќи се обезбедено докази дека извршил други полови дејствија со девојче кое не наполнило 15 години согласно член 188 став 5 од Кривичниот законик.
Во временскиот период од мај до јули годинава, обвинетиот во својот дом принудувал петгодишно девојче на полови дејствија и и се заканувал дека не смее да му кажува за тоа на нејзиниот татко.
Заедно со обвинението, надлежниот јавен обвинител до судот поднесе и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.
Македонија
Филипче слепо ја следи агендата на Заев и ја игнорира потребата од реформи во партијата, смета ВМРО-ДПМНЕ
Венко Филипче безрезервно ја следи политичката стратегија на Заев штитејќи ги бизнис интересите на кланот Заеви, а притоа целосно ги игнорира барањата на базата во партијата и ја занемарува потребата од реформи, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче доживеа дебакл на изборите со само 120 илјади гласа и 6 општини ја уништи довербата кај граѓаните и членството на партијата. Единствен приоритет на Филипче е исполнување и реализација на барањата и планот на Заев. Реформите и напредокот на СДС се во втор план на Филипче, а фокус му се желбите и заштитата на Заев. Филипче делува по насока на Заев, потврда за тоа е изборот на лојални кадри блиски до Заев и поставувањето на Александар Трајановски за потпретседател на партијата“. велат од партијата.
И додека Филипче ја турка СДС во лидерска криза, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, актуелни и поранешни функционери се дистанцираат од него и не сакаат да бидат дел од раководството на СДС токму поради недовербата во неговото лидерство.
„Филипче со своето делување ги блокира реформите во партијата. Единствен чекор со кој може да ја спаси партијата од дополнително раслојување е оставка и целосна внатрешна реформа низ транспарентен и демократски процес. На Македонија и е неопходна силна и конструктивна опозиција“, смета ВМРО-ДПМНЕ.

