Економија
Комисијата за финансирање и буџет на средба со претставници од Светска банка

Членовите на Комисијата за финансирање и буџет се сретнаа со претставници од Светска банка. Во фокусот на средбата беше ажурираната систематска дијагностика за Република Северна Македонија, како и досегашните резултати од партнерството со Светска банка.
Сања Маџаревиќ-Шујстер, виша економистка во чија надлежност е регионот на Западен Балкан, рече дека економскиот раст што го постигнала Република Северна Македонија во изминатиов период не бил доволен за да се затвори јазот во животниот стандард во однос на европските земји и дека тоа е главната причина што многу млади емигрираат во странство.
„Северна Македонија има една од најголемите дијаспори во однос на нејзиното население, а иселувањето на помладите генерации го забрзува процесот на демографско стареење. Најголем дел од иселениците се на возраст од 20 до 39 години – во најпродуктивните години и се групирани во два екстреми од образовниот спектар, или многу ниско или многу високо ниво на образование. За да ги поттикнат младите да останат, фирмите треба да го намалат јазот на платите во однос на ЕУ, но тоа ќе бара зголемување на продуктивноста, трговска интеграција и поголеми иновации“, рече Маџаревиќ-Шујстер.
Претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, Бојан Стојаноски, рече дека во Извештајот на Светска банка има многу работи кои треба да ги примениме и дека треба да направиме повеќе системски реформи.
„Најсериозниот проблем со кој лично сметам дека ќе се соочиме како држава за многу кус временски период е депопулацијата на населението, која се случува 32 години наназад. Сметам дека тука треба да се направи нешто прилично офанзивно, како што кажавте и вие – брзи мерки со кои ќе ги смениме работите. Ние мора да сфатиме дека ќе мора да ја прошириме квотата на луѓе кои ќе дојдат да работат тука, затоа што ние веќе немаме работници за одредени работни позиции, и тоа е факт“, рече Стојановски.
Пратеникот Диме Велковски се осврна на ажурираната дијагностика за земјава и рече дека во секторот земјоделство и храна има потенцијал за зголемување на продуктивноста и за нови работни места, и оти се сложува дека тој потенцијал не е целосно искористен.
„Во наредниот период ќе мора да имаме многу инвестиции за да го добиеме тоа што сакаме да го добиеме, за да имаме подобар извоз, креирање нови работни места и нормално поголеми приходи“, додаде Велковски.
Анализата презентирана во систематската дијагностика за земјата нагласува четири исходи на високо ниво што се потребни за да се постигне побрз, одржлив и инклузивен раст за намалување на сиромаштијата и заедничкиот просперитет во Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Инвертер-клими за ранливите семејства – Министерството за енергетика објави оглас

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави мерка која ги таргетира ранливите категории население.
Преку јавен оглас, што стапи во сила, Министерството, како што информираат од таму, почнува со распределба на енергетски ефикасни инвертер клима-уреди за 2025 година, со што ќе се подобри квалитетот на живеење и ќе се намалат трошоците за енергија во илјадници македонски домови.
„Мерката се реализира во согласност со Програмата за изменување и дополнување на Програмата за заштита на ранливите потрошувачи на енергија за 2025 година (‘Службен весник на РСМ’ бр. 161/25). Во согласност со јавниот оглас за поддршка на домаќинства што спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија, со цел унапредување на енергетската ефикасност и подобрување на квалитетот на живеење, домаќинствата што ги исполнуваат условите ќе стекнат право на купен и вграден инвертер клима-уред со моќност од 3,5 kW и енергетска класа од најмалку А+. Овие уреди не само што штедат електрична енергија туку обезбедуваат и висока ефикасност за греење и ладење – токму онаму каде што е најпотребно“.
Како што појаснуваат, рокот за пријавување е 60 дена од денот на објавувањето на огласот во дневен весник.
Повеќе информации, како и потребните обрасци за пријавување, се објавени на веб-страницата на Министерството: www.energy.gov.mk.
Економија
Народната банка со нова иницијатива: проширување на услугите што ќе може да се користат преку платежната сметка со основни функции

