Македонија
Во Брисел почна состанокот за билатералниот скрининг за Поглавјето 12
„На почетокот сме на еден важен настан, настан за кој надлежните институции на Северна Македонија за Поглавјето 12 работиме повеќе од 20 години и очекуваме да почне повеќе од десет години по повеќекратните препораки на Европската комисија до Советот на Европската Унија за почеток на преговорите. За да се дојде до овој чекор, во изминатиот период беа вложени многу напори од наша страна и покрај успесите, требаше да се надминат и многу пречки. Полноправното членство во Европската Унија и понатаму претставува стратешка определба на Република Северна Македонија“, рече во своето воведно обраќање директорот на Агенција за храна и ветеринарство, Николче Бабовски, во својство на раководител на работната група за Поглавјето 12, во рамките на Кластерот 5 – „Ресурси“ земјоделство и кохезија“, на денешниот прв ден од петдневниот билатерален скрининг-состанок со Европската комисија за усогласеноста на македонското законодавство со европското, кој се одржува во Брисел, Белгија.
Тој изрази благодарност до Комисијата за целокупната досегашна поддршка и соработка во областа на безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика во процесот на евроинтеграцијата на земјата. Агенцијата за храна и ветеринарство, додаде тој, е носител на Поглавјето 12 со оглед на фактот дека од вкупно шест подрачја од кои се состои тоа, пет се во надлежност токму на Агенцијата за храна и ветеринарство. За подрачјето од областа на фитосанитарната политика и зоотехника надлежно е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Имајќи ја предвид обемноста на Поглавјето 12 (доказ за тоа е и времетраењето на самиот билатерален состанок), како и карактеристиките на законодавството, кое подлежи на чести измени, целокупниот процес на усогласување и негово спроведување бара континуиран ангажман, воспоставена структура кај надлежните институции и подготвеност за примена на преземените барања за што се неопходни капацитети, т.е. подготвена административна служба, која не само што има улога да придонесе за напредокот на самата администрација туку и за бизнис-заедницата и граѓанскиот сектор“, истакна Бабовски во обраќањето.
Надлежните институции вклучени во Поглавјето 12, рече тој, во континуитет вршат усогласување на законодавството на ЕУ и досега постигнат е висок степен на усогласеност. Следејќи ги тековните промени во европското законодавство, во тек е измената на повеќе закони и подзаконски акти што произлегуваат од регулативата на ЕУ 2016/429 (т.н. Закон за здравствената заштита на животните ), регулативата 2016/2031 за здравје на растенијата, како и делегирачки и имплементирачки акти, кои произлегуваат од регулативата на ЕУ за официјални контроли 2017/625.
„Надлежните институции редовно спроведуваат активности за зајакнување на административните капацитети со цел ефикасна имплементација на законодавството усогласено со соодветното законодавство на ЕУ. Посебен акцент ставам на институционалните реформи што се случија пред повеќе од 13 години со формирањето на Агенцијата за храна и ветеринарство како единствен орган за безбедност на храна. Ова беше оптимално решение за да се надминат дотогашните преклопувања на надлежности и други тешкотии, кои беа пречка да се почитуваат барањата на законодавството на Европската Унија“, потенцира тој.
Од исклучителна важност е финансиската поддршка преку ИПА-програмите што ги обезбедува Европската Унија за ефикасна имплементација на законодавството од Поглавјето 12, како и за дополнително зајакнување на институционалните и административните капацитети на институциите надлежни за ова поглавје.
„Европската комисија повторно го оцени Поглавјето 12 со виска оцена и во последниот извештај за напредокот на нашата земја во евроинтеграциите. Наредните пет дена очекувам дека само ќе го потврдиме нотираното во извештајот со верување дека Поглавјето 12 ќе добие шанса за понатамошен напредок, со отворање на преговорите за членство во Европската Унија“, заклучи Бабовски во обраќањето пред претставниците на Европската комисија и членовите на работната група за преговарачкото Поглавје 12.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Без неправилности помина денешното гласање на болните и затворениците, гласовите ќе се бројат утре
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица, лицата кои се на издржување на казна затвор или се во притвор и лицата кои се пријавиле за гласање, а се сместени во установите за вонсемејна грижа.
Гласањето на оваа категорија гласачи се одвива во општините каде се одржува вториот круг на локалните избори и Градот Скопје.
Од вкупно 4.826 болни или немоќни лица кои можат да го остварат своето право на глас на вториот круг од локалните избори, до 20:00 часот гласале 3327 гласачи. Во 14 казнено поправни установи, каде што своето право на глас можат да го остварат 1256 лица кои се на издржување казна затвор или притвор, до 18:30 часот гласале 588 гласачи. Од 214 лица сместени во установите за вонсемејна грижа до 18:30 часот гласале 125 гласачи.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните и немоќните лица, затворите и домовите за стари лица, не се објавуваат денес посебно. Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвараат денес. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре после 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа.
Македонија
ДИК: До 16 часот гласале повеќе од половина од пријавените болни и немоќни лица
Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека до 16:00 часот на вториот круг од локалните избори гласале 2.762 од вкупно 4.826 лица пријавени како болни или немоќни. Во 14 казнено-поправни установи, каде што право на глас имаат 1.256 лица кои издржуваат казна затвор или се во притвор, до 16:00 часот гласале 380 гласачи. Од 214 лица сместени во установи за вонсемејна грижа, своето право го искористиле 78 гласачи, прецизираат од ДИК.
Според информациите од Комисијата, гласањето започнало точно во 7 часот утринава и се одвива без прекини и инциденти во сите општини и во Градот Скопје.
Претседателот на Комисијата, Борис Кондарко, изјави дека нема никакви проблеми ниту со изборниот материјал, ниту со изборните органи. Досега не се пристигнати забелешки, приговори или поплаки.
Во вториот круг од локалните избори, кој ќе се одржи утре, ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници. Право на глас имаат 1.013.375 граѓани.
Македонија
Матичарка и службеници ѝ „подариле“ втор идентитет на кумановка, завршија со пријава
Полицијата во Куманово поднесе кривична пријава против четири лица — В.Б. (56), Н.З. (41), Х.Е. (53) и В.П. (67) — под сомнение дека со несовесно постапување во службата овозможиле едно лице да користи два различни идентитета.
Според информациите од СВР Куманово, првопријавената, матичар во подрачната канцеларија на Управата за водење на матични книги во село Лојане, општина Липково, направила незаконит упис во матичната книга на родени, внесувајќи податок дека едно женско лице склучило брак со машко лице и го зело неговото презиме.
Вториот пријавен, исто така матичар, на 26 март годинава издал извод од матична книга на родени со тие податоци, а третиот пријавен, службеник во Одделението за управни работи во Куманово, го примил барањето за издавање пасош.
Четвртиот осомничен, кој работел како виш советник за патни исправи во истото одделение, проценил дека се исполнети условите и го одобрил издавањето на патната исправа.
Со нивното постапување, како што наведува полицијата, на лицето му било овозможено незаконски да користи два идентитета. Против сите четворица е поднесена кривична пријава за делото „несовесно работење во службата“.

