Регион
Детали за крвавата пресметка пред ресторан во Нови Сад: Напаѓачите по жестока расправија се вратиле со пиштол, ранетиот со комплицирана рана

Во престрелката што се случила околу 2 часот по полноќ на Футошки пут 5 во Нови Сад е ранет 40-годишен маж. Тој се здобил со комплицирана прострелна рана во десната надколеница, соопштија од КЦВ, пренесуваат српските медиуми.
– Пациентот Н.Н., машко лице, во текот на претходната ноќ е примен во болницата УКЦВ со тешка физичка повреда во вид на комплицирана прострелна рана на десната надколеница. По приемот, извршен е итен реконструктивен оперативен третман, по што пациентот е примен на одделот за полуинтензивна нега со стабилни витални параметри. Сè уште се врши интензивно конзервативно лекување и мониторинг – изјави за „Блиц“ портпаролот на Клиничкиот центар на Војводина Синиша Кнежевиќ.
Како што изјави портпаролот на Новосадската Итна помош, д-р Зоран Круљ, нивната екипа добила повик во 02:20 часот за пукање пред ресторан.
Полицијата е на лице место и врши увид.
Да потсетиме, според неофицијални информации, на пукањето и претходела расправија и тепачка.
– Напаѓачите по извесно време се вратиле и со истрели од пиштол застрелале помлад засега непознат човек. Полицијата врши увид на лице место. Засега не е позната состојбата на застреланиот – објавено е на страницата 192 на Инстаграм.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Додик: Нема да поднесам оставка, ниту да ја напуштам Република Српска

Претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик денеска за руската државна агенција ТАСС изјави дека не размислувал за оставка и дека нема да ја напушти Република Српска.
„Никогаш нема да поднесам оставка под притисок. Ќе ја напуштам политичката сцена само кога граѓаните на Република Српска ќе одлучат дека е време да си одам“, изјави Додик, пренесуваат сараевските медиуми.
Тој додаде дека „сигурно нема да ја напушти РС“, бидејќи, како што рече, „има сè – неговото семејство и неговите најблиски“.
„Таму се чувствувам добро“, истакна Додик, додавајќи дека е посветен „да се залага за Република Српска и да се бори за секој нејзин агол“.
Тој рече дека властите на РС „не се милитаристи, ниту се бунтовничка група и нема од што да се плашат“.
„Законот е на наша страна и се врши очигледна и широко распространета злоупотреба од политичарите во Сараево, особено оние босански муслимани кои се посветени на политичкиот ислам, кој тие го промовираат на овие простори веќе три децении“, рече Додик.
За Додик, премиерот на РС, Радован Вишковиќ и претседателот на Собранието на РС, Ненад Стевандиќ, по налог на Судот на Босна и Херцеговина е издадена внатрешна потерница, бидејќи тие се под истрага за напад на уставниот поредок на Босна и Херцеговина.
На 26 февруари, Додик во прв степен беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење политичка функција за кривичното дело неисполнување на одлуката на високиот меѓународен претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.
Регион
Вучиќ одговори: Самиот влегов да ги посетам пациентите од пожарот во Кочани

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, по прозивките во јавноста рече дека самиот влегол во Клиничкиот центар на Србија, во посета на повредените од Кочани.
„ Не мора никого да бркаат, еве веднаш и на обвинителите и нив да им соопштам, па јас сум тој. Гордиот Александар Вучиќ, кој учествуваше и чија идеја беше да се изгради и обнови Клиничкиот центар, да вложиме големи пари. И затоа што е толку модерен Клиничкиот центар, тие луѓе имаа каде да дојдат, а јас отидов да ги посетам“, рече тој одговарајќи на новинарско прашање во Париз.
Претходно студентите кои протестираат повикаа на итно покренување постапка за утврдување одговорност и разрешување на директорот на Универзитетскиот клинички центар на Србија, директорот на Ургентниот центар и началникот на Интензивна нега. Студентите истакнаа дека неовластени лица влегле на одделението за интензивна нега без заштитна опрема и ги снимале пациентите, со што грубо го загрозувале здравјето, правото на приватност и достоинството на пациентите, пренесоа српските медиуми.
И народниот правобранител на Србија, Зоран Пашалиќ изјави дека ќе ги истражи сите околности наведени во шестото барање на студентите, кои сакаат да утврдат кој им дозволил на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и новинарите да влезат во одделението за интензивна нега.
По пожарот во дискотеката во кој загинаа 61 лице, дел од тешко повредените пациенти беа пренесени на лекување во Белград. Тие беа сместени во одделението за интензивна нега на Ургентниот центар на Универзитетскиот клинички центар на Србија (УКЦС), каде Вучиќ заедно со медиумски тимови ги посети на 17 март, по што беа објавени снимки.
Регион
Имаме голем сојузник во Франција, изјави Вучиќ по средбата со Макрон

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по средбата со претседателот на Франција, Емануел Макрон, во Париз изјави дека светот влегува во проблематична ера која ќе трае, и дека добро е што Србија има голем сојузник во Европа, како што е Франција.
Вучиќ за новинарите изјави дека со Макрон разговарал за геополитичките прашања и ситуацијата во регионот и Србија.
„Разговаравме за многу прашања за европската иднина на Србија и ја замолив Франција да учествува на Експо 2027 во Белград, мислам дека ќе добиеме позитивен одговор“, рече Вучиќ.
Претседателот на Србија изјави дека најтешка тема била ситуацијата во босанскиот ентитет Република Српска (РС).
„Се борев да најдам компромисно решение, не можам да прифатам дека единственото решение е апсењето на (претседателот на РС Милорад) Додик. Тоа не е решение, тоа е создавање проблеми“, рече Вучиќ и додаде дека ги презентирал своите идеи за решение на кризата без да прецизира кои се тие.
Зборувајќи за блокадите и протестите во Србија, Вучиќ рече дека на Макрон му пренел како земјата издржала терор во последните четири месеци.
Студентите бараат одговорност од властите за смртта на 16 лица во несреќата во Нови Сад со блокади на факултетите и повеќемесечни протести.
Зад студентските барања застанаа универзитетски професори, просветни работници, земјоделци, адвокати и актери, заедно со граѓаните кои со месеци ги собираат на протестите.
Демонстрациите станаа симбол на поширокото незадоволство од владеењето на правото во земјата, заедно со прашањето дали негрижата и корупцијата на системот доведоа до несреќата во Нови Сад.