Свет
Папата Франциско: Потребна е крајна будност во борбата против корупцијата во Ватикан

Папата Франциско ги повика службениците на Канцеларијата на главниот ревизор во Ватикан да се борат против „подмолноста на корупцијата“ во Светата столица и државата Ватикан и ја истакна важноста од елиминирање на корупцијата во Ватикан.
На средбата со претставниците на тоа антикорупциско тело, папата ја истакна потребата да се балансира „апсолутната транспарентност во секоја акција“ со „милосрдна дискреција“, бидејќи, како што рече, скандалите повеќе служат за полнење на страниците на весниците отколку за суштински правилно однесување.
„Ве повикувам да им помогнете на оние кои се одговорни за управување со имотот на Светата столица да создадат заштитни мерки кои можат да спречат да се материјализира подмолноста на корупцијата“, додаде папата.
Тој нагласи дека заводот за ревизија е независен, бидејќи не зависи хиерархиски од други субјекти и дека се заснова на меѓународни принципи и професионализам, пренесува „Vatican News“.
Канцеларијата на главниот ревизор е основана од папата Франциско пред девет години како антикорупциско тело задолжено за финансиска ревизија во рамките на државата Ватикан, пренесува Танјуг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Гори во Грција: Издадена наредба за итна евакуација

Голем шумски пожар избувна денес во областа Каравадос на грчкиот остров Кефалонија, а издадена е наредба за евакуација на три области, јавуваат грчките медиуми.
Пожарот избувнал во земјоделска и шумска зона, а ангажирани биле 20 припадници на противпожарната служба со седум возила, како и членови на планинската спасувачка служба и волонтери, објави „Катимерини“.
„Доколку се наоѓате во областите Каравадос, Доризата и Керамис, засолнете се и упатете се во правец на Аргостоли. Следете ги упатствата на властите“, се наведува во известувањето на противпожарната служба.
Четири авиони и два хеликоптери исто така помагаат во гаснењето на пожарот, пишува грчкиот весник.
Фото: принтскрин
Свет
Туристите во европските градови се сè повеќе мета на измамници: бројот на инциденти се зголемува

Европа е најпопуларната летна дестинација за многу туристи, но постои еден сериозен безбедносен проблем. Додека милиони уживаат во шетањето по улиците на Париз, Барселона или Рим, сè повеќе од нив стануваат жртви на кражби и измами.
Според податоците од Европската туристичка комисија, повеќе од 400 милиони туристи го посетиле стариот континент во 2024 година.
Сепак, со масовната посетеност, бројот на инциденти се зголемува – годишно се евидентираат дури 5,7 милиони случаи на провали, кражби и грабежи, а туристите се сè повеќе се мета на измамници.
Оваа измама е особено изразена во Париз, каде што често ја вршат претежно тинејџерки или помлади жени.
Тие ви пристапуваат со петиција за наводни хуманитарни цели. Додека сте фокусирани да потпишете или да ве убедат да дадете парична донација, нивниот партнер користи момент на невнимание за да ви го украде паричникот, мобилниот телефон или пасошот.
Најдобрата одбрана е цврсто да кажете „не“ и брзо да си одите. Избегнувајте да се вклучувате во разговор и чувајте ги вредните предмети безбедно и подалеку од дофат, по можност во торба со патент пред вас, е еден од советите за заштита.
Друг метод е вообичаен во Рим, но и низ цела Европа. Измамникот ви приоѓа со пријателска насмевка, започнува разговор и лежерно ви врзува евтина нараквица околу зглобот, претставувајќи ја како „подарок“.
Но, тоа е само трик што комбинира пријателски разговор со наметнување вина. Ако се обидете да си одите со предметот, тие ќе инсистираат на плаќање и честопати покануваат соработници кои создаваат притисок и ја заплашуваат жртвата додека не плати.
Учтиво одбијте ги сите „бесплатни“ подароци. Не дозволувајте никој да ви стави нараквици. Ако се случи тоа, брзо извадете го предметот, вратете го и одете решително.
Исто така, бидете исклучително внимателни во толпи. Не го оставајте вашиот мобилен телефон или паричник на масите во кафулињата. Никогаш не учествувајте во улични игри на среќа, а ако видите група луѓе како ги играат на улица, само поминете покрај нив, советуваат експертите за заштита.
Популарни локации како што се Ла Рамбла во Барселона или Колосеумот во Рим се местата каде што има најмногу џепчии.
Тие често работат во тимови и можат да бидат многу вешто маскирани, понекогаш во елегантна облека за да не предизвикаат сомнеж. Ја користат толпата како параван, а еден член ќе ве прекине – ќе ве турне, ќе ви истури нешто или ќе ве праша за насоки, додека друг ќе ви ги украде работите.
Посебна форма на улична измама е играта „Три карти“, вообичаена во близина на Ајфеловата кула во Париз. Уличен забавувач ве поканува да се обложувате во игра која е поставена така што секогаш губите, додека неговите колеги во публиката се преправаат дека се победници за да ве намамат, пишува „Експрес“.
Фото: принтскрин
Свет
(Видео) Робот спасил ранет украински војник од бојното поле, објавена снимка

Припадници на 118. механизирана бригада на Оружените сили на Украина објавија снимка која го прикажува евакуирањето на ранет војник од бојното поле со помош на копнен роботски систем. Овој настан уште еднаш ја истакнува растечката улога на современите технологии во спасувањето човечки животи во воени услови, пишува „Украинска правда“.
„Операторите на копнените роботски системи од 2-та чета на 23-та посебна стрелачка баталјонска единица на 118-та механизирана бригада го спасиле ранетиот војник. Војникот бил спасен со помош на борбената копнена платформа“, стои во објавата на бригадата. Иако од бригадата не откриле точна локација или време кога е снимката, истакнале дека јасно прикажува како технологијата спасува животи на првата линија на бојното поле.
Ова не е првпат што беспилотни системи се користат за евакуација. Неодамна, логистичкиот дрон Тор-800, кој припаѓа на 13-та бригада „Хартија“, спасил живот на војник со тешка повреда на ногата. Претходно, истата бригада успешно евакуирала ранет војник користејќи копнен робот кој поминал растојание од 12 километри.
Сепак, употребата на роботи надминува логистички и спасувачки мисии. Припадници на 3-та посебна јуришна бригада првпат користеле копнени роботи за заробување руски војници, додека разузнавачката служба за одбрана на Украина ја демонстрирала борбената способност на овие системи, објавувајќи снимка на робот кој отвора оган од митралез на руски позиции во Сумска област.