Македонија
Со сезонски ски-билет од Маврово може да се скија во зимските центри во поранешна Југославија
Со купен ски-билет во „Ресорт Маврово“ може да се ужива и во убавините и услугите на „Олимпискиот центар Јахорина“, Босна и Херцеговина, откога претставниците на двата скијачки центра потпишаа договор за меѓусебна соработка.
Ова значи дека секој што ќе купи ски-билет од „Ресорт Маврово“, бесплатно може да скија два дена во „Олимпискиот центар Јахорина“. Покрај договорот со овој центар, „Ресорт Маврово“ вакви договори склучи и со други ски-центри во регионот за зимската сезона 2023/2024. Скијачите што купиле сезонски билет за „Ресорт Маврово“ може да скијаат три последователни дена во скијачките центри на „Скијалишта Србије“ – Копаоник, Златибор и Стара Планина, „Олимпискиот центар Бјелашница и Игман“ и центарoт „Колашин 1600“ на „Скијалишта Црнa Горе“. Од друга страна, „Олимпискиот центар Јахорина“ ги обнови договорите за соработка со скијалиштата на Црна Гора, на Словенија и на Романија. „Ресорт Маврово“ жали дека со Попова Шапка не потпиша ваков договор.
„Нашиот сезонски ски-пас од Јахорина ќе важи од Словенија до Македонија. Тоа значи дека секој што ќе купи сезонски ски-билет ќе може бесплатно – гратис да скија 3 дена во ски-центрите со кои имаме договор, што е голема придобивка за скијачите. Во глобален контекст во однос на предизвиците, ја истакнуваме важноста од заедничката соработка, делење на ресурсите и искуствата. Регионалната соработка игра клучна улога во зачувување и унапредување на културата на скијање. Со овој чекор ја отвораме вратата за реализација на нови амбициозни цели вклучувајќи ја и можноста за организација на нови олимписки игри во нашиот регион“, рече Дејан Љевнаич, директор на „Олимпискиот центар Јахорина“.
Според него, Македонија има најдобар потенцијал од сите земји од поранешна Југославија. „Имате високи планини, тука во Маврово имате езеро за заснежување. Ние немаме море и останува да вложуваме во планини, но важно е да има добри експерти оти грешките скапо ќе чинат. Мора да се здружат сите, и централни и локални власти, за да се развие туризмот. Сега е полесно да се најдат пари за инвестирање, но малку потешко е да се најде човечкиот капитал“, изјави Љевнаич.
Во изминатите пет години во „Олимпискиот центар Јахорина“ се вложени 76 милиони евра, кои резултирале со зголемување на посетите од 30.000 на 412.000 посети годишно.
„Од размената на искуства во регионот дознаваме дека не постои успешен центар, без разлика дали е управуван од државата или од приватен концесионер, каде што во инвестицискиот план не учествува државата. Инвестициите во туризмот резултираат со десеткратно враќање на инвестицијата не само во туризмот туку и во другите економски сектори на државата“, објасни Огњан Циговски од „Ресорт Маврово“.
На средбата присуствува претставници на ски-центрите Попова Шапка и Крушево, со кои констатиравме дека климата за соработка меѓу домашните ски-центри е одлична и дека сме спремни за дијалог со државата.
„Планот за соработка меѓу сите ски-центри, локално и регионално, не е ништо ново. Ова постои со години во Европа. Видовме дека е возможно на Балканот, имаме ентузијазам да го реализираме и кај нас. Годинава, на голема радост на сите, снегот пристигна во ноември и ги вложивме сите напори да отвориме скијање во Маврово на 30 ноември, со промотивен еднодневен билет од 750 денари. Понудата ќе трае до крајот на неделата од кога почнува и регуларната скијачка сезона 2023/2024“, рече Циговски.
За разлика од регионот, според него, нашите власти и не толку вложуваат за развој на зимските туристички центри, иако се работи за планинска земја со голем потенцијал. Македонија е земја со 80 проценти планински масиви на својата територија. Имаме 52 врва над 2.000 метри надморска височина, но немаме ниеден конкурентен планински центар во регионот, објасни Циговски.
На потпишувањето на договорот за соработка присуствуваа и претставници на скијалиштата од Крушево и Попова Шапка, како и босанскиот амбасадор Драган Јаќимовиќ, кој го поздрави договорот и истакна дека само ваквите чекори ќе придонесат за зголемување на странските туристи во двете земји.
„Од минатиот месец имаме директна линија Скопје – Сараево, што ќе придонесе за зголемување на бројот на туристи и особено ми е драго што повеќе од 22 процента е зголемен бројот на туристи од Босна во Македонија и обратно. Ние ќе воведеме и авионска линија Бања Лука – Охрид“, изјави амбасадорот Јаќимовиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во текот на ноќта и утре повремени врнежи од дожд
Под влијание на циклонска активност во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.
Како што соопшти УХМР, пообилни врнежи ќе има во југоисточните делови од земјата – над 20 литри на квадратен метар. Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, врнежите ќе преминат во снег во повисоките, како и во некои од пониските места.
Во Скопје во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд. На околните планини врнежите ќе бидат од дожд и снег.
Македонија
По 8.000 денари за секое бебе во општина Аеродром
Секое семејство со живеалиште во Општина Аеродром кое во текот на 2026 година добило новороденче или посвоило дете до една година, ќе добие еднократна парична помош во износ од 8.000 денари.
-Оваа мерка е наменета како практична поддршка за семејствата, особено во првите месеци од грижата за детето. Општина Аеродром останува посветена на семејствата и на децата, со љубов и внимание кон најмалите, создавајќи средина каде што тие можат да растат среќни, сигурни и поддржани, соопшти Општина Аеродром.
Македонија
Нека е со среќа, нека е аирлија, порача Мицкоски на пуштањето во употреба на реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“
Во Тетово денеска беше пуштена во употреба реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ .
На настанот присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски кој изрази задоволство што за само неколку месеци со, како што рече, силна и посветена работа, е завршена реконструкцијата на гимназијата.

– Тоа што тогаш можеби делуваше невозможно, денеска е возможно, реално. Сакам да се заблагодарам на градоначалникот, на советниците од Општина Тетово коишто го поддржаа овој проект, да се заблагодарам на Министерството за образование, на сите оние коишто се добронамерници за Тетово и тетовци и што изминатиов период се дел, би рекол, од многуте проекти коишто се реализираат во Општина Тетово, изјави Мицкоски.
На учениците и на наставниците од училиштето тој им посака успеси во работата односно во учењето и, рече, „уште многу успешни тетовчани да произлезат од клупите на ова училиште“.

– Нека е со среќа, нека е аирлија и да ни се множат уште многу вакви успешни проекти, додаде премиерот.

