Македонија
(Видео) Борел стигна во Скопје: Уставните измени се клучни и треба побрзо да се усвојат
Премиерот Димитар Ковачевски го пречека потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на Европска Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел кој во пресрет на одржувањето на 30тиот Министерски состанок на ОБСЕ е во Скопје.
На билатералниот состанок покрај премиерот Ковачевски и потпретседателот на Европската Комисија, Борел, присуствуваа и заменик претседателот за европски прашања Бојан Маричиќ, како и амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир.
На средбата се разговараше за актуелности поврзани со европските аспирации на Северна Македонија, за реформскиот напредок во клучните области и за политичките состојби во земјава.
Високиот претставник на Европската Унија, Жозеп Борел го поздрави успешното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ. Соговорниците разменија ставови дека претседавањето сериозно придонесе кон зајакнато позиционирање на земјава во меѓународни рамки како конструктивен актер за стабилност и соработка.
Потпретседателот на Европската комисија Борел се заблагодари што Северна Македонија е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на Европската Унијата.
Воедно, ја поздрави непоколебливата поддршка што Северна Македонија и’ ја дава на Украина.
Двајцата соговорници разменија мислења за текот на пристапниот процес на нашата држава, како и за скрининг процесот, чиј извештај ќе биде поттик за интензивен ангажман, со цел да се забрза реформскиот процес за пристапување на Северна Македонија во ЕУ. Билатералниот скрининг е важен дел од процесот и потврда дека Северна Македонија се движи во вистинската насока, истакна на средбата премиерот.
Потпретседателот на Европската Комисија, Жозеп Борел истакна дека уставните измени се клучни за напредокот на Северна Македонија во ЕУ и апелираше дека истите што побрзо треба да се усвојат.
Премиерот Ковачевски на средбата со високиот претставник на ЕУ Борел, изрази благодарност за силната поддршка на Европската Унија и изрази и верување дека со новиот План за раст за Западен Балкан, Унијата ќе го интензивира својот ангажман на сите нивоа за поддршка на политичката, економската и социјалната трансформација на Северна Македонија.
Претседателот на Владата, Ковачевски истакна дека политиките на Владата се на линија на европската агенда и земјата има политички капацитети коишто можат да придонесат по успешно завршениот скрининг процес, со динамично темпо Северна Македонија да влезе во преговарачки процес и до 2030 година земјата да стане членка на ЕУ.
На средбата беа разменети ставови за Планот за раст на ЕУ, кој е од клучна важност за реформите на финансиските капацитети и економските капацитети на државите, но и јакнењето на институциите, на земјите од Западен Балкан. Ковачевски и Борел разговараа дека овој план ќе ја зголеми економијата на Северна Македонија, и ќе и овозможи значи економско поврзување и присуство на единствениот пазар од половина милијарда потрошувачи, преку кој ЕУ стана трговска суперсила.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
30 домови во скопската општина Сарај се под вода по обилните дождови
Повеќе од 30 домови во скопската општина Сарај се поплавени, теренските екипи интензивно интервенираат
Градоначалникот Мухамед Елмази објави дека во кризниот штаб се ангажирани Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, противпожарните единици од Тетово, Противпожарната бригада на Градот Скопје, екипи од Општина Ѓорче Петров, НПК Сарај, како и полициската единица Сарај.
„Искрено им се заблагодаруваме на сите институции и тимови за нивниот професионален, посветен и солиден ангажман во справувањето со оваа ситуација.
За време на состанокот беа дискутирани понатамошните чекори што треба да се преземат за целосно санирање на последиците, поддршка на погодените семејства и превентивни мерки за избегнување слични ситуации во иднина.
Надлежните институции и служби остануваат во целосна готовност и ќе продолжиме да ги информираме граѓаните за сите нови случувања“, објави Елмази.
Македонија
Во изминатите девет часа најмногу дожд во Гевгелија, Штип и Попова Шапка
Во изминатите девет часа, до 16 часот денеска најмногу дожд наврнал во Гевгелија – 23 литри на метар квадратен, потоа Штип – 16, Попова Шапка – 14 и Берово – 12 л/м2, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи – Скопје.
По 10 л/м2 наврнале во Крива Паланка и Виница, 8 во Ѓуриште, 6 во Маврови Анови и Лазарополе, 5 во Крушево, 4 во Скопје-Зајчев Рид, Тетово, Струмица и Пожаране, 3 во Битола, по 2 во Охрид, Велес, Кавадарци и Демир Капија и 1 л/м2 во Прилеп.
Од УХМР информираат дека на повеќе места низ земјава има интеракција на подземните и површинските води и појави на заезерувања од самите врнежи. До крајот на денот се очекува висок водостој на река Вардар, река Црна и на река Треска. На останатите помали реки се очекува постепена стагнација и намалување на водостојот во вечерните часови.
Времето до крајот на денот ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот и во текот на ноќта на планините во северозападните делови врнежите од дожд ќе преминуваа во врнежи од снег. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Управа за хидрометеоролошки работи, претходно околу 14:00 часот информира дека на хидролошката станица на река Вардар во Балин Дол е регистрирано намалување на водостојот на реката, но тој сеуште останува висок и постои опасност од излевање на реката во гостиварскиот регион, додека во наредните часови водниот бран ќе се движи низводно кон Полошката Котлина и Скопје, каде што се можни локални излевања и заезерувања во Полошката Котлина.
И во Скопје ce очекува висок водостој на реката Вардар, при што е зголемен и водостојот на реката Лепенец.
Поради зголемениот водостој на реките Кадина и Маркова, како и поради водите што не пристигнат од Горен Вардар, од УХМР информираат дека можни се локални заезерувања низводно од Скопје, на потегот околу селата Зелениково, Орешани и Таор.
Водостојот на реката Треска е во пораст и можни се излевања кај селата Пласница и Лисичани. Водостојот на реката Зајашка останува висок, со тенденција за благо намалуване во наредните часови.
Во сливот на реката Црна можни се заезерувања во Демирхисарскиот регион и Пелагониската Котлина.
Македонија
УХМР: Претпазливо движење покрај реките и суводолиците низ земјава
Според податоците од хидролошките станици низ земјава, останува висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот со можност за заезерувања и локални излевања во Полошката Котлина, а регистриран е прилично висок водостој и на река Кумановска и река Треска, во чии сливови се можни локални излевања, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Од УХМР, исти така, предупредуваат на претпазливо движење покрај реките и сууводолиците низ земјава.
-Регистриран е прилично висок водостој на река Кумановска и во нејзиниот слив се можни локални излевања на реките и суводолиците. Исто така, на река Треска останува исклучително висок водостојот и во нејзиниот слив се можни локални излевања, а надојдената вода е можно да претставува опасност и по столбовите на дел од Мостовските конструкции – информираат од УХМР.
На останатите водотеци на западот од земјата остануваат високи водостоите но се со тенденција на намалување. На истокот засега има помали зголемувања на водостоите на реките, иако беа забележани локални и изолирани појави на интензивни поројни врнежи во поедини делови.
-До крајот на денот се очекува да остане висок водостојот на река Вардар во горниот дел, а во текот на вечерта и за време на ноќта да има зголемување на водостојот низводно од Скопје (Јурумлери, Орешани, Зелениково, Таор) како и во Велес. Исто така и на река Треска се очекува да остане исклучително висок водостојот до крајот на денот и вечерта – информираат од УХМР.

