Економија
Еуромакс Ресоурцес со писмо до МЖСПП: Во рудникот „Иловица – Штука“ нема да се користи цијанид, планираме „суво јаловиштe“ и нов водоводен систем за локалното население
Со писмо адресирано до министерот за животна средина и просторно планирање, г-ѓата Каја Шукова, Еуромакс Ресоурцес ги расчистува сите дилеми и заблуди кои во изминатиов период се создадоа во однос на работата на идниот рудник за бакар „Иловица- Штука“ и уште еднаш бара од надлежните органи да го разгледаат и да одговорат на барањето за спојувањето на концесиите „Иловица 6“ и „Иловица 11“ за кое нема никакви законски пречки да биде позитивно.
Во писмото, потпишано од највисоките членови на раководниот тим на Еуромакс Ресоурцес, Тимоти Морган Вин, претседател на Одборот на директори и главен извршен директор и Николас Треанд, извршен директор, компанијата нагласува дека во процесот на експлоатација на минералните суровини во рудникот нема да се користи цијанид, ниту било каква цијанидна супстанција. Компанијата се заложува да инвестира во најсовремени технологии кои овозможуваат управување со отпадот според методологијата за „суво јаловиште“ односно јаловината би била со слична текстура на обичната почва, како и плановите за инвестирање во нов водоводен систем за локалните села и населението.
„Во ова писмо ја нагласуваме нашата заложба дека во процесот на експлоатација нема да има употреба на цијанид. Повторувам, нема да има употреба на цијанидна супстанција во која било форма. Што се однесува до загриженоста за управувањето со јаловина, веќе имаме исклучително безбеден дизајн за управување со јаловина. Сепак, со оглед на неодамнешните важни технолошки подобрувања, ќе нарачаме студија за спроведување на капацитет за управување со „сува јаловина“. Доколку е остварливо, тоа значи уште едно постепено подобрување на безбедноста, дополнително намалување на ризикот од дефекти на браната, загадување на околните води или оштетување на околниот биодиверзитет и елиминирање на потенцијалното прелевање на јаловината. Во секој случај, нема да има брана со висок ѕид што ќе задржува огромна количина [загадена] вода. За да обезбедиме безбедно и стабилно водоснабдување за домаќинствата, ние се обврзуваме да инвестираме во нов водоводен систем за локалните жители да имаат чиста вода; и се обврзуваме да изградиме цевковод од акумулацијата Турија до Иловица, обезбедувајќи сигурно снабдување со вода за жителите да не останат без вода во текот на топлите лета“, истакна Тимоти Морган – Вин, претседател на Одборот на директори и главен извршен директор на Еуромакс Ресоурцес Лтд.
Нашата примарна цел е да ги ублажиме стравувањата околу спроведувањето на нашиот проект, истакна Николас Треанд, извршен директор на Еуромакс Ресоурцес Лтд, изразувајќи уверување дека планот за отворање на рудникот не само што ќе придонесат позитивно за економскиот раст, туку и ќе се усогласат со целите на еколошките активисти кои се залагаат за транзиција кон зелена енергија.
„Според Светската банка, зголемената побарувачка за „зелена“ технологија и производство на обновлива енергија, заедно со софистицираните решенија за складирање енергија, се предвидува да доведе до пораст од 500% на производството на критични минерали и метали потребни до 2050 година, вкупно околу 3 милијарди тони. Според сегашниот проект, рудникот Иловица Штука ќе произведува 24.000 тони бакар годишно. Нагласувајќи ја важноста на нашиот проект за рударство, од витално значење е да се забележи дека во текот на неговиот животен век, тој ќе игра клучна улога во исполнувањето на овие растечки глобални барања. Рударската индустрија значително еволуираше во последниве години, водена од принципите на одговорно рударство. Ние се придржуваме до современите технологии кои даваат приоритет на заштитата на животната средина, ги подобруваат работните услови и поддржуваат значителна општествена одговорност. Ќе го повторам она што Тим веќе го кажа многу јасно, рудникот Иловица Штука ќе биде без цијанид, со методологија на сув талог за управување со јаловина, нема да има опасност од прелевање, сегашното водоснабдување нема да биде во опасност и ќе инвестираме во нов цевковод кој обезбедува побезбедно и стабилно снабдување со вода за локалното население“, истакна извршниот директор, Николас Треанд.
