Македонија
Николовски: Започнува првиот дел од активностите за изградба на Ски-центарот Царев Врв, еден од најмодерните на Балканот
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, по повод повторно активирање на проектот и започнувањето на првиот дел од активностите за изградба на Ски-центарот Царев Врв, еден од најмодерните на Балканот, денеска во Штип се сретна со директорката и претставниците на Центарот за развој на источниот плански регион.
Како што извести МЗШВ, на средбата министерот го доставил Известувањето за техничка поддршка за користење на средства од Програмата за рурален развој за 2023 година, со кое се означува стартот на почетниот чекор кон реалзиација на уште еден голем капитален проект за развој на североистокот, а тоа е изградбата на Ски центарот Царев Врв.

„Во срцето на Осоговските планини, на надморска височина од 2085 метри токму на Царев Врв, ќе се гради модерен ски-центар, кој ќе биде еден од петте најголеми ски центри на Балканот.
За реализација на овој проект подготвена е предфизибилити студија, која идентификува развој на поширокиот дел на Царев Врв, преку ски центар со изградба на 59 ски стази со вкупна должина од 59 километри, опслужувани од 9 жичари и 3 ски лифтови. Сместувачки капацитети со 5.600 кревети, како и придружни објекти со вкупна површина од 8.000 м2. Овој значаен проект отвора и нови работни места во планираниот ски центар, хотелските и угостителски обејкти, како и развој на придружните туристички населби Пониква и Калин Камен.
Советот за развој на Источен плански регион во 2019 година, до Владата достави иницијатива за номинирање на Царев Врв и Осоговските Планини за национален приоритет, со цел обезбедување на средства за потребните чекори до реализација и отпочнување со работа на ски центарот Царев Врв“, рече Николовски.
„На моја иницијатива, уште со буџетот за 2021 година, обезбедивме 20 милиони денари, за Центарот за развој на Источниот плански регион, наменети за подготовка на планска документација. За жал, таа година поради енергетската криза, овие средства беа пренаменети во фондот за спроведување на Владините мерки за поддршка на граѓаните и компаниите во услови на енергетска криза.
Иако активностите се одложија, нашата желба и посветност за овој проект продожи и понатаму. На заедничка иницијатива на министерството и Центрите за развој на Источниот и Североисточниот плански регион, заедно со општините Македонска Каменица, Кочани, Крива Паланка, Пробиштип и Кратово во месец јуни 2023 година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој обезбедуваме 6 милиони денари преку Програмата за рурален развој, за започнување на активностите за ажурирање на предфизибилити студијата.
Со овој Меморандум го започнуваме првиот чекор кон реализацијата на ски центарот Царев Врв, преку ажурирање и дополнување на постојната физибилити студија со идеен проект, ажурирани геодетски подлоги, урбанисточко планирање со Стратегиска оцена за влијанието на животната средина.
Со денешното примопредавање на Известувањето од страна на министерствтото, Центарот за развој на источниот плански регион ќе може да ги отпочне процедурите и постапките за ангажирање на оператор, кој ќе го подготви овој документ од стратешка важност за регионот, а истиот ќе биде целосно финансиран од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. На овој начин со подготовката на овие значајни документи, се активира повторно проектот за изградба на ски центарот Царев Врв, еден од најмодерните на Балканот, проектиран да биде подобар и помодерен од центрите во Банско, Боровец, Брезовица, Копаоник, Стара Гора и Јахорина.
Дополнително исто така преку програмата за поддршка на руралниот развој преку мерките 321, 322 и 323, за општина Штип и Центарот за развој на Источниот плански регион сме обезбедиле поддршка во вкупна вредност од 56,6 милиони денари.
