Македонија
СДСМ до Мицкоски: Прикривањето докази е кривично дело

Христијан Мицкоски да не молчи за средбата Палевски, туку да одговори, порача СДСМ во сооштение.
„Ако Мицкоски навистина има поинакви информации за случајот со двојното убиство треба да ги достави до ОЈО.
Прикривање докази е кривично дело.
Палевски, кој е осомничен за двојното убиство што ја потресе целата македонска јавност, беше близок соработник на режимот на ДПМНЕ и јавно го поддржуваше Мицкоски, но и нивниот коалициски партнер Левица.
Со радикални ставови, Палевски беше алатка на ДПМНЕ во црна кампања против СДСМ но и против се што означува демократија во Македонија и за подгревање етнички тензии.
Неговата маргинална политичка партија со радикална и проруска ориентација е производ и алатка на политиките на преќутна агресија од страна на ДПМНЕ во изминативе две децении.
Затоа, надлежните органи, пред се Јавното обвинителство согласно законот имаат обврска да ги истражат односите на Палевски со сите негови соработници, вклучително и Мицкоски“, се наведува во соопштеинието на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од 47 повредени во Кочани кои се лекуваат во државата и странство, само еден е во критична состојба

Од 47 повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани кои во моментов се на лекување во болниците во Скопје и во странство, само еден е во критична состојба. Министерот за здравство, Арбен Таравари, информира дека од двајцата критични пациенти, кај едниот има мало подобрување.
Тој додаде дека за утре е најавено враќање на уште еден пациент што се лекува во странство.
Министерот информира дека експерти од Велика Британија направиле евалуација за тоа колку време ќе им биде потребно за рехабилитација на повредените. Утврдено е дека на сите повредени ќе им бидат потребни од еден месец до 24 месеци рехабилитација.
Таравари исто така рече дека неколку држави се понудиле за бесплатна долготрајна рехабилитација, но деталите ќе бидат објавени за десетина дена.
Македонија
СДСМ бара оставка од Таравари и од директорот на Кардиохирургија по случајот со пациентот кој умре чекајќи операција

Скандалот на Кардиохирургија, каде што пациент почина со пукната аората, е реалната и стравотна слика за состојбата во здравството – колабиран систем, кој, наместо да лекува, уништува животи. Ова го изјави Белкиса Зекири, членка на извршниот одбор од СДСМ.
Таа рече дека пациентот почина затоа што државната клиника не можела да му ја изведе потребната итна интервенција поради нефункционалност на здравствениот систем.
„И Државниот здравствен и санитарен инспекторат потврди: ангиографската сала на Кардиохирургија не работела еден месец, а немало ниту стент-графтови. Како може државна болница, од стратешки интерес, да нема основни услови за спас на човечки живот? Многу отворени прашања за кои нема конкретен одговор од најповикуваниот – министерот за здравство, Таравари. Толку му е важна состојбата во здравството што допрва ќе го гледал извештајот на Инспекторатот. Граѓаните плаќаат здравствено осигурување за да добијат лекување, а не за да гледаат како нивниот живот виси на конец поради нечија неспособност и негрижа. Ова не е здравствен систем – ова е здравствена и хумана катастрофа!“, изјави Зекири.
Оцени дека во последните 10 месеци Владата и министерот Таравари го донесоа здравството до колапс. СДСМ бара оставка од министерот за здравство, Арбен Таравари, и од директорот на државната Клиника за кардиохиргија, Дејан Димитровски.
„Нема лекови, нема терапии за онколошките пациенти. Деца умираат на Клиниката за детски болести. Нема клиника без хаос. Нема пациент без страдање. Министре Таравари, знаете ли што ви се случува? Или сте премногу зафатен со политичките пазари и изборните математики? Задоцнетите извештаи нема да вратат животи. За оваа хуманитарна катастрофа мора да има одговорност“, изјави таа.
Семејството на починатиот пациент, 59-годишниот Тони Ангеловски, претходно обвини дека тој не бил опериран бидејќи од клиниката им кажале дека нема слободни сали. Ги препратиле до приватните болници, каде што им било кажано дека квотата била исполнета до јуни. И покрај тоа ги повикале да го донесат пациентот, да го стабилизираат, но бидејќи немале дел, кој им е потребен, не можело веднаш да се изврши процедурата.
Од Клиниката за кардиохирургија велат дека пациентот веднаш бил згрижен, ја примил потребната терапија, по што состојбата му се стабилизирала. Кога биле разгледани сите наоди, лекарскиот конзилиум утврдил дека ако се изврши отворен хируршки третман, шансите за преживување на пациентот би биле екстремно мали, што му било и објаснето на семејството. Од тука потврдија дека втората сала е надвор од функција повеќе од еден месец поради поставување нов апарат, кој бара и реадаптација на просторот.
Препорачани биле две приватни болници, како и лекување во странство.
Министерот за здравство, Арбен Таравари, вчера изјави дека ќе има одговорност ако бидат утврдени пропусти.
Македонија
„Влен“ денес на средба ќе ја разгледа одлуката на Таравари да настапи на изборите со свои кандидати за советници

Во 14 часот денес ќе се состане коалицијата „Влен“ по што ќе се знае како ќе продолжат понатаму со Алијансата за Албанците на Арбан Таравари.
Првиот вицепремиер, кој е дел од коалицијата, Изет Меџити, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека по завршувањето на средбата, јавноста ќе биде известена за ставот на „Влен“.
Ова се случува откога претходно, претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, соопшти дека неговата партија останува во коалицијата „Влен“, но на локалните избори ќе настапи со сопствена листа на кандидати за советници.
„Остануваме во коалицијата, освен ако тие не нè исклучат, тогаш и ние ќе постапиме соодветно“, рече Таравари.
Во врска со кандидатите за градоначалници, тој изјави дека за тоа сè уште не е донесена одлука.