Свет
Индиските работници сè уште се во тунелот: сите сигурни решенија се потрошени
Судбината на 41 индиски работник заробени во урнатиот планински тунел виси на конец додека спасувачите почнуваат ризичен обид – да дупчат вертикално надолу за да се обидат да ги извлечат, пишува „Гардијан“. Работниците се заробени во тунелот „Силкјара – Баркот“ во планинската држава Утараханд повеќе од две недели кога се урна влезот на тунелот создавајќи бариера од бетонски шут, остатоци и метал.
Властите минатата недела оптимистички ветуваа дека спасувањето е при крај откога успеаја да ја пробијат урнатината од 50 метри, а останаа само последните 10-15 метри. Сепак, операцијата наиде на многубројни пречки во завршната фаза.
Огромна машина за дупчење, увезена од САД, се расипа во петокот кога удри во метална бариера. Властите соопштија дека таа се поправа, а во меѓувреме 200 спасувачи рачно ги дупчеа и отстрануваа урнатините користејќи систем со макара, макотрпен и долг процес.
Националната управа за управување со катастрофи (NDMA) соопшти дека спасувачите почнале вертикално да ја дупчат шуплината на тунелот, каде што работниците биле заробени. Сепак, се смета за далеку поризичен процес од хоризонталното дупчење.
Официјалните лица рекоа дека овој метод би можел да предизвика вибрации во и онака кревката хималајска геологија и да отвори можност за формирање на нови пукнатини и потенцијално уривање на голем дел од таванот на тунелот.
Геолозите предупредија дека вертикалното дупчење е голем ризик бидејќи силните вибрации предизвикани од дупчењето надолу може да претставуваат огромна закана и да го дестабилизираат околниот терен. Претставниците на НДМА потврдија дека вертикалното дупчење почнало вчера попладне.
„Потребни се 86 метри копање за да се дојде до затрупаните работници и да се изврши нивното извлекување. Веќе се пробиени 15 метри“, посочија од таму. На помош беа повикани и армијата и воздухопловните сили. Денес, индиските власти соопштија дека вертикалното дупчење би можело да биде завршено до четврток, но исто така предупредија дека може да поминат денови или недели пред да стигнат до луѓето доколку се појават нови пречки.
Арнолд Дикс, експерт донесен од Австралија за да помогне во операцијата, даде поконзервативна временска рамка. „Може да потрае некое време, можеби и до еден месец, но не можам да дадам точна временска рамка. Не е препорачливо да се брза со процесот. Приоритет е безбедното враќање на овие мажи и уверен сум дека тие ќе бидат дома за Божиќ“, процени тој.
Со луѓето внатре се одржува постојан контакт преку мала водоводна цевка, низ која поминуваат храна и кислород, а потоа преку поголема доводна цевка од 15 сантиметри, која беше успешно ставена минатата недела, што значи дека работниците може да добијат свежо зготвена храна, овошје и потребните лекови.
И покрај ниските температури надвор, во тунелот е топло. Ендоскопската камера вметната во цевката исто така помогна да се следи состојбата на заробените мажи. Сиед Ата Хаснаин, службеник на НДМА, се обиде да ги увери роднините и јавноста дека заробените работници сè уште се безбедни.
„На сите им беа дадени храна и лекови. Медицински и психо-социјални експерти се таму и си ја вршат својата работа. Се преземаат сите мерки на претпазливост за сечија безбедност“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

