Македонија
(Видео) Пендаровски: Кај нас се говори со јазикот на корупцијата, дури четвртина од граѓаните подлегнале на притисок

Претседателот Стево Пендаровски, денеска, во Скопје, се обрати на шестата пленарна конференција на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) на тема „Национална конвенција за Европската Унија: Темелните општествени вредности за европска иднина“.
Во своето обраќање Пендаровски истакна дека суштината или резонот на интеграциите е да се издигне владеењето на правото како врвна вредност во општеството и државата, посочувајќи дека борбата против корупцијата, не само во нашиот случај, најефикасно се води кога државата е фокусирана на европските интеграции. Затоа, според претседателот Пендаровски, ниту геополитичкиот контекст, ниту економската или енергетска криза, ниту блокадите на интеграциите не смеат да нè дефокусираат од оваа цел.
„Евидентно, кај нас прилично фреквентно се говори јазикот на корупцијата. Според истражувањето на јавното мислење спроведено од Македонскиот центар за меѓународна соработка, барем една третина од македонските граѓани изминатава година биле изложени на коруптивен притисок и за жал, според истото истражување, овој јазик го „зборуваат” дури четвртина од нашите граѓани кои подлегнале на притисокот и влегле во некаква коруптивна трансакција на пари, врски и влијание. Притоа, не станува збор само за големи, туку и за мали, навидум занемарливи суми. Меѓутоа, корупцијата е корупција, независно дали станува збор за 500 денари или 500.000 денари.
За жал, многу врати се отвораат и многу услуги стануваат достапни за оние кои го разбираат јазикот на корупцијата. За разлика од нив, оние кои не се дел од тој ланец се честопати дискриминирани, бидејќи не можат да ги остварат своите права и да дојдат до оние услуги што им следуваат по закон. А, многу млади кои не можат да напредуваат врз основа на сопственото знаење, квалификации и вештини, едноставно си заминуваат од државава“, истакна Пендаровски.
Оцени дека ефектите од корупцијата се засилуваат преку правните дупки и нејаснотии, што лесно се злоупотребуваат за да се корумпира и за да се избегне одговорноста. Загрижувачки за него е кога примената на правото, зависи од „вештината“ на толкување на оние кои треба да го имплементираат, па, често законската терминологија добива различно, некогаш и спротивно значење од изворното.
„На крајот од денот, одговараат оние кои се огрешиле пред законот, но, кои немаат со што да „тргуваат“ за да ја откупат својата слобода. Се стекнува впечаток дека САД и Европската Унија се поревносни борци против корупцијата кај нас од некои наши институции и поединци во нив. Освен што со години вложуваат во обуки на вработените во македонскиот правосуден систем, тие повремено посегаат и по санкции како што е т.н. црна листа во која САД ги сместуваат лицата за кои сметаат дека се инволвирани во корупција.
Меѓутоа, странските санкции не се доволни не само затоа што не се проследени со домашни санкции. Имено, ние се соочуваме со многу подлабок проблем бидејќи корупцијата во меѓувреме стана начин на живеење за многумина или, како што неодамна ја опиша холандскиот амбасадор, станува збор за менталитет на луѓето што мора да се менува. За драстично редуцирање на корупцијата, мора да инсистираме не само на истраги туку и на правосилни пресуди бидејќи на тој начин се покажува дека законите важат еднакво за сите, дури и за најмоќните и најбогатите“, рече Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Студентското собрание на УКИМ бара подобри услови за вселување во државните домови

