Свет
Зголемени тензиите на границата меѓу Северна и Јужна Кореја по лансирањето на сателитот
Северна Кореја предупреди дека ќе продолжи да ги остварува своите суверени права, кои вклучуваат лансирање сателити и испраќање дополнителни војници и оружје во демилитаризираната зона на границата со Јужна Кореја, пишува „Ројтерс“.
Министерството за надворешни работи на Северна Кореја соопшти дека лансирањето на сателитот минатата недела било поттикнато од потребата да се следат Соединетите Американски Држави и нивните сојузници, објави државната новинска агенција КЦНА.
„Лансирањето е легално и го претставува правото на самоодбрана на темелна реакција и прецизно следење на сериозните воени дејства на САД и нивните следбеници“, пренесува КЦНА.
Пјонгјанг рече дека сателитот влегол во орбитата и дека испраќа фотографии, а Јужна Кореја соопшти дека не може да ја потврди оваа информација.
Акциите на Северна Кореја го натераа Сеул привремено да го суспендира воениот договор меѓу двете земји потпишан во 2018 година по што беа забележани војници од северната страна на границата како обновуваат урнати стражарски пунктови и внесуваат опрема во демилитаризираната зона.
САД свикаа состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации за да разговараат за лансирањето на сателитот, што Америка го осуди.
Русија и Кина, постојани членки на Советот за безбедност, одбија да воведат нови мерки против Пјонгјанг и покрај тестирањето на балистичка ракета од страна на Северна Кореја, а ниту Москва ниту Пекинг не даде никакви изјави за тоа минатата недела, пренесува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

