Македонија
Маричиќ: Словенија е наш пријател и силен поддржувач на европскиот пат
По потпишувањето на меморандумот за развојна соработка, вицепремиерот Бојан Маричиќ го поздрави словенечкиот народ именувајќи ги како наши пријатели, кои се секогаш гласни во силната поддршка за проширување на Европската Унија со државите од Западен Балкан. Словенија во своите заложби на посебно место ја става и како приоритет секогаш ја гледа Северна Македонија во нејзината аспирација да стане полноправна членка на Европската Унија до 2030 година, рече тој.
Словенија, додаде тој, силно го поддржа новиот пакет за проширување 2030, кој овој пат го вклучува и планот за раст на економиите на земјите од Западен Балкан.
Маричиќ во изјавата се осврна на извештајот за напредокот на Република Северна Македонија за оваа година велејќи дека Европската комисија упатува силна порака да се продолжи и да се интензивира овој пат на кој сме до сега и да го зајакнеме доброто ниво на подготвеност.
„Имаме прогрес во 81 % од поглавјата, а нема назадување во ниту едно поглавје. Тоа не значи дека сме завршиле сè, но тоа значи дека имаме добра основа за да продолжиме понатаму.
Наредната недела го заокружуваме целосно процесот на објаснувачки и билатерални скрининзи и понатаму само од нас ќе зависи секој следен чекор во процесот и динамиката на преговорите. Прифаќањето на уставните измени останува најважен предуслов, единствен предуслов за да продолжиме понатаму, а секое одлагање и ставање во неизвесност на преговорите и на нашето полноправно членство би била неодговорна и опасна политичка одлука“, рече тој.
Во изјавата вицепремиерката Фајон се надоврза: „Ги повикувам сите одговорни партии во оваа држава да ги направат овие нужни чекори, како што е промената на Уставот, за да може овој процес на проширување и претпристапни преговори да може да продолжи. Тоа е одговорност кон државјаните, кон граѓаните и граѓанките и тоа е клучно за да може Северна Македонија да оди напред кон ЕУ. Денес, проширувањето стана геостратешка итност и затоа уште еднаш ѝ посакувам на Северна Македонија многу храброст, многу самодоверба, цврста работа“, нагласи таа
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

