Свет
СЗО: Повеќето луѓе во Газа би можеле да умрат од болести отколку од бомбардирање
Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејсус, денеска предупреди дека повеќе луѓе во Појасот Газа би можеле да умрат од болести отколку од бомбардирање.
Тој рече дека постои зголемен ризик од појава на болести бидејќи прифатилиштата се преполни и недостигаат храна, вода, лекови и санитарни услови.
Како што наведе, 111.000 луѓе имаат респираторни инфекции, 75.000 имаат дијареја, а многу од болните се на возраст под пет години, пренесува „Бета-АП“.
„Со оглед на условите за живеење и недостигот на здравствена заштита, повеќе луѓе би можеле да умрат од болести отколку од бомбардирање. Станува збор за живот или смрт за цивилите“, рече Гебрејсус и повика на траен прекин на огнот.
Во војната предизвикана од нападите на Хамас на југот на Израел на 7 октомври раселени се приближно 1,8 милион или 80 отсто од жителите на Газа, покажуваат податоците на ОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хамас побара евакуација на неговите борци кои останаа заробени во тунелите
Палестинската екстремистичка група Хамас ги повика земјите-посредници да извршат притисок врз Израел да им дозволи на десетици нејзини борци да ги напуштат тунелите каде што се заробени во Појасот Газа.
Ова е прв пат исламистичката група јавно да признае дека некои од нејзините борци се заробени во тунелите.
Барањето дојде откако израелската војска минатата недела објави дека убила повеќе од 20 членови на Хамас „кои се обидувале да избегаат од подземната терористичка инфраструктура во областа“ и уапсила осум од нив.
„Го сметаме (Израел) целосно одговорен за животите на нашите борци и ги повикуваме посредниците веднаш да дејствуваат за да извршат притисок и да обезбедат нашите синови да можат да се вратат дома“, се вели во соопштението на Хамас.
Во текот на неколку недели, израелските медиуми објавија дека помеѓу 100 и 200 членови на Хамас се заробени во мрежа од тунели под градот Рафа, во Појасот Газа контролиран од Израел.
Според договорот за прекин на огнот постигнат со посредство на САД, кој стапи на сила на 10 октомври, израелската војска мора да се повлече од крајбрежната палестинска територија, зад „жолтата линија“ што ја означува областа под израелска контрола.
Во ноември, на деловна конференција во Мајами, американскиот специјален претставник Стив Виткоф алудираше на „200 борци заробени во Рафа“, сугерирајќи дека нивното предавање би можело да биде „тест“ за Израел и Хамас за спроведување на прекинот на огнот.
Сепак, Израел не изгледа подготвен да направи компромис за решение што би им овозможило безбедно излегување од тунелот.
Портпаролот на израелската влада изјави за АФП во ноември дека премиерот Бенјамин Нетанјаху „нема да дозволи безбедно поминување на 200 терористи на Хамас“ и останува „цврст во својата решеност да ги демонтира воените капацитети на Хамас и да го демилитаризира Појасот Газа“.
фото: епа
Свет
ЕП: Социјалните мрежи и вештачката интелигенција не се за лица под 16 години
Европскиот парламент (ЕП) денес одобри необврзувачка резолуција со која се бара минималната возраст за пристап до социјалните мрежи и вештачката интелигенција (ВИ) да биде 16 години, за да се обезбеди дека онлајн содржината е соодветна на возраста.
На веб-страницата на ЕП беше објавено дека пратениците ги повикаа земјите-членки на ЕУ да усвојат закони со кои ќе се утврди минималната возраст од 16 години за пристап до социјалните мрежи и вештачката интелигенција, додека на лицата на возраст од 13 до 16 години ќе им биде дозволен пристап со родителска согласност.
Тие, исто така, повикаа на усвојување закон со кој нема да се дозволи пристап до социјалните мрежи и вештачката интелигенција на лица под 13 години, објави Ројтерс.
Усвоената резолуција нема правна тежина и служи како политичка изјава што го изразува ставот на ЕП по ова прашање, според написите.
Врз основа на Законот за дигитални услуги (DSA) на ЕУ, онлајн платформите се обврзани да ги почитуваат законите на земјите-членки на Унијата, кои ја оставаат секоја земја сама да одлучи за минималната возраст за пристап до социјалните медиуми и вештачката интелигенција, пренесува Танјуг.
Фото: ЕПА
Свет
(Видео) Јужна Кореја го лансираше досега најголемиот сателит
Јужна Кореја денес успешно го лансираше најголемиот сателит досега со својата вселенска ракета „Нури“, четврто од шест планирани лансирања до 2027 година.
Тростепената ракета „Нури“ беше лансирана од космодром на остров во близина на југозападниот крајбрежен округ Гохеунг.
Официјални лица од воздухопловните сили изјавија дека ракетата поставила научен сателит од 516 килограми и 12 микросателити во целна орбита на околу 600 километри над Земјата, објави АП.
Главниот сателит е опремен со камера со широк дострел за набљудување на ауроралната активност и посебни системи за мерење на плазма и магнетни полиња.
Дванаесет помали сателити „коцкасти“, развиени од универзитетски тимови и истражувачки институции, вклучуваат GPS системи за проучување на атмосферата на Земјата, инфрацрвени камери за следење на пластика во океаните и системи за тестирање на соларни ќелии или комуникациска опрема.
„Нури“ е тристепена ракета напојувана од пет мотори од класа 75 тони во првата и втората фаза и мотор од класа седум тони во третата фаза, кој го ослободува товарот на саканата надморска височина.
Јужна Кореја ја започна програмата „Нури“ во 2021 година, пренесува Танјуг.
Фото: принтскрин

