Економија
Битиќи: Човечкиот капитал е клучен сегмент во Националната развојна стратегија

„Триесет годишното партнерство со Светска банка, се одбележува во време кога Северна Македонија започнува нов процес, а тоа е Националната развојна стратегија за следните 20 години, која ќе ги адресира сите отворени прашања, кои 30 години не сме ги адресирале“ , рече заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, на конференцијата посветена на 30-годишното партнерство меѓу Светска банка и Северна Македонија.
Вицепремиерот Битиќи беше говорник на панелот посветен на демографските предизвици и на човечкиот капитал, при што рече дека инвестирањето во човечки капитал е најважната инвестиција и овозможувачки фактор за сѐ друго што правиме, и без инвестирање во него, сите можни стратегии остануваат само идеи на хартија.
„30-годишното партнерство меѓу Светска банка и Северна Македонија се одбележува и во момент кога отпочнуваме нов процес, а тоа Националната развојна стратегија за следните 20 години во кои ги адресираме сите отворени прашања, кои 30 години не сме ги адресирале. Во неа е опфатен и еден клучен сегмент, а тоа е човечкиот капитал. Знаењето и човечкиот капитал се дел од Националната развојна стратегија и се клучни во борбата со демографските предизвици“, рече вицепремиерот Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи се осврна и на демографските трендови кои треба да ги согледаме, да ги препознаеме и да не бегаме од нив.
„Треба да ги прифатиме како основа за спроведување на политики. Миграциите ќе продолжат, нема да завршат, нашата држава ќе биде дел од тие процеси, ќе доаѓаат луѓе, но тие кога доаѓаат не секогаш со себе носат лоши навики, туку тие се носители и на капитал, на знаење, на вештини. Овој процес треба да го видиме како можност, а не како пречка за економскиот развој“, рече Битиќи.
На панелот, вицепремиерот Битиќи рече дека има повеќе секторски стратегии кои се усогласени со Националната развојна стратегија, со која јасно дефинираме каде сакаме да се движиме во наредните две децении, да креираме можности за младите. Да се справуваме со диспаритетите во државата помеѓу регионите.
„Човечкиот капитал соодветно е адресиран и во Стратегијата за човечки капитал, која се темели на четири столбови, подобрување на квалитетот на услугите во образованието, здравството и социјалната заштита, ставање многу посилен акцент на потребите на ранливите категории граѓани, зголемени инвестициите во човечки капитал и истовремено зголемена ефикасност на трошењето и, зајакнување на управувачките капацитетите на секторите за човечки капитал“, заклучи Битиќи.
На панелот, заедно со вицепремиерот Битиќи, учествуваа и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, Паоло Бели, менаџер на пракса, социјална заштита и работни места во Светска банка и Благица Петреска, извршен директор на Finance Think.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Скенирањето сметки на апликацијата „МојДДВ“ е со прекини, УЈП извести за технички проблеми

Управата за јавни приходи извести дека мобилната апликација „МојДДВ“ во моментов работи со прекини. Тимот на УЈП интензивно работи на отстранување на проблемот, со цел апликацијата да биде целосно функционална.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција. Ги молиме сите корисници за трпеливост и разбирање. Тимот на Управата за јавни приходи е целосно ангажиран и работи на надминување на техничките пречки“, соопшти Управата за јавни приходи.
Од таму не откриваат за какви технички проблеми се работи, ниту пак кога очекуваат да бидат надминати.
Економија
Мицкоски најави нова инвестиција во Штип

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на најавата на директорот на Технолошко-индустриските развојни зони за 4 нови странски инвестиции, изјави:
„Во текот на вчерашниот ден, во разговор со директорот, имаме добра вест, нова инвестиција, потврдена во индустриската зона во Штип. Фабрика којашто ќе вработи до 150 луѓе. Фабрика којашто ќе инвестира некаде околу 35 милиони евра. Којашто во својот пик за три години од денес ќе извезува 300 милиони евра коишто ќе влезат во Бруто домашниот производ и ќе произведува батерии и тоа е добро. И тоа е добро, а за сите овие други, да имаме и потврди и полека ќе ги објавуваме. Ова е веќе договорено со инвеститорот и заради тоа го кажав, инаку фабриката е од земја од Европска Унија, да немаме дилема.“
Економија
Дизелот поевтинува за 2,5 денари

Од ноќеска на полноќ дизелот ќе поевтини за 2,5 денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 77,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 79,50 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 70,50 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 72,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,188 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,499 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), не се менуваат.