Црна хроника
Глоба од 100 до 250 евра за продажба, купување и употреба на петарди и други пиротехнички средства

Секторот за внатрешни работи Тетово ги засили контролните и други активности поврзани со навремено откривање и спречување продажба и употреба на петарди и други пиротехнички средства, а кои наредните денови уште повеќе ќе се интензивираат.
Во таа насока, на трговците, родителите и учениците (основци и средношколци) повторно им се укажува дека продавањето, односно купувањето и активирањето на петарди на јавни места, на улица, во дворови, влезови на станбени згради и слично, претставува законски прекршок, за кој согласно член 31 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир е предвидена глоба од 100 до 250 евра во денарска противвредност. Нивното набавување и дистрибуирање на пазарот во поголеми количини е спротивно на Кривичниот законик на Република Македонија и за тоа дело е предвидена казна затвор од најмалку пет години, соопшти СВР Тетово.
Од таму апелираат, пред се до учениците од основните училишта, подалеку од ваквите опасни играчки, кои неретко можат да предизвикаат и сериозни последици по нивното здравје, односно повреди на рацете, очите и другите делови од телото.
Секторот за внатрешни работи Тетово ги потсетува граѓаните ( член 32 од ЗППЈРМ) дека со парична глоба од 100 до 250 евра во денарска противвредност ќе се санкционираат и сите оние кои на јавно место неовластено приредуваат огномети, факелијади или слични приредби и не ги преземат потребните заштитни мерки согласно соодветната законска регулатива, како и оние кои со огнено оружје пукаат на свадбени или други семејни свечености.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Битолчанка измамена за сума од 27.000 евра: лажен лекар и кажал дека ќерка и имала тешка сообраќајка

Вчера во 12:34 часот во СВР Битола, 62-годишна жена од Битола пријавила дека била измамена од едно лице за сума од околу 27.000 евра.
Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски, се претставило како лекар во здравствена установа и ја известило дека нејзината ќерка имала сообраќајна незгода и се здобила со тешки повреди и дека треба да плати за да ѝ биде направен операција.
Според пријавеното, таа ги однела парите на договореното место и ги дала на едно лице, а откако се слушнала со нејзината ќерка сфатила дека е измамена.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти полицијата.
Црна хроника
Македонска државјанка шверцувала 11 златни монети вредни девет илјади евра од Истанбул

На граничен премин Богородица спречено е криумчарење на 11 златни монети со вкупна тежина од 71 грам и со вкупна вредност од 567 илјади денари. Од страна на Одделението за истраги, против едно лице до Основното јавно обвинителство Гевгелија е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „Криумчарење“, соопшти Царинската управа.
Осомничената, македонска државјанка, патувала со автобус на релација Истанбул – Тетово. Златните монети ги сокрила во жолта торбичка ставена во својата чанта, со намера да избегне царинска контрола и да избегне плаќање давачки кон државата во износ од 149 илјади денари.
„Царинската управа останува посветена на строг надзор и контрола на граничните премини, со цел спречување на криумчарење и заштита на финансиските интереси на државата“, се наведува во соопштението.
Црна хроника
Пронајдени седум мигранти од Египет и Ирак, уапсени двајца криумчари од Неготино

Вчера полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово ги лишија од слобода Б.М.(25) и В.Ч.(27), двајцата од Неготино.
На 08.10.2025 околу 18:20 часот на автопатот Демир Капија-Неготино, на место викано „Острово“, полициски службеници извршиле контрола во патничко возило „шкода“ со скопски регистарски ознаки, при што затекнале седум лица мигранти (шест од Египет, меѓу кои пет малолетници и едно од Ирак).
По преземени мерки констатирано е дека В.Ч. со патничко возило „опел астра“ со неготински регистарски ознаки бил претходница и го известувал Б.М. за поставеноста на полициски патроли на патот.
Известен е јавен обвинител, а лицата се задржани во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.