Универзитетското студентско собрание на УКИМ со загриженост реагира на неповолните услови и недоволната организација при процесот на вселување во државните студентски домови, кој започна на 9 септември 2025 година.
Најголеми гужви и проблеми се забележани во студентските домови „Гоце Делчев“ и „Пелагонија“, каде што, како што велат од студентското собрание, дел од студентите беа принудени да чекаат повеќе од 12 часа – од преземање на документи до добивање на соба – на температури над 25 степени.
УСС-УКИМ бара:
– Отворање на повеќе пултови за преземање на документи, за да се намали времето на чекање и да се обезбеди побрз прием.
– Поголем временски интервал меѓу објавувањето на конечните резултати и самиот почеток на вселувањето, за домовите да можат навремено да се подготват.
– Присуство и активен мониторинг од страна на Министерството за образование и наука на самото место, за да се гарантира правилна и фер распределба на собите.
– Дигитализација на процесот на вселување, со што би се намалило времето на чекање и би се вовеле современи стандарди во управувањето со домовите.
Како заклучок, Универзитетското студентско собрание на УКИМ е подготвено да предложи студенти кои би помогнале во целиот процес на вселување, а апелираме институциите да развијат соработка со факултетите, кои можат да понудат стручна поддршка за дигитализација на системот.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Боли егзодусот на најдобрите лекари

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свеченото одбележување на 80-годишнината од постоењето на Македонското лекарско друштво, што вчеравечер се одржа во Македонскиот народен театар во Скопје.
Таа упати честитки по повод значајниот јубилеј и потсети дека улогата на Македонското лекарско друштво, како претходник на Медицинскиот факултет, зачетник на медицинската едукација и иницијатор и основач на Лекарската комора, е важен дел од историјата на здравствениот систем во државава.
За неа, јубилејот означува осум децении макотрпна и посветена работа, континуирана, силна поддршка на здравството и на лекарската професија, храбра борба за поздрави граѓани, за функционална и ефикасна здравствена заштита, за пристојно здравство.
Сиљановска-Давкова истакна дека егзодусот на најдобрите лекари, медицински сестри и друг медицински кадар е тешка општествена болест и укажа на итната потреба од негово лекување, преку одлучна битка за задржување на најдобрите дома, во македонските здравствени установи како нејефикасен здравствен процес за надминување на опасната криза на недостиг на кадар, нужен за подобрување на нарушеното здравје на нацијата.
Според неа, мора да знаеме дека здравјето не цвета во разорено и дезорганизирано општество, ниту во партизиран и политизиран здравствен систем во којшто, прети опасност да зацарува профитната логика, па здравствената услуга да се купува и продава, пациентите да не се третираат како личности, а некои лекари да ја заборават светата Хипократовата заклетва.
„Здрави граѓани се раѓаат и развивааат во здрави држави и здрави општества, во коишто болеста се превенира со здрав животен стил во здрава животна средина, со загарантирана здравствена и социјална заштита, со посебна грижа за децата и за семејството, но и со адекватен здравствен работен амбиент”, рече таа.
За претседателката, лекарската професија останува најпочитуваната, најхумната, најпосакуваната.
Таа им упати длабока благодарност на сите лекари за секој спасен живот, секоја победена болест, секој излекуван пациент и изрази восхит кон нив за решеноста и способноста стоички и достинствено да го носат товарот на професијата.
Македонија
„Како во Кочани!“ – О2 алармира за складирање отпад во штала во населена улица во Трубарево

О2 иницијатива реагираше по повод пожарот што денеска избувна во скопското село Трубарево, нагласувајќи дека местоположбата и условите каде што се складира отпадот се недозволиви и опасни.
Од иницијативата алармираат дека чадот од пожарот се шири над Скопје и дека станува збор за складиште со електронски и електричен отпад, сместено во штала во населена улица:
„Како во Кочани со дискотеката! И тоа во населена улица! Добро бе, има ли некој нормален во државава?! Има ли некој што спроведува стандарди и почитува правилници?!“, стои во реакцијата.
Тие додаваат дека жителите на Трубарево со години се жалат дека улицата им е претворена во депонија, откако носачи на отпад од различни делови на земјата го оставаат таму, загадувајќи ја средината.
Во јавноста првично беше објавено дека пожарот избувнал во капацитетите на фирмата „Нула Отпад“, но подоцна стана јасно горат објектите на Ф – ГРУПАЦИЈАТА која се занимава со електронски отпад.