Македонија
Нов колективен договор за вработените во одбраната и Армијата до крајот на годината

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска, имаше средба со претставници на Независниот синдикат на одбраната, на која беше постигната согласност до крајот на годината да биде потпишан нов колективен договор, со кој ќе се унапредат правата на вработените во одбраната и Армијата.
Ова е продолжение на успешната соработка на министерката Петровска со синдикатите во одбраната, која досега резултираше со измени на Законот за служба во Армијата со кои се воведоа повисоки плати, се зголемија месечните приходи со исплата на месечна станарина се унапреди статусот на припадниците на Армијата, се воведе отпремнина за професионалните војници со навршени 45 години, подобри услови за пензионирање и низа други поволности за припадниците на Армијата, се наведува во официјалното соопштение.
Додаваат дека соработката на министерката со синдикатите по донесувањето на овој закон продолжи со несмалено темпо, што доведе до изготвување нов закон за вработените во одбраната, со кој се воведуваат низа поволности и за административните службеници и за сите категории на вработени во Министерството за одбрана.
Претседателот на Независниот синдикат на одбраната, Ванчо Исајов, го поздрави процесoт на донесување на Законот за вработени во одбраната, кој во моментот се наоѓа во собраниска процедура.
Од страна на претставниците на Независниот синдикат во одбраната, денеска, на Петровска ѝ беше врачена благодарница за успешната соработка и за нејзината поддршка за унапредување на положбата на вработените во одбраната и Армијата.
Петровска, како што известуваат од нејзиниот кабинет, продолжува со редовни состаноци и консултации со синдикатите во одбраната и безбедноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Зголемена фреквенција на возила, на Богородица и Дојран се чека околу 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Богородица и ГП Дојран времето на чекање е околу 30 минути. На останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Четворица пациенти со тешки телесни повреди се примени на хируршките клиники во Скопје

Четворица пациенти со тешки телесни повреди беа примени денеска на хируршките клиники во Скопје по вооружена пресметка на улиците во Тетово.
Како што соопшти Министерството за здравство на КАРИЛ е примен 32-годишен пациент со прострелна рана во предел на граден кош, тешка телесна повреда. На Детска хирургија е примено 12-годишно дете со прострелна рана во предел на десна натколеница. На Торакална хирургија е примен 37-годишен пациент со прострелна рана во предел на граден кош. На Трауматологија е примен 60 годишен пациент со скршеница на десна потколеница.
Сите пациенти, нагласува МЗ, се згрижени и им се укажува соодветна медицинска помош.
Едно лице е почина, а повеќе беа ранети во вооружена престрелка која се случила денеска напладне во Тетово. Од МВР соопштија дека во 12:30 часот на крстосница од улица ,,Илинденска” со улица ,,Благоја Тоска” во Тетово се случила вооружена пресметка помеѓу лица од две возила, при што се случила и сообраќајна незгода по што двете возила го напуштиле местото, од кои едното се упатило кон улица „113“, а додека другото во непознат правец.
-Од добиени сознанија од граѓани и очевидци на местото на настанот, добиена е информација дека возилото кое што се упатило кон ул.” 113″ дека се работи за патничко возило ,,форд фиеста” со тетовски регистарски таблички. Од извршената проверка било констатирано дека се работи за одјавени регистарски таблички од истото возило, сопственост на лицето Е.М.(19) од с.Гајре, тетовско. При преземање мерки, на крстосницата од улица ,,Благоја Тоска” со улица „107″ било пронајдено патничко возило ,,фолксваген голф” со тетовски регистарски таблички, сопственост на Ф.Р.(46) од Тетово, додека во возилото пронајдено е едно починато лице со прострелни рани од огнено оружје. За настанот е формиран тим со кој раководи дежурен јавен обвинител при ОЈО-Тетово и увидна екипа од СВР Тетово, се наведува во полициското соопштение.
Според МВР, во Клиничка Болница -Тетово биле пренесени три лица со повреди од кои едно малолетно девојче од Тетово со повреди од огнено оружје која е задржана на опсервација, а другите две лица О.О.(34) и Р.Т. со прострелни рани, како итни случи се пренесени во Комплексот клиники “Мајка Тереза” во Скопје. Во престрелката од возилата повреден е и еден пешак А.С.(60) од Тетово, кој бил случаен минувач и бил пренесен во клиниките во Скопје.
Во моментот полицијата врши увид и се преземаат мерки за расветлување на мотивите и околностите околу вооружената пресметка која предизвика сериозни последици по животите и здравјето на лица во Тетово.
Македонија
Попладнево избувна голем пожар кај ресенското село Долно Дупени

Попладнево избувна голем пожар кај ресенското село Долно Дупени, во непосредна близина на Преспанското Езеро. Благодарение на брзата реакција на екипите на Територијалната противпожарна единица Ресен, викендиците и куќите од селото се спасени од огнената стихија. Моментално, огнот се движи кон непристапен терен, каде што гаснењето е отежнато.
Два ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување веќе се вклучени во акцијата, а поради високите температури, полициски хеликоптер ќе се приклучи во 16:30 часот. На терен се и жители од селото, кои помагаат на пожарникарите во локализацијата на пожарот.
Ситуацијата е под контрола во делот каде што има објекти. Нема опасност по куќите и викендиците, но борбата продолжува на непристапниот планински терен. Авијацијата ни помага значително, а апелирам до сите граѓани да бидат внимателни и да не предизвикуваат нови пожари – изјави директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.