Македонија
Левица: Никој не се грижи за бегалците од конфликтот во 2001 година
„Во конфликтот од 2001 инициран од терористите од денешната ДУИ раселени биле над 70.000 граѓани, голем број од тие семејства се уште не добиле трајно сместување или било каква посериозна помош од страна на државата што е спротивно дури и од Охридскиот рамковен договор. Имено во Анекс Ц точка 3.1 во рамковниот договор стои дека „Сите страни ќе работат да обезбедат враќање на бегалците кои се граѓани или имаат законски престој во Македонија и на раселените лица, во нивните домови, во што е можно покус временски период“ a повеќе од две децении по потпишувањето на овој договор, сакајќи да коалицираат со поранешните УЧКи и да останат на власт за да цицаат државни пари, ниту СДС ниту ДПМНЕ немаат мрднато ниту со прст за овие лица“. Овие пораки ги испраќаат од политичката партија Левица преку писмено соопштение до медиумите.
„За да се дознае што и дали државата има нешто напраено за овие луѓе, координаторот на секторот Кристијан Димков испрати барање за информација од јавен карактер до министерството за политички систем и односи помеѓу заедниците чија една од малкуте надлежности е доследно спроведување на охридскиот рамковен договор На ова барање, законски мора да има повратен одговор но очекувано, од министерството молчат. Поради тоа ќе биде поднесена жалба до агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Затоа јавно го прашуваме Artan Grubi како министер за политички систем и односи меѓу заедниците што и дали воопшто нешто има направено во однос на овој дел од охридскиот рамковен договор и јавно ги прашуваме сервилните „македонски“ политички партии ВМРО и СДС, зошто го немаат потегнато ова прашање и дали им е сеедно тоа што македонците се граѓани од втор ред во сопствената држава“, се додава во реакцијата на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Карпош: Советот ја продолжи суспензијата на дел од ДУП за Градска четврт З 08 за уште шест месеци
Советниците од Карпош едногласно ја поддржаа Одлуката за продолжување на суспензијата на одредени делови од Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 08.
Станува збор за градежните парцели 1.39, 1.48, 1.49, 1.53 и 2.1 од гореспоменатиот ДУП, кои се наоѓаат на потегот меѓу бул. Илинден, ул. Франклин Рузвелт, бул. Партизански Одреди и бул. 8-ми Септември.
На овој начин всушност продолжува времетраењето на суспензијата, но не подолго од шест месеци од денот на стапување на сила на оваа Одлука. Во случајов, продолжувањето на суспензијата се врши бидејќи не е завршена постапката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 08.
Како што е прецизирано во Член 4, оваа Одлука престанува да важи по истекот на шест месеци од денот кога започнала да се применува, освен ако претходно не биде донесен изменетиот и дополнетиот Детален урбанистички план.
Советниците од Карпош постигнаа консензус околу Предлог – Решенијата за именување, поточно за верификација на членови од Советот за формирање на Комисите за доделување на еднократна парична помош и за доделување на финансиска поддршка на проекти од областа на детска, социјална и здравствена заштита за 2025 година. Со истата динамика беше изгласано Предлог – Решението за именување и верификација на членови на општинскиот Совет, во Комисијатаод областа на образованието за 2025 година.
Советот даде „зелено светло“ и за двете Предлог – Одлуки со кои основните училишта „Владо Тасевски“ и „Војдан Чернодрински“ ќе прифатат движни ствари на трајно користење без надомест, кои им ги доделува Министерството за образование и наука. Имено, двете основни училишта од Карпош ќе добијат на користење интернет поставки (инсталации), кои ќе бидат искористени за нивните потреби. Со одлука на Советот, поддршка доби и Одлуката за прифаќање донација од Трговско друштво за проектирање, инженеринг и консалтинг ПРИМА ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ – Скопје. Донацијата е во вид на изработка на Елаборат за отстранување на постојна градба – (Детската градинка „Пролет 2“ во населбата Козле), а висината на донацијата изнесува 30.000 денари.
Советниците ја поништија Одлуката за давање согласност за учество на Општина Карпош во проектот „Oпштините како двигатели за одржливиот развој“ на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Македонија
Советот расправаше за труењето во „Димо Хаџи Димов“, Лукровски најави засилени хигиенски мерки во училиштата и инспекции
Советот на Општина Карпош заседаваше по четврти пат, при што советниците расправаа и полноправно одлучуваа по 10 точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. На самиот почеток од седницата, градоначалникот Сотир Лукровски ги информираше советниците во врска со случајот со труење на основците од „Димо Хаџи Димов“.
„По оваа несакана случка, Општина Карпош веднаш презеде серија итни и координирани мерки, за заштита на здравјето и безбедноста на учениците и персоналот во училиштето. Во таа насока, претставници од Општина Карпош од самиот почеток се во постојана комуникација со надлежните институции, поточно со Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Институтот за јавно здравје и Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје“ – посочи Лукровски.
Првиот човек на Општината наведе дека надлежните институции во врска со овој случај реагираа веднаш, земајќи примероци од храната, водата и работните површини во училиштето.
„Паралелно со случувањата, Општината обезбеди услови за спроведување на сите превентивни, редовни и вонредни мерки во училиштето, при што на 28 ноември беше спроведена вонредна дезинфекција на целиот училишен објект“ – информираше Лукровски.
Инаку, во текот на минатата недела, Институтот за јавно здравје ја информираше јавноста дека причина за труењето се грам-негативни бактерии од групата Enterobacteriaceae (ЕНТЕРОБАКТЕРИИ), пронајдени во мусаката што ја консумирале децата. Исто така, откриено е присуство на фекални бактерии на три чешми во училиштето. Во исто време, ЈП „Водовод и канализација“ изврши вонредни проверки и земање примероци од училница и кујна. Според нивните резултати, водата во училиштето е санитарно исправна и е во согласност со сите барањата од правилникот за безбедност и квалитет.
„Сакам да ве информирам дека случајот внимателно и посветено го следиме од самиот почеток. Целта ни беше да не шириме паника и да не оставаме простор за ширење на дезинформации и шпекулации, па од тие причини чекаме да добиеме официјални информации од анализите. По добивање на целосниот извештај од надлежните институции кои ги спроведуваат анализите, Општина Карпош ќе ги преземе сите потребни мерки и чекори во рамки на нашата надлежност. Ве уверувам дека безбедноста на децата и нивното здравје се наш апсолутен приоритет и токму поради тоа во иднина ќе продолжиме со засилени хигиенски мерки, инспекциски надзори и унапредување на стандардите во сите основни училишта во Карпош“ – образложи градоначалникот Сотир Лукровски.
Поддршка од советниците доби и дополнителната точка, односно Предлог – Одлуката со која основното училиште „Димо Хаџи Димов“ ја прифаќа донацијата од Владата, поточно од Министерството за животна средина и просторно планирање. Станува збор за донација во вид на прибор за тестирање по природни науки, кој ќе биде ставен на располагање за потребите на учениците и наставниот кадар од оваа училишна установа.
Македонија
Утре облачно време со локални врнежи од дожд, на планините снег
Времето утре ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи ќе има во западните и јужните делови. На повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд и слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Под влијание на циклонска активност од денес во вечерните часови, до крајот на неделата, следува период на претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во западните и јужните делови.
На некои од повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Минималните температури ќе бидат насекаде позитивни.