Меѓу највисоките приоритети на компанијата останува и одржувањето на соработката и комуникацијата со локалното население. Реализацијата на овој проект не значи сценарио или-или. Сосема спротивно, напредокот во современите технологии го отвора патот за соживот и истовремен развој и на рударската индустрија и на земјоделството под поволни услови, нагласи Дамиан Петровски, извршен директор на Еуромакс Ресоурцес ДОО Скопје.
„Во согласност со оваа визија, нашата компанија се обврзува да биде поддршка за локалното земјоделство. Нашата посветеност планираме да се материјализира преку различни начини, вклучително и финансиска помош за набавка на напредни земјоделски машини. Ја препознаваме клучната улога на технологијата во современото земјоделство и, како дел од нашите заложби, имаме за цел да го олесниме пристапот до најсовремените алатки и знаења кои можат значително да го подобрат локалното производство“, рече Петровски.
Од овие причини компанијата повикуваме властите да го разгледаат нашето писмо и очекуваме во најскоро време соодветна одлука за нашето барање за спојување на концесиите.
„Предметот предолго е заглавен во управните и судските постапки. Сметаме дека во најдобар интерес на жителите, државата и проектот е да се донесе брза одлука за иднината на овој проект – или регионот ќе добие мега инвестиција што ќе го поттикне економскиот развој во годините што доаѓаат, или ќе бидеме принудени да разгледаме други решенија за заштита на нашата инвестиција“, порача на крајот претседателот на Одборот на директори и главен извршен директор, Тим Морган – Вин.
Реализацијата на планот за изградба на рударскиот комплекс „Иловица – Штука“ означува значителна инвестиција во износ од 340 милиони евра. Оваа иницијатива ветува дека ќе генерира приближно 1.000 директни работни места во фазата на изградба и 500 директни работни места за време на работата на рудникот. Покрај неговото непосредно влијание врз вработувањето, проектот е ќе даде значителен придонес во бруто домашниот производ на земјата, вбризгувајќи средства и во државниот и во општинскиот буџет. Позитивен ефект ќе има врз локалните бизниси, кои ќе имаат значителни придобивки. Проекциите сугерираат годишен прилив од околу 74 милиони евра во овие локални претпријатија.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Претставени новите правила за учество на пазарот на електрична енергија
Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје, одржа презентација и јавна расправа за „Правилата за регистрација на учество на пазарот на електрична енергија и уредување на пазарот на билатерални договори“. На настанот беше презентиран и Извештајот за работа на МЕМО за тековната година.
На расправата присуствуваа претставници од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Регулаторната комисија за енергетика, МЕПСО, ЕСМ, како и компании снабдувачи, трговци и производители на електрична енергија. Стручните тимови на МЕМО и раководството презентираа и беа отворени за дискусија со учесниците на настанот.
Управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, истакна дека во тековната година активно се реализираат зацртаните цели на Операторот, кој ги интегрира функциите поврзани со управување со пазарот на билатерални договори, интеграцијата на обновливите извори на пазарот на електрична енергија како и Македонската берза за електрична енергија.
„Расте бројот на компании кои тргуваат на домашната берза, како и истргуваната количина, што претставува показател за поголема ликвидност и транспарентност. Веќе 39 компании активно тргуваат и споредено со 2024 година забележуваме раст на истргуваната количина од 40%. До октомври годинава истргувани се над 1 TWh електрична енергија,“ истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека е забележан раст и во производството од обновливи извори кај 178 повластени производители, што го зголемува учеството на зелената енергија во националната енергетска структура. Воедно, значително расте и бројот на издадени Гаранции за потекло – од април до денес издадени се 127.907 гаранции.
Во делот на идните активности, Ѓорѓиевски најави дека се работи на воспоставување на пазар во тековниот ден (Intraday Market), кој се очекува да стане оперативен до крајот на вториот квартал од 2026 година, како и на подготовките за пазарно спојување со европскиот пазар.
Во однос на новите Правила за регистрација на учество на пазарот на електрична енергија и уредување на пазарот на билатерални договори, беше истакнато дека нивната цел е обезбедување ефикасен, конкурентен и финансиски одржлив пазар, заснован врз транспарентност и недискриминација, согласно законската регулатива од областа на енергетиката и обновливите извори.