Гувернерот Трајко Славески истакна дека иницијативата на Народната банка за намалување на надоместоците за користење на платежните услуги веќе ги даде првите резултати и изрази задоволство од одлуките на банките за намалување на трошоците.
Славески, на денешната конференција за печатот, најави дека Народната банка ќе покрене иницијатива и за измени на сегашното законско решение за платежната сметка со основни функции, со кои ќе се овозможи нејзино помасовно користење од страна на граѓаните за извршување на плаќањата кај сите банки. Со измените на Законот за платежни услуги и платни системи, се предлага отстранување на дел од постојните ограничувања и значително проширување на услугите што граѓаните ќе можат да ги користат преку платежната сметка со основни функции.
Најзначајните новини се: можност за дозволено пречекорување, можност да се поседува платежна сметка со основни функции дури и ако потрошувачот има други сметки, како и проширен сет бесплатни или евтини услуги, којшто покрај интерните, ќе ги вклучи и меѓубанкарските електронски трансфери, издавањето дебитна картичка и до четири подигнувања готовина месечно од банкоматите на други банки во износ до 2.000 денари по трансакција. Во овој сет влегуваат и други услуги коишто и досега можеа да ги користат граѓаните, односно уплатите и подигнувањата готовина на банкоматите и шалтерите на банката, користењето на електронското и мобилното банкарство, како и плаќањата со платежна картичка на физичките продажни места и во интернет-трговијата.
„Предлагаме цената на услугите коишто ќе може да се користат преку платежната сметка со основни функции да биде поврзана со износот на минималната бруто-плата во земјава и да биде утврдена најмногу на 0,1% од неа, па согласно важечката минимална бруто-плата за 2025 година, таа би изнесувала 36 денари на месечно ниво. За граѓаните коишто ѝ припаѓаат на групата законски корисници на права, односно т.н. ранливи категории граѓани, овие услуги ќе бидат целосно бесплатни“, истакна Славески.
Народната банка ќе работи со банките и на воспоставување национална мрежа на банкомати за подобар пристап до готовина низ целата земја. Оваа идеја би се остварила најдоцна до крајот на наредната 2026 година.
Покрај ова, Народната банка ќе предложи и приспособен пакет за микротрговци – најчесто семејни бизниси коишто имаат ограничени ресурси, со цел да се поттикне финансиската вклученост и дигитализацијата на плаќањата. Се очекува дека поповолните услови за користење на платежните услуги ќе бидат достапни за граѓаните и за микротрговците по донесувањето на законските измени, односно дека ќе бидат во примена од почетокот на 2026 година.
Економија
Затворени четири субјекти: триесет отсто од контролираните се со неправилности за фискализација, објави УЈП

Во периодот од 28 јули до 3 август 2025 година Управата за јавни приходи (УЈП) спроведе вкупно 214 теренски контроли за фискализација, насочени кон различни типови деловни субјекти, меѓу кои: ресторани, кафе-барови, шанкови на плажа, слаткарници, колонијали, продавници за облека и накит, хотел, автопревозници, паркинзи и други трговски објекти за продажба на мало.
Контролите беа реализирани во државата во повеќе градови, меѓу кои и туристичките места, каде што во летниот период има зголемена фреквенција на туристи. Од 214 контролирани субјекти, кај 30,8 %, односно кај 66 од контролираните се утврдени неправилности во согласност со Законот за регистрирање на готовинскиот промет.
За утврдените неправилности донесени се 66 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени во согласност со големината на субјектот.
За четири, односно три субјекти од Охрид и еден од Струга, поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, изречена е мерка за привремена забрана за вршење дејност (запечатување).
„Анализата на спроведените контроли и утврдените неправилности по градови е следна: • Во Скопје извршени се 14 контроли и при истите утврдени се 4 неправилности; • Во Струга, Охрид и Битола извршени се 126 контроли, а утврдени се 29 неправилности од кои 11 неправилности во Струга и 18 во Охрид • Во Прилеп извршени се 7 контроли, a утврдени се 3 неправилности; • Во Тетово, Гостивар извршени се 32 контроли, а утврдени се 14 неправилности од кој 13 во Тетово и една во Гостивар • Во Штип, Неготино, Демир Капија, Кавадарци Велес и Куманово извршени се 35 контроли, а утврдени се 16 неправилности, по една неправилност во Неготино и Кавадарци, 2 во Демир Капија, 3 во Штип, 4 во Велес и 5 неправилности во Куманово“.
УЈП апелира до сите даночни обврзници да постапуваат совесно и согласно законските прописи, со цел да придонесат кон зајакнување на даночната усогласеност и унапредување на даночната дисциплина во државата.
„Управата за јавни приходи врз основа на извршените контроли согласно Закон за регистрирање на готовински плаќања, ќе врши вкрстени проверки со цел да ја провери веродостојноста на искажаните приходи кај даночните обврзници. Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска – туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување. Управата за јавни приходи останува цврсто посветена на доследна примена на законите и обезбедување еднаков третман за сите даночни обврзници“.