Македонија
Истите лица што ја убиле Вања се осомничени и за убиството на велешкиот фризер Панче по кој се трагаше, автомобилот му беше пронајден опожарен во средата

Истите лица кои стојат зад убиството на 14-годишната Вања по која со денови трагаше целата држава, се осомничени и за убиство на велешкиот фризер, Панче Жежовски, кој беше пријавен за исчезнат од 24 ноември.
Во скопско Бразда во средата беше пронајден опожарен автомобилот од марката „цитроен“ за кој беше утврдено дека му припаѓа на 74-годишниот велешанец, а денес МВР и Обвинителството објавија дека неговото безживотно тело било најдено во околината на Велес.
Осомничени за двата случаи се пет лица, од кои за три се бара притвор, едно е надвор од државата, а петтото е во полициска станица. Од спроведените истражни дејствија утврдено е мотивот за двете убиства бил користољубие, објави вечерва Обвинителството.
Според информаците на властите, Вања била земена со возило од влезот на живеалиштето на 27 ноември и убиена уште истиот ден, односно три часа по нејзиното исчезнување. За велешкиот фризер кој исчезна на 24 ноември, засега не е познато кога бил убиен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Таравари за уапсениот директор на геријатрија кој е кадар на Алијансата: „Ова е недозволиво, секој кој се огрешил мора да одговара“

Алијансата на Албанците се огласи по апсењето на Мухсин Арифи, директорот на болницата за геријатрија, поради поткуп.
Од партијата на Таравари, чијшто кадар е Арифи, ги повикуваат надлежните државни органи во брза и ефикасна постапка да ги расчистат сите околности поврзани со конкретниот кривично правен настан.
„Секој кој се огрешил пред законите мора да понесе одговорност, без разлика на етничката, верската или политичката припадност. Испораката на правда мора да биде неселективна“, се вели во дописот до медиумите.
Се додава дека Алијансата останува силно посветена на борбата против корупцијата, а албанскиот народ не заслужува да го претставуваат лица кои евентуално се обидуваат нелегално да се збогатат на здравствените маки на граѓаните.
„Ова е недозволиво и надвор од принципите кои ги застапуваме“, децидна е партијата која уверува дека партиските органи ќе ги преземат сите неопходни статутарни чекори за зачувување на угледот.
Во акција на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), приведени се две лица под сомнение за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.
Македонија
Стоиме на располагање, велат од Министерството за здравство по информациите за апсењето на директорот на Геријатрија

Министерството за здравство соопшти дека се залага за што побрзо расчистување на случајот од страна на Јавното обвинителство во врска со наводите за примање поткуп од раководно лице во јавна здравствена установа.
„Министерството за здравство стои на располагање доколку се потребни какви било информации по службена должност. Наш приоритет останува обезбедување најсоодветна грижа за сите пациенти во јавните здравствени установи“, велат од Министерството за здравство.
Во акција на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) приведени се две лица под сомнение за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.
Од Обвинителството засега не изнесуваат повеќе детали, а според неофицијалните информации во јавноста, едниот од приведените е Мухсин Арифи, в.д. директорот на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ Скопје.
Македонија
Во акција на МВР и Обвинителството приведени две лица за примање поткуп и награда за противзаконито влијание

Две лица се приведени под сомнение за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.
Акцијата е во координација на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Од Обвинителството засега не изнесуваат повеќе детали, а некои од медиумите неофицијално објавија дека еден од приведените е Мухсин Арифи, в.д. директорот на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ Скопје.