Македонија
Маричиќ: Граѓаните многу порано од предвиденото ќе почувствуваат како е да се биде дел од ЕУ
Граѓаните ќе почувствуваат како е да се биде дел од Европската Унија многу порано од предвиденото, со фокус на реализација на Планот за раст и 2030 како индикативна година за приклучување, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ кој учествуваше на денешната конференција организирана од Калеви Сорса Фондацијата на тема „Гледање напред кон Земјите на Западен Балкан во ЕУ, искористување на моментумот за проширување“.
Вицепремиерот во своето обраќање се обрати со пораките дека овој моментум е посебна шанса за земјите од Западен Балкан и истата треба да се искористи.
Пораката од Шарл Мишел не смееме да ја забораваме, треба да се фокусираме и да ја искористиме, да се држиме кон 2030 како индикатор за нашите планови. Државите од Западен Балкан мора да гледаат далекусежно и да се фокусираме на реформите кои што ќе ни донесат просперитет.
Во дискусијата Маричиќ се фокусираше на Планот за раст со која земјите од Западен Балкан можат многу да добијат нарекувајќи ја „Револуционерна одлука за проширувањето на Европската Унија.
„Со Планот за раст првпат се отвораат можности за вклучување во програми во кои не сме биле досега вклучени, со што се овозможува и пристап до финансиска помош со која ќе се овозможи реализација на реформите најпотребни за реализација на процесот.
Вицепремиерот истакна дека 2030 треба да биде индикативна година и план за вклучување на земјите од Западен Балкан, со што на граѓаните ќе им се укаже можност и ќе почувствуваат дека се дел од Европската Унија, ја поздрави храбрата политика на ЕУ за раст на унијата и стратегијата која ја планираат за проширувањето.
За крај ги поздрави присутните со порака дека државите од Западен Балкан можно е да се реформираат до 2030 година, која ќе биде индикација за реализација на нашиот европски пат.
„Не смееме да го пропуштиме овој момент, немаме време за чекање, мораме да ја искористиме шансата да се вклучиме во европскиот фронт каде што се вклучени сите. Да не се навлегува во тунелот на чекање, кој може да биде изгубено скапоцено време за нас“.
Конференцијата беше во организација на Прогрес односно Калеви Сорса Фондација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска на Саем за образование и кариера: одлична идеја за промоција на македонското високо образование
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска присуствуваше на отворањето на Саемот за образование и кариера 2026, што трета година по ред го организира студентската иницијатива Студентарија во соработка со Скопје Сити Мол. Во своето обраќање преку присутните посочи дека станува збор за одлична идеја за промоција на македонското високо образование и за поврзување на високообразовните установи со компаниите и бизнис секторот, а со крајна цел – олеснување на младите во изборот на областа каде ќе се надградуваат и работат.
„Гледам млади луѓе во голем број – средношколци кои треба да одлучат на крстопатот во кој правец ќе се движат, студенти кои ќе продолжат да се надградуваат, а некои се во потрага по можности за вработување и кариера во сопствената земја. Од друга страна, има и компании кои им ги нудат тие можности на младите и јас во оваа прилика ги повикувам и сите останати да ги отворат вратите, да ги подобруваат материјалните и нематеријалните услови за работа, бидејќи само така ќе ги задржиме во нашите граници и ќе им овозможиме да успеат лично и да придонесат за нејзиниот развој“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека верува во подобра иднина за македонското високо образование, а тоа е цел за која Владата интензивно се заложува во досегашниот тек на мандатот.
„Ќе ја постигнеме оваа цел преку континуиран раст на буџетот и преку усвојување и спроведување на ново законско решение, кое е во фаза на подготовка во заедништво со универзитетите и пошироката јавност. Истиот ќе воспостави ред, нови студиски програми, модернизација на постојните, поголема меѓународна соработка, подобар студентски стандард и раздвижување на научната дејност“, додаде Јаневска.
Изрази очекувања дека саемот ќе прерасне во традиција и ќе биде успешен затоа што, како што рече, се работи за иницијатива на млади луѓе од Македонија кои ја сакаат државата, и се посветуваат за подобрување на состојбите во својата татковина и на задржување на новите генерации во овие граници.
Македонија
Ѓорѓиевски-Варнс: борбата против корупцијата, демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа во фокусот
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со вршителката на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија, Никол Варнс.
На средбата беше изразена подготвеност за продлабочување на досегашната соработка, со посебен акцент на борбата против корупцијата, унапредувањето на демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа.
Градоначалникот ги презентираше и тековните проекти на Град Скопје во областа на сообраќајната инфраструктура, јавната хигиена и зелените површини.
Соговорниците разговараа и за продлабочување на соработката меѓу збратимените градови преку образовни и културни размени, како и за реализација на идни заеднички проекти насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Македонија
Герасимовски: Стихови и музика во Центар, објавен е јавен повик за реализирање на Светскиот ден на поезијата
Општина Центар објави Јавен повик за реализација на проектот „Светски ден на поезијата“, со цел достојно одбележување на 21 Март, денот кога ширум светот се слави поетскиот збор.
Настанот има за цел да ја афирмира македонската поезија, да ја истакне нејзината вредност и да го потврди безвременскиот карактер на делата на македонските поети.
Во рамките на проектот се предидени содржини што ќе го спојат поетскиот израз со соодветна музичка поддршка, создавајќи автентично уметничко доживување за публиката.
„ Општина Центар особено внимание посветува на проектите од областа на културата , афирмацијата на македонскиот јазик и творешвото. 21 Март, Светскиот ден на поезијата, но и на пролетта, ќе го прославиме со стихови и музика, како што доликува. Ги повикувам сите креативци, љубители на поетскиот збор да се пријават и да ни се приклучат во организирање на овој убав настан“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Рокот за поднесување на пријавите е 5 дена од денот на објавување на Јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар.

