Македонија
Спасовски ја излажа јавноста за возилото на Жежовски, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека Оливер Спасовски, треба да се засрами од своите лаги, пред новинарите и пред македонската јавност, каде ладнокрвно излажа, во врска со возилото на убиениот Панче Жежовски.
Потсетуваат дека на 4 декември, кога Спасовски држеше заедничка прес конференција, заедно со Гаврил Бубевски, за возилото на Панче изјави: -Тоа возило не се движи до 27 ноември и немавме информација дека е одземено. А е регистрирано од камери, како и возило рено. Извршен е и претрес во политичката партија Трета, на која ѝ припаѓале и најдени се извесни информации“.
Ова, додаваат од партијата на Мицкоски, не е вистината. Вистината, според нив е дека во МВР знаеле на 24 ноември, дека возилото на сега убиениот а тогаш исчезнат Панче, е исчезнато уште од 22 ноември односно 5 дена пред убиството на Вања.
Како доказ на ова, како што истакнуваат, е телеграмата, испратена од СВР Велес до сите СВР на територија на Македонија, а во која се нотира дека лицето Панче Жежовски заедно со својот автомобил, а тоа е автомобилот со кој била киднапирана Вања, е пријавен за исчезнат од страна на член на неговото семејство на 24 ноември.
„Полицијата по однос на овој случај презема акција дури 4 дена откако е пријавено исчезнувањето, т.е. на 28 ноември, што е датум кога е испратена оваа телеграма.
Доколку навреме се реагирало, веќе на 24 ноември и била објавена централна објава по возилото, убијците на Панче ќе биле пронајдени, а Вања можеби ќе беше спасена и немаше да се случи ова монструозно дело.
Оливер Спасовски да престане да се крие и да понесе одговорност, како врвот на МВР. Со криењето на овој податок од јавноста, нема да успеат да се амнестираат“, се потенцира во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Чизмите им останале заглавени во стопен шеќер, повредени неколку пожарникари, пожарот во „Винчини“ под контрола

Неколку пожарникари се здобиле со изгореници на стапалата додека го гаснеле големиот пожар во фабриката „Винчини“. Тие се заглавиле во смола од стопен шеќер во еден од погоните, а во обид да се одглават, нивните чизми останале заглавени и згазнале во стопената смеса. Пожарот е ставен под целосна контрола.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, соопшти дека огнените јазици зафатиле три производни линии означени како 6, 7 и 8, од кои два магацини.
„Сите три погони имаа сончеви панели на покривот и се целосно опожарени. Благодарение на навремената интервенција на пожарникарите, спасени се линиите од 1 до 5. Во гаснењето учествуваа екипи од Виница, Македонска Каменица, Делчево, Кочани, Пробиштип, Штип, Струмица, Кавадарци и Велес. Пожарот е ставен под целосна контрола и нема опасност од негово ширење“, изјави Ангелов.
Според информациите, спасени се и дел од магацините со готови производи и суровини, со што спречена е поголема материјална штета.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) првично информираа дека пожарот во фабриката позната под брендот „Винчини“, бил пријавен во 18:40 часот преку единствениот број за итни случаи – 112.
Пожарот, како што информират оттаму, избувнал во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката, по што на терен веднаш излегле екипите на ТППЕ Виница со неколку противпожарни возила и пожарникари.
На нив на помош веднаш им дојдоа колеги од кочанската противпожарна единица и од Доброволното протипожарно друштво (ДПД) Кочани, а беа издадени насоки до градоначалникот на Виница да побара дополнителна поддршка и помош од соседните општини.
Македонија
Уште колку ќе молчите за трагедијата во „Пулс“, прашаа блиските на жртвите

Родителите на младите кои трагично загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ денеска по 21 пат излегоа на улиците на Кочани, барајќи правда и побрза реакција од институциите.
Протестниот „Марш за ангелите“ повторно ја помина добро познатата траса – од „Паркот на револуцијата“, покрај Трговскиот центар, Општината, Управата за јавни приходи и полициската станица, сè до Основниот суд и Обвинителството.
Од таму, роднините се обратија директно до судиите и обвинителите, потсетувајќи дека веќе три месеци се чека на оценка на обвинителниот акт.
„Одолговлекување без оправдана причина е спротивно на законот и претставува основ за реакција од страна на оштетените и јавноста. Ние ве прашуваме – постои ли рок во кој Советот мора да донесе одлука? Ако не постои, барем кажете кога може да се очекува завршување на оваа постапка“, изјави Розета Џамова, сестра на една од жртвите.
Протестот се одржа само еден ден откако Обвинителството ја прошири истрагата за трагедијата во „Пулс“. Поднесено е ново обвинение против реалниот сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон Секјурити Солушн“, кој се товари за тешки дела против општата сигурност поради сериозни пропусти во организацијата и мерките за заштита во дискотеката.
Обвинителството до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на сите претходно определени мерки за обезбедување присуство на обвинетиот.
Со ова, случајот „Пулс“ добива нова димензија, додека семејствата на жртвите продолжуваат да бараат одговорност и правда – јавно, гласно и упорно.
Македонија
Петровска откри зошто декласификацијата предизвикува нервоза кај власта

Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, изјави дека барањето за целосна декласификација на документите предизвикало паника и нервоза кај власта, која наместо да одговори транспарентно – се обидела да се претстави како жртва.
„Приоритет е целосна декласификација на документите за да се обезбеди транспарентност и граѓаните да добијат одговори на стотиците прашања што се поставуваат. Најавата за целосна декласификација предизвика нервоза кај оние кои сакаа да се прикажат како жртви, затоа што ќе бидат објавени информации кои можеби нема да им се допаднат“, изјави Петровска во гостување во „Дневник“ на Сител телевизија.
Таа потсети дека претседателот на комисијата, Скендер Реџепи, го поднел барањето за безбедносен сертификат уште кон крајот на 2024 година, но шестмесечниот рок одамна е пробиен.
„Тоа отвора сериозни прашања за законитоста на надзорот“, додаде Петровска.
Пратеничката истакна и дека неколку пати биле закажувани и откажувани седници на кои требало да претседава Реџепи, а потоа тој самостојно закажал седница, што според неа создало негативен впечаток за работата на Собранието.
„Надзорот мора да биде јавен, пред медиумите и граѓаните, со јасна одговорност од сите. АНБ не е сопственост на ниту една партија, туку столб на државата. Реформите мора да продолжат, но со вклучување на експерти, академската заедница и невладини организации“, нагласи Петровска.
Таа посочи дека Собранието нема истражна функција и пратениците мора да внимаваат да не ја попречуваат предистрагата.