Македонија
Спасовски: Членството во ЕУ ќе биде позитивно за граѓаните на земјата, визијата делумно ја исполнивме како дел од НАТО
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски присуствуваше и се обрати на Шестта пленарна сесија на Национална конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) на тема „Национална конвенција за Европската Унија: Темелните општествени вредности за европска иднина”.
„Eвропскиот пат на регионот на Западен Балкан, без сомнение, е високо на агендата на секој од нас бидејќи граѓаните тежнеат да живеат во земји што се просперитетни, каде што владеењето на правото е силно и корупцијата е искоренета. Токму владеењето на правото е еден од клучните сегменти што гарантираат интеграција во Европската Унија, па во таа насока Министерството за внатрешни работи изминативе 20 години спроведе низа реформски процеси, поддржани од нашите партнери во ЕУ. Заеднички работиме кон постигнување на зацртаните цели во областа на владеењето на правото преку зајакната борба против организираниот криминал и корупцијата. Свесни дека за крупни реформи, кои нашата земја ја придвижуваат напред, потребен е ангажман на сите, токму на овој начин, секој од факторите во процесот реформата ја чувствува како своја и со сите сили настојува да ја реализира“, истакна министерот Спасовски во своето обраќање изразувајќи ја гордоста за постигнатото во однос на реформите на безбедносните и разузнавачките служби.
Притоа, тој ја истакна успешноста во справувањето со илегална мигирација. „Успешно се справивме и со предизвикот кој го наметна масовниот прилив на мигранти. Би сакал да нагласам дека од денешна перспектива акцентот го ставам на спроведувањето на енергични акции за сузбивање на мрежите на криминалци кои се дел од криумчарењето мигранти. Присутни сме во регионот, присутни сме во Европа, сите чинители обединето за една заедничка цел- елиминација на криминалот поврзан со криумчарењето на луѓе. Оваа појава сериозно наметнува безбедносни ризици, како за Западен Балкан, така и за целиот европски континент. Оттаму, многу голем дел од влоговите во усовршувањето на човечките и материјалните капацитети на министерствата беа насочени кон справување со овој организиран криминал”, рече Спасовски, споменувајќи го Договорот со ФРОНТЕКС кој е во сила веќе осум месеци и кој овозможува конкретна поддршка на терен за зачувување на безбедноста на границите. Воедно, тој потенцираше дека високо на агендата е елиминирањето на хибридните закани, тероризмот, борбата против организираниот криминал и корупцијата. Сите овие области се покриени и со стратешки документи кои содржат мерки и активности за зајакнување и унапредување на механизмите за нивно сузбивање. Проектираните мерки се реализираат од страна на сите надлежни институции, а на овој начин се вложува и во унапредување на меѓу-институционалната соработка. Ние, во Министерството за внатрешни работи, како носители на Поглавјето 24 – Правда, слобода и безбедност, на дневна основа се стремиме во вистинска смисла на зборот да ги имплементираме европските вредности преку конкретна реализација во борбата со криминалот, а и преку активно учество во креирање стратешки политики.
Во однос на првиот дел, како и досега, со голем ентузијазам продолжуваме со започнатите реформи, а особено со неселективната борба против организираниот криминал и корупцијата, јакнењето на националните капацитети за борба против тероризмот и насилниот екстремизам и испорачување на конкретни, видливи резултати“, рече министерот Спасовски додавајќи дека од голема важност е Патоказот за владеење на правото.
„Секако, има уште многу работи штотреба да се направат, сите недостатоци од нашето работење нотирани во скрининг-извештајот и во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата детаљно се елаборираа и се преточија во мерки содржани во новиот реформски стратешки документ – Патоказ за владеење на правото. Овој документ ја трасира патеката на реализација на реформите до членство во Унијата. Знаеме дека во новата методологија за проширување на Европската Унија во кластерот Фундаменти е и Поглавјето 24, а во него се содржани мерки и активности за континуирано усогласување со европските стандарди и пракси и креирање законодавство според европските регулативи“, рече Спасовски истакнувајќи дека европската перспектива на земјата е наша следна задача, членството во ЕУ ќе биде позитивно за граѓаните на земјата, визијата делумно ја исполнивме и станавме земја членка на НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонија нема, не планира и не преговара за отворање мигрантски кампови, порача ВМРО-ДПМНЕ
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагира по објавите на британските медиуми и СДСМ дека Владата подготвува договор со Обединетото Кралство за отворање центар за враќање мигранти во Македонија.
