Македонија
Ковачевски за обвинувањата дека доцни истрагата: Мицкоски се поставува како истражител и обвинител, ако има докази нека ги достави

Лоцирани и приведени се извршителите на грозоморниот чин, а на прес – конференции и преку соопштенија јавноста е известена за сите преземени мерки од институциите за убиствата на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Вака премиерот Димитар Ковачевски одговори на забелешките од опозицијата дека доцни истрагата. Рече дека не сака да навлегува во коментари кои се однесуваат на работата на институциите, но не штедеше зборови за однесувањето на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.
„Што се однесува до коментарите на лидерот на опозицијата тој во многу случаи се има поставено и како истражител и како обвинител и така натаму. Нема да навлегувам во тоа со што сака да се бави, меѓутоа прикривање на докази, за кои вели дека ги има, е исто така кривично дело и затоа доколку има докази треба сите да ги достави до Министерството за внатрешни работи или до Обвинителството. Бидејќи се работи за еден грозоморен чин кој што е направен од нелуѓе, кои треба да бидат изведени пред лицето на правдата и согласно законите да бидат најстрого казнети“, рече денес премиерот Ковачевски по презентацијата на нова лабораториска опрема на Фармацевтскиот факултет.
ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Мицкоски ја обвинија власта дека се направени низа пропусти во истрагата за убиствата на Палевски и побараа објаснување зошто веднаш МВР не тргнала во потрага по возилото на убиениот Панче туку истрагата е водена бавно и со пропусти.
На ваквите обвинувања, денес одговори и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. За него тие се политиканство од најдолен вид, апелираше на одгворно однесување и најави дека ќе се испитуваат коминикациите на осомничените и со лица надвор од групата вмешана во убиствата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Над 3.000 евра за метар квадратен – стан во Центар од 91 м2 е продаден за 280.000 евра

Најголема постигната цена на стан по метар квадратен во периодот јули – септември е 189.231 денари или околу 3.000 евра, односно платени се 280.000 евра за стан од 91 метар квадратен во Центар, покажаа податоците на Агенцијата за катастар.
Според податоците, најскапи се становите во Центар, Карпош и Аеродром, каде цената за метар квадратен е од околу 1.200 до 1.550 евра.
Во Реагистарот на цени и закупнини, во периодот од јули до септември 2025 година, на цела територија на државата регистрирани се 845 новоизградени станови, што е за 169 повеќе од вториот квартал во 2025 година.
Во Агенцијата за катастар на недвижности досега се запишани 26.463 листови за предбележување градба што укажува дека овие објекти се во фаза на градба и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности.
На територија на цела држава во третиот квартал од 2025 година регистрирани се 6.135 купопродажби. Вкупниот збир на купопродажби е збир од вкупниот број продажби, продажби на лицитација, продажби од инвеститор и откуп од РСМ.
Од 6.135, 4,869 се продажби на недвижности, 937 се продажби од инвеститор, односно прва продажба на недвижноста, 266 октупи од РСМ и 63 продажби на недвижности извршени по пат на лицитација.
Од продажбите од инвеститор 845 се станови, 89 куќи, 2 продажби на гаражи и една продажба на останати недвижности.
Најголема ативност на пзарот е забележана во јули, односно 2,303 купопродажби, додека најмала во август – 1,974. Во септември се регистрирани 2.038 купопродажби.
Во овој период се продадени недвижности со површина од 8.449.281 метри квадратни и вкупна дистигната цена од 18.799.665,845 денари или околу 308.191.243 евра.
По површина, најмногу е истргувано земјоделско земјиште и шуми додека најголема вкупна цена достигнале становите или 8.625.180.893 денари 141.396.408 евра.
Најголем број продадени станови има во општина Аеродром, 275 станови, додека најголем број продадени куќи има во Битола – 71 куќа.
Најмногу недвижности од типот земјоделско земјиште и шуми се продадени во Куманово – 122 продажби додека најмногу продадено градежно земјиште е регистрирано во општина Охрид со 48 продажби.
Македонија
(Видео) Мисајловски: ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од апсолутен победник на овие избори, освоивме 550 советнички места, и има најмногу советници во 59 општински совети и Советот на Град Скопје

ВМРО-ДПМНЕ покрај огромниот успех на избрани 33 градоначалници уште во првиот круг, има огромен успех на советничките листи со 550 избрани советници во советите на општините и градот Скопје, истакна на прес-конференција Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„550 советнички места за ВМРО-ДПМНЕ наспроти 232 за СДС, 153 за ДУИ, 66 за Левица се доказ дека ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од апсолутен победник на овие избори и дека граѓаните јасно покажаа во кој правец сакаат да се движи државата.
На овие избори ВМРО-ДПМНЕ освои 12.000 гласови повеќе на советничките листи во однос на локалните избори во 2021 година, а во исто време СДС изгубиле 111.000 гласови на советничките листи во споредба со 2021 година“.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ е партија со најмногу советници во 59 општини и градот Скопје, од кои во најголем дел, како што рече, има апсолутно мнозинство во советите.
Граѓаните, додава Мисајловски, покажаа дека политиките на работа, посветеност и одговорност се политики кои ги преферираат, и политики кои сакаат да продолжат.
„Граѓаните избраа раст и развој, одговорност и посветеност и чесна работа. Граѓаните избраа вистински луѓе на вистински места.
Воедно ги повикувам граѓаните да ја заокружиме оваа огромна победа во вториот круг од локалните избори во општините каде што има втор круг. Да излезат масовно и да ги поддржат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ со заокружување на бројот 9“.
Македонија
Ново поглавје во неврохирургијата: на Клиниката во Скопје првпат изведена операција на мозок со помош на системот за стереотаксија

Mинатата недела на Клиниката за неврохирургија првпат се изведе операција на мозокот со помош на системот за стереотаксија (framed stereotactic brain biopsy).
„Испишуваме ново поглавје во неврохирургијата. Големо е задоволството кога имаме развој во јавните здравствени установи преку воведување нови методи. Станува збор за минимално инвазивна постапка, која се изведува со помош на рамка што се поставува врз главата на пациентот. Потоа со помош на посебни тридимензионални пресметувања се планира точната локација на интервенцијата во внатрешноста на главата и се зема материјал за анализа“, појасни министерот за здравство, Азир Алиу.
За да се дојде до овој резултат, претходеа подготовки со тим на експерти од Бразил, предводени од проф. Маноел Јакобсен Теишеира од Универзитетот „Сао Пауло“, како и инженерот Антонио Мартос Калво.
Работниот тим што ја изведе оваа значајна интервенција се состои од д-р Роберт Шумковски, д-р Ивица Коцевски, д-р Љуљзим Агаи (неврохирурзи) и д-р Радмила Панговска (анестезиолог).
„Посебна благодарност до тимот од неврохируршките сали и од одделот за континуираната подршка во текот на работниот процес, како и до Клиниката за радиологија, за безрезервната и трпелива поддршка во процесот на организацијата на работниот процес. Оваа постапка во иднина нуди исклучителни можности за развој на функционалната неврохирургија и лекувањето на разните невродегенеративни заболувања поради кои нашите пациенти во согласност со досегашната пракса се упатуваа на лекување во странство“, појаснува директорот на Клиниката за неврохирургија, кој е дел од тимот, д-р Љуљзим Агаи.