Економија
Битиќи и Пенов: Владата обезбеди 13 милиони евра за 129 развојни проекти во сите осум плански региони и 80 општини

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заедно со министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, и директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи, одржа заедничка прес-конференција по повод новите договори според Законот за рамномерниот регионален развој (РРР).
Вицепремиерот Битиќи истакна дека одржливиот и инклузивен рамномерен регионален развој е од витално значење за државата, дека тој ја поставува основата на просперитетот на општеството, ја поттикнува еконмската стабилност и ги намалува социо-економските разлики.
„Затоа, и Влада на Република Северна Македонија на 199. седница, која се одржа на 14 ноември годинава, донесе четири одлуки со кои од буџетската програма за рамномерен регионален развој се обезбедуваат 800 милиони денари или околу 13 милиони евра за 129 проекти, со кои го поддржуваме инклузивниот регионален развој на создавање можности за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во урбаните и руралните средини во сите 80 општини, во осумте плански региони. Принципот на распределба на буџетските пари е обратнопропорционален на развојот, односно најмалкуразвиените општини и региони добиваат најмногу финансиски средства“, рече виепремиерот Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека 440 милиони денари или над 7 милиони евра се одобрени од Владата за 29 регионални проект, кои ќе се реализираат преку осумте плански региони, а 360 милиони денари или околу 6 милиони евра се наменети за 100 локални проекти, кои ќе се реализираат преку единиците на локалната самоуправа, а ги опфаќаат сите 80 општини, притоа нагласуваји дека на овој начин се намалуваат разликите во можностите за економски и социјален развој на граѓаните помеѓу урбаните и руралните средини.
„Фокусирајќи се на развојот на селата во целата земја, со одлуката за доделување средства за финансирање проекти за развој на села Владата одобри 120 милиони денари или два милиона евра за 39 проекти, кои ќе го забрзаат руралниот развој и ќе придонесат во премостувањето на јазот меѓу градовите и селата. Станува збор за проекти што главно се насочени кон развој на руралната локална комунална инфраструктура, локални патишта, инфраструктура за водни услуги, зголемување на капацитетите за управување со отпад во селата во државата, набавка на механизација за локални јавни претпријатија, регулација на речни корита и атмосферски канализации, како и за други инфраструктурни проекти, кои на нашите граѓани што живеат во селата ќе им го унапредат квалитетот на животот“, рече вицепрмеиерот Битиќи.
На прес-конференцијата вицепремиерот Битиќи информира дека инклузивниот пристап во поттикнувањето на рамномерниот регионален развој на Владата може да се согледа и преку одлуката за доделување средства за финансирање проекти за развој на урбани подрачја, со која се одобрени 2 милиона евра за финансирање 29 проекти за развој на урбаните подрачја во сите осум плански региони.
„Владата донесе одлука за доделување средства за финансирање проекти за развој на подрачја со специфични развојни потреби 120 милиони денари, со кои општини и невладини организации од целата држава ќе реализираат 32 проекта, кои ќе бидат фокусирани на задоволување на специфичните развојни потреби на локалните заедници, а кои се однесуваат, меѓу другото, и на заштита и развој на културните обележја, развој на содржини за млади, студија за изводливост на енергетска ефикасност во градинки и проекти за заштита на животна средина“, рече вицепремиерот Битиќи.
„Годината ја заокружуваме со почнување нови 129 проекти во вредност од 13 милиони евра во општините во сите осум плански региони во државата, кои се финансираат од буџетот на државата преку програмата за рамномерен регионален развој. Покрај овие проекти, преку буџетската програма за намалување на диспаритетите во планските региони и меѓу општините оваа година финансиравме дополнителни 6 проекти во вредност од 50 милиони денари. Во општините Владата ги кофинансира и проектите за прекугранична соработка, кои исто така имаат влијание на развојот, а и другите надлежни министерства преку своите програми финансираат многу важни проекти и за изградба на патна инфраструктура, водоводи, училишта, со што оваа Влада успеа да обезбеди над 1 % од домашниот бруто-производ, средства што ги насочува за намалување на разликите и за побрз развој на општините и на планските региони“, рече министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, кој истакна дека Владата со своите политики води сметка за рамномерниот развој и инвестира во сите општини водејќи сметка за степенот на развиеност и за решавање на приоритетните прашања за граѓаните.
Министерот за локална самоуправа рече дека Владата во соработка со донаторската заедница има обезбедено и дополнителна експертска и финансиска поддршка за општините за изработка на техничка документација за големи проекти со цел општините да може да обезбедат финансиски средства од буџетот на државата, но и од Европската Унија, од Светската банка и од други финансиски институции за реализација на капитални инфраструктурни проекти. Веќе се работи со првите десет општини, а ќе следуваат уште два јавни повика, на кои може да аплицираат и другите општини.
Директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи, истакна дека главната цел е да се поддржи развојот на економските, социјалните и на инфраструктурните услови во сите општини овозможувајќи им на сите граѓани можност за напредок и развој во сите региони на државата.
„Како институција имаме тесна соработка со Министерството за локална самоуправа и другите линиски министерства, имаме голема поддршка од Кабинетот на вицепремиерот Битиќи, со цел да ги интегрираме развојните стратегии во широкиот контекст на државната политика. Преку нашите активности ги помагаме регионите и општините да ги добијат потребните ресурси и инвестиции за да може да напредуваат и да ги надминат предизвиците што се пред нив. Денеска, потпишавме договори во вредност од 800 милиони денари.
Како институција бележиме значителни успеси во поддршката за инфраструктурни и развојни проекти во осумте плански региони, што директно влијае за подобрување на животот и условите на нашите граѓани. Во иднина планираме да продолжиме со јакнење на соработката со локалните власти, како и со сите релевантни институции и организации за да го зголемиме влијанието на развојните активности врз подобрувањето на животот во сите региони и намалување на разликите меѓу нив, меѓу регионите и општините“, рече директорот Реџепи и нагласи дека ќе се продолжи со адаптирање на стратегијата на Бирото според промените во потребите и предизвиците на регионите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска на средба со Плаколм и раководството на ЕВН Македонија: Компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност и дигитализација на енергетскиот систем

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Плаколм, и со раководството на ЕВН Македонија, во рамки на работната посета што австриската делегација ја реализираше во земјава.
На средбата присуствуваше и Мартин Памер, амбасадор на Република Австрија во Република Македонија, заедно со претставници од австриската амбасада.
Фокусот на разговорите беше насочен кон успешната соработка меѓу Министерството за енергетика и компанијата ЕВН Македонија, како пример за одговорно и партнерско делување меѓу државата и енергетскиот сектор.
Божиновска истакна дека ЕВН Македонија е значаен партнер во енергетската транзиција на земјата, посочувајќи дека примерот на компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност, модернизација и дигитализација на енергетскиот систем.
„ЕВН Македонија е пример како странски инвеститор може да соработува со државните институции на начин што создава додадена вредност – не само за економијата, туку и за општеството“, нагласи Божиновска.
Во рамки на посетата, делегацијата имаше можност да се запознае со технолошките и организациските достигнувања на компанијата, меѓу кои и современиот диспечерски центар за дигитално управување со дистрибутивната мрежа на национално ниво.
Австриската министерка Клаудија Плаколм изрази задоволство од постигнатото ниво на енергетска соработка меѓу двете земји и од синергијата меѓу јавниот и приватниот сектор во Северна Македонија, истакнувајќи дека таа соработка е позитивен пример за поширокиот регион.
Двете министерки потврдија дека постои заеднички интерес за продолжување на размената на искуства и добри практики, со фокус на одржлив енергетски развој и зелена транзиција.
Економија
Божиновска се сретна со британскиот амбасадор: се разговараше за можностите за размена на искуства во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со британскиот амбасадор Н.Е. Метју Лосон.
На состанокот присуствуваа и Никола Стојаноски, директор за меѓународна трговија и инвестиции во Амбасадата на Обединетото Кралство, како и претставници на меѓународната компанија „Англо Американ“, една од водечките светски корпорации во областа на рударството и металургијата.
Средбата се одржа во духот на континуирана и конструктивна соработка меѓу Македонија и Обединетото Кралство во областа на енергетиката и рударството. Разговарано беше за актуелните активности на Министерството и можностите за размена на искуства и добри практики во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција.
Министерката Божиновска ја истакна одличната соработка со британската амбасада, која, како што нагласи, претставува значаен партнер во процесите на развој на енергетските политики, унапредување на регулативата и поттикнување на одржливи практики во секторот.
Амбасадорот Лосон и претставниците на „Англо Американ“ ја поздравија досегашната соработка со Министерството, изразувајќи интерес за понатамошен институционален дијалог и заеднички иницијативи во насока на зајакнување на билатералните односи.
Економија
Божиновска на 13. Советување на МАКО СИГРЕ: AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес го отвори 13. Советување на МАКО СИГРЕ, клучен настан за електроенергетскиот сектор во земјава, кој го собира академскиот и индустрискиот кадар за размена на идеи, иновации и практични решенија.
Божиновска го отвори советувањето како претседател на почесниот одбор. Во своето обраќање, министерката нагласи дека советувањето е место каде се дебатираат најновите реформи и достигнувања во енергетиката.
Божиновска посочи дека, и покрај растечката улога на вештачката интелигенција во анализи и симулации, ништо не може да го замени човечкиот потенцијал и знаењето на професионалците.
„AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите кои го обликуваат секој аспект од енергетскиот сектор“, нагласи Божиновска.
Посебен акцент беше ставен на младите инженери и студенти, како иднина на секторот: „Вашата енергија и ангажман се основа на долгорочниот развој на енергетиката“, истакна Божиновска.