Откако Социјалдемократите ја повикаа Владата да ја објави содржината на преговорите со Обединетото Кралство, ВМРО-ДПМНЕ порача: „Криминалците за да се спасат од одговорност се подготвени да измислат колонизација на марсовци во Македонија само за да создадат паника кај народот“. Според владејачката партија, кога СДСМ нема аргументи, бега во фантазии и хорор-сценарија, но, според нив, државата денес е безбедна, стабилна и водена од одговорна Влада.
Партијата категорично негира дека се разговара за отворање било каков центар за мигранти.
„Да бидеме јасни, заради јавноста: Македонија нема, не планира и не преговара за отворање мигрантски кампови. Ова е уште една лага од фабриката на истата партија која пред неколку години молчеше пред најголемиот мигрантски бран и ја претвори државата во транзитна зона без контрола“, се наведува во реакцијата.
ВМРО-ДПМНЕ ги обвини СДСМ за најголемиот распад на институциите и дека ја оставиле државата со нарушена безбедност и ниска доверба во државата. Дополнително, реагираат дека ваквото свесно лажење за да се креира страв покажува дека СДСМ нема што друго да понуди.
Партијата посочи и на изјавата на британскиот амбасадор Лосон, кој во мај одговарајќи на новинарски прашања во врска со објавите дека Македонија ќе треба да прифати мигранти, ги отфрли таквите тврдења.
„Како дел од договорите, земјата се согласи да се приклучи на заедничката мисија во однос на мигрантите. Но, тоа се однесува на соработка на полициските сили, справување со криминални банди и подобро споделување разузнавачки информации, што веќе се прави со неколку други европски земји. Сосема друга приказна е прифаќањето мигранти, не се работи за тоа. Сакам да бидам јасен во тој дел“, посочи тогаш Лосон.
СДСМ ја повика Владата јавно да ги објави разговорите со Британија
Социјалдемократскиот сојуз претходно ја повика Владата итно да ја објави целата содржина од евентуалните разговори со Британија и јавно да одговори дали за неколку милиони евра се подготвува Северна Македонија да стане „најголемиот мигрантски центар на Балканот“.
Повикот следеше по написот на британскиот „Тајмс“, со наслов „Одбиените баратели на азил би можеле да бидат депортирани во Северна Македонија“, во кој беше објавено дека македонската Влада влегла во формални разговори со Лондон за отворање „центар за враќање“ на мигранти.
Од СДСМ тврдат дека премиерот Мицкоски „преговарал да ја направи Македонија депонија за мигранти“, обвинувајќи го за „трговија со суверенитетот, безбедноста и иднината на граѓаните“. Според партијата, ваков центар би овозможил мигрантите да бараат азил или да се вработат во земјата, што тие го оценија како опасно за државата.
Што пишуваат британските медиуми
Според британските медиуми, Обединетото Кралство би ѝ плаќало на Македонија за секој прифатен мигрант, со дополнителни инвестиции и поддршка за безбедноста од Русија. Мигрантите, според предлогот, би можеле да бараат азил во земјата или да добијат работни визи и не би биле задржувани во притвор.
Се додава дека Британија води разговори и со Косово, додека Босна и Херцеговина веќе ја одбила можноста. Портпаролот на Даунинг стрит не ги потврдил ниту демантирал разговорите, повторувајќи: „Постојано нагласуваме дека нема да даваме тековни коментари за центрите за враќање.“
Македонија
Британски медиуми објавија дека се преговара со Македонија за отворање центар за мигранти, СДСМ ја повика Владата да ја објави содржината на разговорите
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја повика Владата веднаш да ја објави целата содржина на разговорите со Британија и да одговори јавно: дали за неколку милиони евра подготвува да ја претвори Македонија во најголемиот мигрантски центар на Балканот. Ова се случува откако британскиот медиум „Тајмс“, во текст насловен „Одбиените баратели на азил би можеле да бидат депортирани во Северна Македонија“ соопшти дека македонската Влада официјално преговара со Велика Британија за отворање центар за враќање на мигранти.
