Македонија
Демократски сојуз повика избирачкиот список навреме да се прочисти од „фиктивни гласачи“

Демократскиот сојуз ги повика сите државни институции навреме да го средат избирачкиот список, односно, како што велат, да се прочисти од „фиктивни гласачи“.
„Во оваа насока посебно ја нагласуваме одговорноста на Државната изборна комисија, како и на Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда. Прочистувањето на избирачкиот список од можни фантомски гласачи, потоа од гласачи кои се иселиле од Македонија односно немаат постојано живеалиште во државата, како и од сите оние кои го изгубиле законскиот основ да бидат на избирачкиот список е законска обврска на ДИК“, пишуваат од партијата.
Додаваат дека согласно објавените резултати од пописот во 2021 година вкупниот број на население во Македонија изнесува 1.836.713, додека на избирачкиот список се запишани 1.824.864 гласачи
Нелогичностите се очигледни и ако се додадат и над 260 илјади државјани на Македонија кои живеат во странство, велат од ДС.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.
Македонија
Задутре времен застој на ГП „Делчево“ заради градежни работи

Регионалниот центар за гранични работи „Исток“ ја информира јавноста дека задутре ГП и ГН „Делчево“, односно од бугарска страна ГКПП „Станке Лисичково“ целосно ќе бидат затворени за секаков сообраќај во периодот од 08:00 до 14:00 часот.
Причина за тоа, според официјалното известување добиено од бугарските гранични полициски служби, се градежните работи на патната делница кај ГКПП „Станке Лисичково“. По завршувањето на работите сообраќајот и функционирањето на граничните премини ќе продолжи непречено да се одвива.
Македонија
Апел за поддршка: Помогнете на ранливите граѓани да аплицираат за субвенција за струја

Инженери на Република Македонија упатија апел до јавноста за помош на ранливите категории граѓани во процесот на аплицирање за финансиска поддршка од Министерството за енергетика. Станува збор за јавен оглас за субвенција од 1.000 денари месечно на сметката за електрична енергија, кој важи 12 месеци.
Апелот е насочен кон инженери, техничари, информатичари и сите граѓани што се снаоѓаат со институционални постапки, да им помогнат на лица со интелектуална или телесна попреченост, целосна слепост или глувост, лица во социјален ризик и сиромаштија, кои се соочуваат со бариери при собирање на документи, пополнување формулари и поднесување на пријави.
Постапката за аплицирање вклучува преземање формулари од www.energy.gov.mk, фотокопирање документи, обезбедување на нотарска изјава и испраќање на пријавата по пошта во затворен плик. Рокот за пријавување е 30 дена од денот на објавата на јавниот оглас.
Според Државниот завод за статистика, над 38.000 домаќинства примаат гарантирана минимална помош, но само околу 4.000 домаќинства ја користат оваа субвенција. Останатите над 90 отсто не аплицираат, најчесто поради технички пречки, а не поради неисполнување на условите.