Правилата ја утврдуваат целокупната организација, функционирање и регулирање на пазарот на електрична енергија, вклучувајќи ги условите, постапките, правата и обврските на сите учесници, начинот на тргување – домашно и прекугранично – како и уредувањето на набавките, евиденциите и односите со повластените и виртуелните производители.
Новитет во Правилата се воведувањето на Оператор на складиште и Агрегатор како нови учесници на пазарот на големо, согласно новиот Закон за енергетика. По јавната расправа следи процес на одобрување на Правилата од страна на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги од јавен интерес.
Економија
Димитриеска-Кочоска: Есенскиот извештај на ЕК сигнал дека се движиме во позитивна насока
Есенските економски проекции на Европската комисија, кои што се објавени вчера, се јасен сигнал дека се движиме во позитивна насока, оценува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Во објава на Фејсбук наведува дека проекцијата за раст на македонската економија е зголемена за 2025 и 2026 година, што е потврда за стабилноста, издржливоста и довербата во нашите економски политики.
Како што стои во објавата во Извештајот е нотирано дека во првата половина од годината растот на БДП беше повисок од очекуваното, поддржан од инвестиции, приватна потрошувачка и подобрени извозни перформанси. Инвестициите во инфраструктурата и приватниот сектор се позиционираат како двигатели на растот во следните години, а стабилизирањето на инфлацијата дополнително ја зајакнува економската предвидливост. Дополнително, реализацијата на големите инфраструктурни проекти и спроведувањето на реформите од Планот за раст на ЕУ ќе имаат поголем придонес за уште побрз развој.
Како што пишува министерката ова се позитивни сигнали од ЕК коишто се силен поттик да продолжиме со одговорни политики што ја зајакнуваат економијата и го подобруваат животниот стандард на граѓаните.
„Како Влада и како Министерство за финансии, остануваме посветени на стабилни јавни финансии, фокусирани инвестиции и реформи што го забрзуваат економскиот развој“, истакнува министерката во објавата.
Имено, во Есенскиот извештај на Европска комисија (ЕК) проекцијата за економски раст за 2025 година изнесува 3,2% и истата е зголемена за 0,2 п.п. во однос на претходниот извештај. Исто така, проекцијата за 2026 година ЕК ја ревидираше нагоре, односно истата е зголемена на 3,3% и за 2027 година предвиден е раст од 3,3%.
Економија
Кузманоска: Домашните капитални инвестиции во 2026 година ќе бидат мотор за економскиот раст на земјата
Биљана Кузманоска, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, на денешната комисиска расправа за Предлог-буџетот за 2026 година порача дека Предлог-буџетот за 2026 година носи ред, мерливи резултати и стабилен економски раст, со силен фокус на инфраструктурата и инвестиции кои треба да отворат нови работни места.
,,Буџетот за 2026 година не е само финансиска рамка, тој е одраз на новиот начин на работа, на новата политика што ја ветивме, политика на одговорност, ред и чесност“, рече Кузманоска и додаде:
,,Воведуваме јасни прагови за реализација, и тоа не на хартија туку со мерливи рокови. До крајот на првиот квартал, 15% до вториот 40% до третиот 65% и најмалку 70% до 15 ноември“.
Кузманоска посочи дека фокусот на Предлог-буџетот за 2026 година е и инфраструктурата.
,,Фокусот е на инфраструктурата што ја поврзува Македонија. Патишта, железници, училишта, болници, локални проекти. Со овој буџет имаме реален раст и стабилност. Буџетот е поставен на реални и внимателни проекции. Раст на економијата од 3,8% проекти, инфлација стабилна на 2,5%, и дефицит кој е намален н 3,5% од БДП“, истакна Кузманоска.
Таа дополни дека во 2025 година Македонија имаше рекордни странски инвестиции, што според неа, покажува стабилност, а истакна и дека во 2026 година се очекува инвестициите заедно со домашните капитални вложувања да бидат мотор на економскиот раст и да отворат нови работни места.
,,Минатата година го достигна највисокото ниво на странски директни инвестиции во својата историја, над 1 милијарда евра. Тоа не се бројки, туку доказ дека инвеститорите гледаат стабилност, предвидливост и волја за работа. Во 2026 година, заедно со домашните капитални вложувања очекуваме инвестициите да бидат мотор што ќе го движи економскиот раст и ќе отвора многу нови работни места“, кажа Кузманоска.