Средства со кои сме ја поддржале реализацијата на 7 инфраструктурни проекти за подобрување на животот на граѓните во руралните средини. Завршен е проектот за изградба на локален пат за поврзување на селата Вртешка, Кепекчелија и Калузлија со регионален пат Р2431. Потоа проектот за изградба на дел од локален пат од село Шашаварлија до село Кошево. Изградба на улици во село Караорман. Потоа проектот за изградба на пристапен пат од село Оризари, до манастирот Пресвета Богородица. Како и проектот за изградба на локален пат во селото Љуботен, општина Штип“, изјави министерот Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Нема да дозволам внатрепартиско роварење и поделби платени од ВМРО
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната средба во Штип со општинските организации од изборната единица 3, порача дека консолидацијата и внатрепартиското единство се клучни предуслови за зајакнување на СДСМ и за успешна борба против оваа власт. Тој нагласи дека нема да дозволи внатрепартиски поделби платени од ВМРО-ДПМНЕ.
-Има некои луѓе кои што се амбицираат како некоја групација, меѓутоа не сакаат да дојдат и да разговараат, не сакаат да ги соочат аргументите, затоа што аргументи немаат. Затоа што се платени од ВМРО-ДПМНЕ на кои што проектот ЗНАМ веќе им пропадна, и не може да сметаат повеќе на тоа, рече Филипче.
Филипче додаде дека, со оглед на падот на поддршката кај ВМРО, единствениот начин што го користат е да предизвикуваат поделби во СДСМ но дека тој нема да дозволи нови поделби и внатрешно роварење.
-Имајќи предвид како ја губат поддршката од граѓаните, се што може да направат е дополнително нас да не делат. Јас нема да го дозволам тоа внатрепартиско роварење, делење, заради нечии интереси коишто да знаете ако не се сте ја знаеле позадината тој проект е повторно, како проектот ЗНАМ, платен од ВМРО-ДПМНЕ, платен заради тоа што тој е единствениот начин тие да останат на власт, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ упати порака и до оние кои, како што велат од партијата, се обидуваа да не успее Конгресот на СДСМ.
-Жалам што имаше другари, кои се обидуваа и конгресот да не успее. Пуштаа пораки на делегатите, им кажуваа да не доаѓаат. Сакам јасно и гласно да им кажам да им биде последно. На крај памет, не да направат нешто, да помислат нешто, да направат против партијата од која добиле се. Не станува збор за мене. Ние не можеме да работиме еден против друг, против СДСМ. Кој и да работи против, работи против партијата. Со тоа, во оваа ситуација и против државата, рече Филипче.
Македонија
Стојаноска за Трендафилов: Волкот во јагнешка кожа, не наседнувам на неговото сценарио
Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска со критики до претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, откако на прес-конференција тој кажа дека објава на видео од неговите малолетни деца нема да го замолчи и ги повика институциите да преземат мерки против пратеничката Дафина Стојаноска.
Пратеничака Стојаноска пак во објава на социјалните мрежи вели дека сосема е препознатлив речникот на Трендафилов и дека не би сакала воопшто да наседнува на неговото сценарио.
„Видеото јасно го прикажува неговото однесување со службеното возило на ССМ. Не се цел неговите малолетни деца (чии што идентитети се прикриени на самото видео). Целта е да се прикаже на јавноста како овој “волк” изигрува јагне, “бранејќи” ги правата на работниците или во превод: разоткриено е целото лицемерие на “водачот” .
Јавните личности треба да се подготвени на секакви видеа и фотографии. Тоа е “цената” која секоја јавна личност знае како и колку ја “плаќа”.
Секако, не мислевте дека ние, како пратеници, немо ќе гледаме како “со сите средства” поддржани од вашите политички ментори СДСМ и Левица, вршите притисок врз мнозинството и промовирате идеологија од минатото, каде државата или законодавецот се става над приватната сопственост.
Што се однесува до видеото, можеби да е и од некој незадоволен работник од “штитењата” на Трендафилов?!?
Што се однесува до мојата реакција на неговата изјава (закана): Почитувам закони и Устав! Нека се постапи согласно законите и да видиме кој тоа е виновен?!?
П. С. Да наречеш пратеничка (која предводеше листа на последните парламентарни избори која освои 21.622 гласови) монструм, не само што е напад врз жена, туку е напад и врз 21.622 жители на ИЕ 6.
