Македонија
Левицата: Четвртина од буџетот за 2024 година планиран со нови задолжувања
Во собраниска процедура влезе предлог-буџетот на Република Македонија за 2024 година, кој ќе тежи 5,5 милијарди евра. Првата слика што може да се добие е дека рекордните расходи предизборно ќе се трошат за додворување на гласачкото тело преку гарантирани повисоки плати и пензии место реформи во јавната администрација и целосна ревизија во пензискиот фонд, велат од Левицата.
Според нив, покрај зголемените приходи, кои се нереални, власта една четвртина од своето расипничко трошење (или речиси 1,4 милијарда евра) ќе го покрива преку нови домашни и странски задолжувања. Иако стапката на инфлација оптимистички е проектирана на 3,6 отсто, власта очекува повисоки приходи за 11,3 отсто по основ на ДДВ, што значи дека цените и понатаму ќе растат, а акцизите ќе се зголемат за 11,7 отсто.
И економскиот раст, како што велат од оваа партија, е преценет, се очекува да изнесува 3,4 отсто, а најмногу како резултат на контроверзните бруто-инвестиции за коридорите 8 и 10 д, кои ќе го изедат буџетот следните 5 години. Оценуваат дека во 2024 година за коридорите ќе се потрошат безмалку 250 милиони евра.
„Изборните активности ќе нè чинат речиси 15 милиони евра, а каматните плаќања се зголемени и како расте јавниот долг, се наметнуваат и повисоки трошоци за камати.
Капиталните расходи се проектирани на повисоко ниво од оваа година, меѓутоа со секој ребаланс се први на удар за кратење. Владата и понатаму планира реализација на капитални проекти преку субвенции на претпријатија и невладини организации, дури 41 отсто од вкупните расходи. Капитален развој преку „невладините“ организации е погубен, а покрај овие субвенции, тие ќе добијат дополнителни 19,5 милиони евра преку трансфери, со што власта ќе си обезбеди предизборна поддршка. Значајни средства ќе се потрошат за новите клинички центри во Скопје и во Штип, кои „почнаа да се градат“ во далечната 2015 година, а изградбата ќе почне или ќе продолжи и во наредните две години. Договорот за Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје е раскинат и се заканува неизвесна арбитражна постапка“, потенцираат од Левицата.
Предлог-буџетот, според нив, за 2024 година изнесува 34 отсто од БДП, а според ММФ, сивата економија се движи околу 38 отсто од БДП.
„Покрај сузбивњето на неформалната економија, постојат многу други решенија, како воведување данок на експлоатација, за да се спречат најпрофитабилните своите вработени да ги плаќаат на минималец и да ги користат профитите создадени од работниците само за лично богатење, како и воведување данок на луксуз.
Меѓутоа, СДС и ДУИ и понатаму ги задолжуваат идните генерации сметајќи на нивната солидарност за да живеат во луксуз и изобилство на грбот на народот место да ја полнат државната каса од најбогатите и да им овозможат на сиромашните слоеви достоен и пристоен живот“, додаваат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со магла и малку сонце
Времето денеска ќе биде променливо облачно и тивко со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 7 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла претпладне. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Во понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Поради спуштање на постуден воздух од север на планините и на некои од повисоките места врнежите ќе преминуваат во снег.
Македонија
Возете внимателно, маглата ја намали видливоста на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Намалена видливост поради магла од 100 до 200 метри има од Тетово – Скопје – Куманово – Кочани – Сарамзалино – Велес – Неготино – Д.Капија и магла со видливост до 50 метри има Битола – Прилеп – Ѓавато – Ресен – М.Брод – Кичево и Дебар, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.

