Македонија
Петровска и Агелер на вежбата “Храбар партнер 23” – се извежбува со оклопните возила „Страјкер“ кои ќе бидат дел од капацитетите на македонската Армија
Министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер денеска на „Криволак“ ги посетија американските војници кои поддржани од припадниците на македонската Армија во рамките на вежбата „Храбар партнер 23“ изведуваат гаѓање со оклопно возило „Страјкер“. На извежувањето на „Криволак“ присутен беше и бригадниот генерал Патрик Елис, заменик шеф на штаб на Командата на американската Армија за Европа и Африка.
Петровска истакна дека оваа вежба за Северна Македонија е важна од два аспекти – уште еднаш да се покаже капацитетот на армискиот полигон „Криволак“ и можноста припадниците на Армијата да се запознаат со способностите на оклопните возила „Страјкер“.
„Полигонот „Криволак“ повторно се користи од страна на нашите сојузници со што се покажува взаемната доверба која што ја имаме, а ова е и добра можност припадниците на македонската армија да ги видат способностите на возилата ‘Страјкер’ кои наскоро ќе бидат дел од капацитетите на македонската Армија“, рече министерката. Најави дека првите возила од овој тип се очекува да пристигнат кон крајот на 2024 година.
Таа истакна дека заедничките обуки на „Криволак“ се уште еден приказ на заедништво и сојузништво, кое, рече, е навистина значајно во овие исклучително предизвикувачки времиња за безбедноста ширум светот.
Амбасадорката Агелер се заблагодари за можноста припадниците на Армијата на САД за Европа и Африка да вежбаат и да се усовршуваат на „Криволак“ и изрази убеденост дека пријателството и партнерството помеѓу двете земји ќе продолжи да се развива.
„Сакам да му се заблагодарам на бригадниот генерал Елис што тука ги донесе припадниците на 2. Коњанички полк затоа што колку повеќе работиме заедно. Колку повеќе заедно извежбуваме постигнуваме поголема интероперабилност, а истовремено на тој начин Армиите стануваат поподготвени заедно да делуваат и да ги исполнуваат способностите кои се потребни за НАТО“, рече Агелер.
Оклопните возила „Страјкер“ се дел од Планот за модернизација на Армијата согласно кој македонската Армија ќе биде опремена со оваа платформа по принципот на „целосен пакет“, односно освен возилата, набавена ќе биде и пропратна опрема како вооружување, балистичка заштита, електронски уреди, средства за комуникација и други елементи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