П. П. С. “Јагнето” Дичо за истите тие избори се фалел дека “вредел” околу 7-8.000 гласа (а, вчера беа само 50 ина на “блокадите”) и дека сите ги убедил да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ на ниво на цела Македонија.
П. П. П. С. Ако сака да ја продолжи “битката” со мене, го чека ДАФИНА“, напиша пратиничката на социјалните мрежи.
Македонија
Режимот на ДПМНЕ со демнење и следење демонстрира сила наместо да одговори како се преживува со 400 евра плата, велат од Левицата
Левица најостро реагира на скандалот со следењето на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, што кулминираше со јавно објавување на снимка на која тој е заедно со неговите малолетни деца. Ова е злоупотреба на безбедносни механизми и демонстрација на режимска сила насочена против синдикалното организирање, велат од оваа партија.
„Откако Христијан Мицкоски наместо достоинствено да одговори на барањата на работниците, јавно најави дека „ќе се виделе снимки“ од претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, следеше објава од пратеничката Дафина Стојановска – со видео во кое синдикалниот лидер е снимен заедно со неговите малолетни деца. Овој хронолошки след не остава простор за наивни толкувања, туку станува збор за координирана политичка операција со цел дискредитација, заплашување преку крајно недозволиви механизми на демнење и следење“.
Во држава во која безбедносните служби посебните истражни мерки (ПИМ) смеат да ги користат исклучиво за тешки кривични дела, според Левица, следење на синдикален лидер кој бара повисоки плати претставува скандал од прв ред.
„Доколку се користени тајни служби или ПИ мерки за политичка пресметка со синдикат, тоа е директна злоупотреба на државниот апарат. Ако, пак, следењето е вршено по партиска линија со логистика и ресурси достапни преку власта, тогаш станува збор за параинституционално дејствување кое е подеднакво опасно и претставува кривично дело!
Дополнително, објавувањето снимка во која се појавуваат малолетни деца претставува особено дрско и неморално преминување на сите граници. Тоа е обид за притисок и индиректна закана – порака дека секој кој ќе се спротивстави на вмровската власт може да биде ставен под надзор, изложен и компромитиран.
Дафина Стојановска – пратеничка која важи за паразит кој со години наплатува високи патни трошоци и покрај тоа што поседува меѓудругото и четири стана во Скопје, денес глуми разобличувач на човек кој бара достоинствени плати за работниците. Тоа лицемерие е политички цинично и морално неодбранливо. Станува збор за пратеничка која очигледно вчера била изреволтирана што не успеала да наплати патни трошоци, бидејќи претходно, јавноста помни, дека жестоко се спротиставуваше на укинувањето на патните трошоци на пратениците! Инаку, нејзините патни трошоци само во 2025 година надмниуваат 11 минимални плати.
Да бидеме јасни – барањата на синдикатите немаат партиска позадина“.
Како што нагласуваат од Левица, тие произлегуваат од реалноста во која платите на работниците се заглавени на дното во регионот и Европа, инфлацијата го уништува домашниот буџет, сметките растат, животниот стандард опаѓа, а општините предводени од ДПМНЕ ги зголемуваат трошоците за граѓаните до надоместоци за градинки.
„Во такви услови, синдикалната борба е легитимна и неопходна.
Ова е симптом на власт која ја поистоветува државата со партијата и безбедносниот апарат со сопствената пропагандна машинерија. Следење на синдикален претставник и јавно изложување на неговото семејство претставува јасна демонстрација на ароганција, страв и авторитарен менталитет. Наместо да се соочи со сиромаштијата, инфлацијата и понижувачките плати, ДПМНЕ избира да произведува афери и да таргетира луѓе кои бараат достоинствен живот за работниците.
Прашањето на кое функционерите од ДПМНЕ треба да одговорат не е кој е Слободан Трендафилов, туку дали тие би преживеале со 400 евра плата“.

