Македонија
СДСМ: Блинкен и Борел од Скопје изразија силна поддршка за продолжување на европскиот пат

Силна поддршка за продолжување на европскиот пат на државата и пристапните преговори упатија од Скопје највисоките претставници на меѓународната заедница, американскиот државен секретар Антони Блинкен и претседателот на Европската комисија Жосеп Борел, велат од СДСМ утрово по вчерашните билатерални состаноци на премиерот Ковачевски со лидерите на маргините на самитот на ОБСЕ.
„Евроинтеграцијата е процес кој е почнат и нема да застане се до полноправното членство на Северна Македонија во ЕУ. Нашите граѓани заслужуваат подобра, побогата иднина, подобар животен стандард, заслужуваат идните генерации да живеат во земја членка на ЕУ, но тоа наместо да биде во некоја друга земја, да биде тука, дома, во Македонија.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен порача дека Северна Македонија е силен сојузник и партнер на САД и на сите сојузници во Алијансата и ја повтори силната поддршка за евроатлантската интеграција.
Претседателот на Европската комисија Жосеп Борел порача дека местото на Северна Македонија е во ЕУ, а одењето по европскиот пат треба да биде пред и над меѓупартиските превирања и повика на завршување на процесот на усвојување на уставните измени за продолжување на европскиот пат, и напредок за клучните реформи, бидејќи тоа не е нешто што носи корист за една политичка партија, туку за целиот народ.
Покрај билатералните посети Блинкен и Борел, учествуваат на 30-тиот Самит на на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ.
Скопје денеска и утре е домаќин на најголемиот политички и дипломатски настан што се одржал од осамостојувањето, на кој учествуваат околу 1000 делегати од 76 делегации од 57 држави, во организација на владата предводена од СДСМ.
Со СДСМ Македонија добива светско признание“, велат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Извештај на Стејт департментот: Македонија отворена за инвестиции, корупцијата кочница за бизнисот

Водењето бизнис во Македонија е генерално лесно, а законската рамка е во голема мера усогласена со меѓународните стандарди, иако корупцијата останува постојан предизвик, се наведува во извештајот на американскиот Стејт департмент за инвестициската клима за 2025 година.
„Големите странски компании што работат во Технолошките индустриски развојни зони генерално пријавуваат позитивни инвестициски искуства и одржуваат добри односи со владини претставници,“ се вели во документот.
Извештајот посочува дека земјата е кандидат за ЕУ од 2005 година и членка на НАТО од март 2020 година, и дека останува отворена за американски комерцијални инвестиции.
„Целокупната регулаторна средина во земјата останува комплексна, а честите регулаторни и законски промени, заедно со недоследното толкување на правилата, создаваат непредвидлива деловна средина погодна за корупција,“ стои во извештајот.
Транспаренси Интернешнл ја рангираше Македонија на 88 место од 180 земји во Индексот на перцепција на корупцијата за 2024 година, со резултат 40 од 100.
Се посочува дека во 2024 година беа забележани ограничени напори за привлекување нови инвестиции, а Владата беше фокусирана на енергетска ефикасност, поддршка за ранливи домаќинства и ублажување на инфлацијата. Истовремено, ангажирани беа странски компании за јавни проекти во транспортната и енергетската инфраструктура.
Во извештајот се наведува дека Државната комисија за спречување на корупција отвори неколку истраги, вклучувајќи и против високи функционери, „иако само неколку резултираа со кривично гонење“.
Дигитализацијата и зелената енергија се наведени како области со потенцијал за американски инвестиции, поради посветеноста на Владата да ги поддржи овие сектори.
Како предност се наведува геостратешката положба на земјата на коридорите VIII и X, што овозможува поблиска поврзаност со потрошувачките центри во Европа.
„И покрај владините мерки за поддршка, БДП во 2024 година порасна за 2,2 проценти, при што реалниот БДП се проценува на 12 милијарди долари,“ се наведува во извештајот. Во него се посочува и дека стапката на невработеност во вториот квартал од 2024 изнесувала 12,5 проценти.
Според извештајот, во „Планот за забрзување на растот“ Владата постави цел просечната стапка на раст на БДП да се зголеми на 5 проценти во периодот 2022–2026, со создавање 156.000 нови работни места и намалување на невработеноста на 8,6 проценти.
Македонија
Сали: „АС Сењак“, алката што го поврзува Ахмети со Мијалков и српскиот режим

Четврти ден владее молк и паника. Нема објаснување за трансакциите со акции меѓу фирмата „АС Сењак“ и компании поврзани со Сашо Мијалков, ниту пак за продажбата на истите акции на Алта Банка во Белград, банка блиска до режимот на Александар Вучиќ, вели Беким Сали од „Вреди“.
„Фактите се јасни: „АС Сењак“ е фирма со минимален број вработени и без реална дејност, но врти милиони евра. Приходите речиси целосно се совпаѓаат со тендерите добиени од општини предводени од ДУИ.
Со тие пари се купуваат акции од фирма на Мијалков, а потоа се продаваат на банката на Вучиќ. Само шест дена по продажбата, една општина предводена од ДУИ ѝ доделува на „АС Сењак“ два нови договори вредни 90 милиони денари – еден и пол милион евра. Тоа не може да се нарече случајност, туку исплата и награда за успешно завршена операција“.
Од партијата на Сали прашуваат: Али Ахмети, зошто твојата фамилија купуваше акции од Сашо Мијалков? Зошто токму тие акции завршија кај банката на Вучиќ? Дали тендерот од еден и пол милион евра беше наградата за тој договор? Колку станови, колку тендери и колку милиони евра чинат вашето „родољубие“?
Ова, според него, не е само политичка афера, ова е криминал кој бара итна одговорност.
„Парите на граѓаните очигледно се користеле за лични бизниси и за договори со структури кои работат против интересите на Албанците.
Времето на молкот заврши. Сега е време за вистина и правда.
Го повикуваме ДКСК и Јавното обвинителство итно да ги истражат овие противзаконски и криминални дејствија“.
Македонија
Без вода дел од скопски Карпош

Од ЈП Водовод и Канализација известуваat дека утре ( среда ) поради дефект на приклучна цевка на бул. Партизански Одреди бр. 59а, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците лоцирани на десната страна на потегот од бул. 8 – ми Септември до Франклин Рузвелт. ( општина Карпош )