Свет
(Видео) Маж на аеродром во САД го отворил излезот за итни случаи во авионот и се качил на крилото
Маж на летот на „Саутвест ерлајнс“ ја отворил вратата за итни случаи и се качил на крилото на авионот во неделата додека леталото било на аеродромот „Луис Армстронг“ во Њу Орлеанс.
Според полицијата, 38-годишниот маж ја отворил вратата за итен излез за да стигне до крилото на авионот. Авионот во тој момент не се движел, а персоналот успеал да го запре патникот и да го задржи додека не пристигнат властите.
Зед Вебстер, кој тој ден бил во авионот, за Си-ен-ен изјавил дека му се чинело оти двајца патници се расправале и дека се плашел дека ќе дојде до физичка пресметка. Потоа го извадил мобилниот телефон и почнал да го снима инцидентот. Веднаш штом почнал да снима, патникот ја отворил вратата за итни случаи и скокнал надвор.
„Бев преплашен“, рече Вебстер.
Полицијата соопшти дека 38-годишникот постапил прилично несовесно. Тој бил однесен во болница на ментална евалуација бидејќи полицајците претпоставувале дека станува збор за ментален здравствен проблем.
„Нема индикации дека мажот оставил нешто во авионот ниту, пак, е пронајдено оружје кај него“, соопштија од полицијата и додаваат дека истрагата за инцидентот е во тек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бебето кое исчезна од породилиштето во Виена е пронајдено мртво во корпа за ѓубре, уапсена мајката
Бебето кое исчезна вчера од болница во Виена утрово е пронајдено мртво во корпа за отпадоци во близина на болницата, пишуваат австриските медиуми.
Како што соопштија истражителите, доенчето било завиткано во најлонска кеса, а мајката (29) на еднонеделното бебе е уапсена.
Вчера медицинската сестра забележала дека бебето не е во собата, а не била ниту мајката, па била повикана полиција која веднаш почнала интензивна потрага.
Ги проверувале сите автомобили, дури и ранците на велосипедистите, а во потрагата учествувале и кучиња трагачи. Во текот на вечерта мајката била сослушана во полиција. Што им кажала се’ уште не е познато.
Сослушан е и наводниот татко на детето, чие татковство мајката не сакала да го признае, велат од полицијата. Тој не е осомничен за кривичното дело.
Свет
Министерство за одбрана на Русија: Сите бојни глави на ракетата „Орешник“ стигнаа до целта
Руското Министерство за одбрана соопшти дека сите бојни глави на балистичката ракета со среден дострел „Орешник“ стигнале до украинскиот воено-индустриски комплекс во Днепро (поранешен Днепропетровск).
„На 21 ноември 2024 година, како одговор на употребата на американско и британско оружје со долг дострел против објекти на територијата на Руската Федерација, вооружените сили извршија комбиниран напад врз еден од објектите на воено-индустрискиот комплекс. Нападот беше успешно искористен со ненуклеарна хиперсонична опрема“, се наведува во соопштението.
Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот вечерта објави дека Украина употребила западно оружје со долг дострел против руската држава поради што регионалниот конфликт доби елементи на глобален.
Тој исто така рече дека еден од најновите руски ракетни системи со среден дострел, балистичката ракета „Орешник“, бил тестиран во борбени услови.
Свет
Песков: Русија покажа способност да одговори на акциите на Западот
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија покажала способност да одговори на акциите на Западот со употреба на балистички ракети и оцени дека американската администрација во заминување продолжува да го следи патот на ескалација на конфликтот во Украина.
„Гледаме дека администрацијата во заминување на американскиот претседател Џозеф Бајден претпочита да оди понатаму по патот на ескалацијата и тоа го прави со прилично непромислена ескалација“, им рече Песков на новинарите.
Според неговите зборови, рускиот претседател Владимир Путин бил и останува отворен за контакти во врска со решавањето на украинскиот конфликт и транзицијата кон мирен пат.