Македонија
(Видео) Јаневска: Ни срам, ни перде, СДС и ДУИ спремаат поткуп на студентите и учениците со право на глас на претстојните избори

Криминално – расипничкото политичко дуо СДС и ДУИ најавија наводно нови мерки со кои ќе ги поддржеле учениците и студентите во државата, за да им го олеснеле учењето и тоа токму пред претстојните избори.
Ќе даделе по 1200 денари во следните 6 месеци за 105 илјади ученици од социјално загрозени семејства. Тоа се кумулативно 7200 денари, колку што чини едно пазарење на храна за едно семејство да може да преживее една недела. Срамно и недолично, истакна Весна Јаневска, претседател на Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ.
„Но, тука има и еден друг момент. Одиме со проста математика. Во државата има 250 илјади ученици. Ако Владата дава поддршка на 105 илјади ученици од социјално загрозени семејства, тоа значи дека речиси половина од учениците живеат во сиромаштија токму поради лошите политики и грабежите на СДС и ДУИ, кои сега ќе ги збогателе со по 1200 месечно во период од половина година. Самите се издаваат колку го осиромашиле народот и очекуваат од истиот да ги гласа на избори“, додаде Јаневска.
„Како што соопштија, по 600 денари ќе давале на студенти што студирале надвор од нивното место на живеење. Ја навредуваат интелектуалната маса и иднината на оваа држава. Владата уште не им ги исплатила стипендиите што им следуваат за оваа година. Им скратија по еден оброк од студентските домови, а воведоа наводно дополнително право – субвенциониран студентски оброк, но и тоа не им се исплаќа редовно, а скратено им е на огромно мнозинство еден куп студенти, така што кумулативно студентите се оштетени. Но СДС и ДУИ немаат гајле, веќе најавуваат нови лаги и даваат нови ветувања. Замислете, 15 илјади студенти ќе добивале по 600 денари месечно до крај на академската година. Премногу, премногу мизерно и бедно!
Ќе давале и ваучери за туризам за студентите. Откако успеаја да натераат цели генерации да се иселат од државата, сега на тие што останале ќе им давале ваучери и ќе го развиваат туризмот. Ве се молам“, потенцира таа.
Во името на ВМРО–ДПМНЕ, апелира до учениците и студентите, и до нивните семејства, да не наседнуваат на овие, како што ги нарекува, евтини трикови, тие се веќе видени.
„Ништо не добиле досега и нема да добијат од оваа Влада. Вистинската грижа ќе започне со промената на власта, која е на повидок. Ќе следуваат конкретни мерки со кои ќе се унапредува ученичкиот и студентскиот стандард и тоа од почетокот на мандатот на новата Влада, а не на крајот од мандатот како што овие сега прават во обид да останат во своите фотелји“, оценува Јаневска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Земјотресот на Света Гора почувствуван и во Македонија

Силниот земјотрес на Света Гора почувствуван и во југоисточниот дел на Македонија.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, денес 7 јуни 2025 година регистрираа серија на земјотреси чии епицентри потекнуваат од соседна Република Грција.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, почувствуван е земјотресот во 14 часот и 46 минути чиј епицентар се наоѓа 290 km југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда M L 5.2.
Земјотресот беше почувствуван во југоисточниот дел на Републиката со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала“, известија од Сеизмолошката опсерваторија.
Македонија
АХВ го одбележа 7 Јуни – Светски ден на безбедна храна

Aгенцијата за храна и ветеринарство и оваа година се приклучи и ја поддржува глобалната иницијатива и го одбележа 7 јуни, Светски ден на безбедна храна. Со едукативен и спортско рекреативен настан наменет за граѓаните и децата, денес, во паркот Авионче во скопската населба Ново Лисиче на присутните им беа поделени едукативни флаери за безбедноста на храната, а за најмалите се одржаа спортско-рекреативни игри преку кои се афирмираше безбедноста на храната и нејзиното значење.
На 10 јуни, во вторник, со поддршка и во соработка со Европската агенција за безбедност на храната – ЕФСА, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе одржи настан за подигнување на јавната свест за безбедноста на храната на која ќе учествуваат реномирани претстставници од EFSA, од научните и други институции поврзани со прашпања кои се однесуваат на производството на храна и нејзината безбедност.
Годинашното мото на Светскиот ден на безбедна храна – 7 јуни е „Науката во акција“ и тоа денес не потсетува на важноста на науката како основна алка од синџирот на безбедна храна. Едноставно, тоа е дел без кој не се може и кој ги создава основите за креирање на политиките за безбедност на храната од страна на институциите, како што е и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Преку едукативниот спортско рекреативен настан кој се одржа денес и настанот кој во соработка со EFSA ќе се одржи во вторник, АХВ и годинава активно работи на подигнување на свеста на граѓаните за важноста на безбедноста на храната и за превенирање и управување со ризиците со цел унапредување на нивното здравје.
Македонија
(Видео) Василевски: Нула нови градинки за 4 години во Аеродром, околу 700 деца чекаат за запишување секоја година

Изминаа речиси 4 години откако ВМРО-ДПМНЕ ја освои локалната власт. И По 4 години, ВМРО-ДПМНЕ во Општина Аеродром не изгради ниту една од ветените 4 нови градинки, рече денеска на прес-конференција Бојан Василевски, ОО СДСМ Аеродром.
„Овиe градинки беа првиот од 7-те топ приоритети на Муцунски и Митески во програмата со кои ја освоија довербата на нашите сограѓани од Аеродром. Митески и Муцунски ветија целосно нови градинки во Острово, Мичурин, Лисиче и Долно Лисиче, но еве, четири години подоцна, ниту една од овие ветени градинки до денес не е ни започната со градба“, вели Василевски.
Според него, околу 700 дечиња годишно се на листа за чекање за упис во градинка, заради недостатокот на места во градинките во Аеродром.
„ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром покажа целосна незаинтересираност за решавање на овој проблем. Единствениот објект на градинка кој се гради во моментов во Стар Аеродром е со 70.000.000 денари, средства обезбедени од Владата на СДСМ во 2024 година. Само за споредба, кога со Општина Аеродром управуваше СДСМ се изградија 2 нови градинки со вкупен капацитет од 400 деца. Целосно нов објект Црвенкапа во Стар Аеродром со капацитет од 200 деца и целосно нов објект Буба Мара во Ново Лисиче со капацитет од исто така 200 деца“, кажа Василевски.