Македонија
Европскиот сојуз за промена: ДУИ ги враќа комунизмот и концептот чесен Албанец

Европскиот сојуз за промена „загрижено ја следи кампањата на ДУИ и Судскиот совет за разрешување на Беса Адеми од позицијата претседател на Врховниот суд“.
„Ја потсетуваме јавноста дека борбата за разрешување на Адеми е со цел да се врати Груевски и да има негова целосна амнестија! Стратегијата за компромитирањето на г-ѓата Адеми е произведено во Министерството за пропаганда предводена од Артан Груби, а кампањата се спроведува преку фантом-порталите со седиште во истото министерство“, вели Европскиот сојуз за промена.
„Денешните предупредувања за разрешувањето на г-ѓата Адеми од позицијата претседател на Врховниот суд потврдуваат дека од Европскиот сојуз за промена биле во право – дека политичкиот притисок се води од Владата до Врховниот суд како последна пречка за враќањето на Груевски. Сме имале право кога прашавме дали се подготвува враќањето на Груевски со помош на ДУИ, сме имале право кога алармиравме за политичкиот притисок на ДУИ кон Беса Адеми!
Идеаторот и извршителот за враќањето на Груевски – ДУИ денес уште еднаш потврди дека тоа што некогаш беше политичка партија предводена од идеали, денес е трансформирана во параполитичка структура предводена од интереси, организиран криминал и корупција. Трансформирани во спонзор за разрешување на Беса Адеми, ДУИ уште еднаш ги потврди нашите тврдења дека денес во Северна Македонија еден Албанец може да напредува само како послушен кон власта и сервилен кон ДУИ, а не поради тоа дека е квалификуван, способен и умен!
Во времето на присилните мерки на Србија во Косово, Албанците што не одбиле да бидат послушни кон власта беа наречени „чесни Албанци“. Водејќи борба со Беса Адеми, ДУИ нѐ потсетува дека „чесниот Албанец“ не е исчезнат! „Чесниот Албанец“ денес е секаде каде што ДУИ има инсталирано сопствени луѓе што работат за партијата, а не за народот.
На Албанците во Северна Македонија никогаш не им недостигала слободата повеќе од денес, каде што таа слобода се контролира и се формулира од партијата на власт заедно со нејзините милитанти“, соопшти Европскиот сојуз за промена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Костовски: Бутел ќе добие три нови детски градинки во Радишани, Бутел 1 и Визбегово

Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, кој се кандидира за нов мандат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, вети дека ќе бидат изградени три нови детски градинки.
„Една нова детска градинка ќе изградиме во населеното место Радишани, каде што се наоѓа старото училиште. Една нова детска градинка ќе изградиме во Бутел 1, на постоечки стар објект од детска градинка. И една нова детска градинка ќе изградиме во населеното место Визбегово, исто така каде што се наоѓа старото училиште. Тоа што сакам да го истакнам е дека за време на 4 години успеавме да изградиме две нови детски градинки, една во населеното место Бутел 1, и една во населеното место Бутел 2 која што е во финална фаза и наскоро ќе има свој почеток. Она што сакам да го истакнам е дека навистина во предучилишната возраст вложивме многу, инвестиравме како никогаш досега. За период од 4 години вложивме 150 милиони денари во инфраструктура за градинките и подобрување на условите за нашите најмали“, вели Костовски.
Македонија
ЕСМ: Од 15 октомври официјално започнува грејната сезона 2025/2026

Од 15 октомври официјално започнува грејната сезона 2025/2026 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, со кој управува АД ЕСМ. Согласно регулативата, грејната сезона може да започне и порано, односно од 1 октомври, доколку прогнозата за средна надворешна температура за наредниот ден изнесува 12˚С или пониско, според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи.
На веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавува информација дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија сè до 15 октомври. Овие информации ќе бидат објавувани согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ и врз основа на прогнозите за средна дневна температура на воздухот во Скопје од Управата за хидрометеоролошки работи.
„Навременото снабдување со топлинска енергија е клучно за комфорот на нашите потрошувачи. Затоа апелираме да се следат препораките и да се соработува со службените лица за да се обезбеди сигурно функционирање на системот. Ги повикуваме сите корисници навремено да ги завршат потребните поправки на своите внатрешни грејни инсталации, бидејќи редовното одржување е нивна обврска. Завршените интервенции треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи, со што ќе се овозможи непречено снабдување со топлина. Исто така, важно е заедниците на сопственици да обезбедат непречен пристап на службените лица до топлинските потстаници и редовно електрично напојување во топлинската станица, односно платени сметки за електрична енергија и функционална електрична инсталација.
Сите потрошувачи можат да проверат дали нивниот објект е на списокот на затворени објекти без услови за испорака на топлина, кој е достапен на линкот „Затворени објекти – ЕСМ Снабдување“. За информации, пријави на дефекти или известувања за завршени интервенции, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100“, се вели во соопштението на ЕСМ.
Македонија
Герасимовски го отвори штабот во Дебар Маало: Реализиравме над 90% од програмата, одиме на победа

Синоќа во Дебар Маало беше отворен централниот промотивен штаб на кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ, Горан Герасимовски.
Во своето обраќање пред присутните, Герасимовски истакна дека ќе продолжи да работи посветено за Општина Центар и за подобар квалитет на живот на сите жители. Тој потенцираше дека заедно со тимот на најдобар начин покажале како треба да се води Центар.
„Со гордост и со факти покажавме дека во над 90 проценти ја исполнивме нашата програма. Денеска Центар, по мислење на многумина е најдобрата општина во државата. Воведовме нов начин на управување. Слушаме, се консултираме, не има секогаш и насекаде на терен помеѓу граѓаните. Сè што правевме беше единствено за граѓаните на нашиот Центар што го сакаме. Затоа и решив да продолжиме заедно, за да Центар биде уште подобар“, рече Герасимовски.
Герасимовски, изјави дека ги има резултатите, програмата, но и енергијата и емоцијата. Тој ги повика сите центарци да продолжи новата испишана приказна во Центар.
„Од срце ве повикувам на целосна мобилизација. Ве повикувам на заедничка работа со добра мисла. Ве повикувам да бидеме дел од заедничкиот успех, од заедничката победа за Центар што го сакаме. Да живее Центар, за победа!“, порача Герасимовски.