Свет
(Видео) Кина: Најдовме геометриски форми под површината на Марс
Кинескиот ровер „Журонг“ има радарски систем, кој може да навлезе под површината на Марс и подобро да погледне во неговата скриена подземна област. Научниците објавија нови резултати од скенирањето на местото на кое слета „Журонг“ и рекоа дека на длабочина од 35 метри забележале неправилни полигонални форми.
Објектите се со големина од неколку сантиметри до неколку десетици метри. Експертите веруваат дека закопаните геометриски објекти се, всушност, формации создадени за време на циклусот на замрзнување и одмрзнување на Марс пред неколку милијарди години, но дека би можеле да бидат и од вулканско потекло, создадени по ладењето на тековите на лавата.

Роверот „Журонг“ слета на Марс на 15 мај 2021 година, со што Кина стана втората земја во историјата, која успешно слетала ровер на Црвената планета. „Журонг“, именуван по кинескиот бог на огнот, по слетувањето, ја истражи околината, ја проучуваше топографијата на Марс, направи мерења со својот радар и дури испрати селфи на кое позира со својот лендер.
Требаше да биде функционален три месеци, но успешно работеше нешто повеќе од една година, а потоа влезе во планирана хибернација. Ништо не се слушна од него од мај 2022 година до сега кога беа објавени новите резултати од скенирањето, пишува „Јуниверс тудеј“.
Утопија Планитија е голема рамнина во рамките на Утопија, најголемиот познат слив на Марс и во Сончевиот систем. Се проценува дека има дијаметар од 3.300 километри. Кинескиот ровер за време на својата мисија патувал 1.921 метар.
Кинеските научници известуваат дека радарот на роверот открил шеснаесет полигонални формации на растојание од околу 1,2 километар, што покажува дека овој тип на подземен терен може да биде широко распространет под Утопија Планитија.
Пронајдените геометриски форми, веројатно, биле формирани пред 3,7 до 2,9 милијарди години за време на доцната хеспериска и раната амазонска епоха на Марс, при што теренот последователно бил покриен со подоцнежни геолошки процеси. Иако на површината на Марс веќе се забележани полигонални геолошки формации, ова е прв показател дека тие се наоѓаат и во подземјето на Црвената планета.

Претходните студии на радарските податоци на „Журонг“ покажаа дека повеќекратните поплави во иста временска рамка создале неколку слоеви под површината на Утопија Планитија. Затоа научниците веруваат дека големите климатски промени на Марс се одговорни за овие необични форми.
„Контрастот на карактеристиките над и под длабочина од 35 метри укажува на значајна трансформација на активноста на водата или термалните услови, што имплицира дека поголеми климатски промени се случиле на ниски до средни географски широчини“, објаснуваат научниците.
Истражувањето наречено „Закопан палео-полигонален терен откриен под Утопија Планитија на Марс од радарот ‘Журонг‘“ беше објавено во списанието „Нејчр“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

