Македонија
Мицкоски пред лидерската: Техничката влада и уставните измени не се предмет на оваа средба

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред денешната лидерска средба рече дека партијата останува на истите позиции.
„Денеска треба да се одржи состанок на кој очекувам да се разговара за тоа што беше претходно најавувано од Ковачевски. Денеска е тежок ден за Македонија, за сите нас. За мене, претставува тежок момент, особено сум разочаран и згрозен од прес-конференцијата на оние двајца луѓе, на која не слушнавме ниту еден конкретен доказ. Мое сочувство до семејствата на трагично загубените човечки животи“, рече Мицкоски.
Немаме други позиции, освен оние кажани во јавноста. Јас побарав лидерска во формат во кој тие ќе го изберат, правеа обиди за политички гимнастики повеќе недели за на крајот да завршиме на таква средба. За неколку месеци од денеска ќе дојде крајот и ќе има одговорност, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека уставни измени нема да има додека не се види јасно поместување на асимилаторската политика на Бугарија кон македонската заедница таму. Како што изјави техничката влада, ниту уставните измени не се предмет на денешната средба.
„Јас не се шегувам со тоа што го кажувам, уставни измени нема да име додека немаме јасен европски пат и додека не видиме јасно поместување на хегемонистичките и асимилаторски политики на нашиот источен сосед кон македонската заедница во Бугарија. Јас тврдам дека за неколку месеци од денеска многумина политичари ќе бидат минато. Техничката влада не е предмет на оваа средба, туку датум на парламентарните и претседателските избори“, додаде Мицкоски.
На лидерската средба пристигнаа и премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, но тие не дадоа изјави за новинарите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.