„Предавникот Мицкоски, кој се колнеше во татковина и викаше дека ‘шанса нема’ да има кампови, преговара да ја направи Македонија депонија за мигранти. Со ова предавство државата станува отпадна периферија на Европа. Според текстот, разговорите почнале уште во раната есен, во период кога Мицкоски во земјата глумеше патриот и уверуваше дека нема да се отвораат кампови. За секој примен мигрант, Мицкоски и владата ќе добиваат пари од Британија. Тоа значи дека Мицкоски ја продава државата, ја претвора во мигрантски логор за ситни пари. Ова е трговија со суверенитетот, со безбедноста и со иднината на нашите граѓани! Уште пострашно е што, според ‘Тајмс’ мигрантите ќе имаат можност да бараат азил и да работат во Македонија. Ова значи дека владата планира трајно населување и отворање на пазарот на труд за мигранти во градежништвото и други гранки“, велат од СДСМ.
Опозициската партија додава дека најостро се спротивставува на ваквите тајни договори и бара премиерот веднаш да ја објави целата содржина на разговорите со Британија и да одговори јавно: дали за неколку милиони евра подготвува да ја претвори Македонија во најголемиот мигрантски центар на Балканот.
Претходно денес, „Дели мејл“ повикувајќи се на „Тајмс“ пренесе дека Британија би можела да депортира одбиени баратели на азил во Северна Македонија според планот за отворање „центри за враќање“ на Балканот. Според извештаите земјата влегла во формални разговори со Обединетото Кралство во текот на есента за да биде домаќин на мигрантски „центар за враќање“.
Според предлогот, за кој јавуваат британските медиуми, Обединетото Кралство би ѝ плаќало на Северна Македонија за секој мигрант што ќе го прифати, заедно со инвестиции во земјата и помош за нејзината безбедност од Русија. Мигрантите потоа би имале можност да бараат азил во Северна Македонија или да добијат работни визи за работа во сектори со недостиг од работна сила. Тие не би биле задржувани во притвор и би имале можност да заминат кога ќе посакаат.
Британија исто така, според весникот, води разговори со Косово за отворање центар за враќање, но други земји – вклучително и Босна и Херцеговина – веќе ја исклучиле можноста да учествуваат.
Користењето трета земја како центар за враќање би му овозможило на Обединетото Кралство да отстранува мигранти кои доаѓаат од држави што се сметаат за небезбедни. Во моментов, мигрантите од овие земји можат да го преминат Ла Манш сигурни дека нема да бидат вратени дома.
На прашањето за извештаите дека министрите водат разговори со Северна Македонија за мигрантски центар за враќање, портпарол на Даунинг стрит рече: „Постојано нагласуваме дека нема да даваме тековни коментари за центрите за враќање. Оваа влада јасно кажа дека нема магично решение. Но, наместо лажни решенија и празни трикови, ги засукуваме ракавите и преземаме сериозни чекори кои се потребни за да се обезбеди граничната безбедност што јавноста ја очекува.“
Досега оваа година 39.292 мигранти со мали чамци пристигнале во Британија преку Ла Манш, што е за 17 проценти повеќе од истиот период лани.
Македонија
(Видео) Новo рисче на Шара – тимот на Националниот парк слави со мекици
Националниот парк „Шар Планина“ соопшти дека на една од нивните трап-камери била забележана мајка рис со малечко, при што и двете животни се во одлична здравствена состојба. Со ова, бројот на документирани рисови на Шара се зголемува од една на три единки.
Од паркот потсетуваат дека по успехот минатата година, кога првпат бил снимен мажјак на локалитетот Лешница, денес со радост објавуваат дека и мајка со младенче е регистрирана на територијата на Општина Боговиње. Според соопштението, станува збор за историски момент и резултат на долгорочна, упорна и стручно спроведена работа на тимот. Колегата кој ја регистрирал снимката ја добил честа да го даде и името на мајката рис, која е именувана Сибел.
Во објавата се наведуваат и интересни факти за балканскиот рис, меѓу кои тоа дека е територијално животно што зазема голема територија – понекогаш и над 40 km², како и дека неговата исхрана се состои од срна, дива коза, зајак, еребица, ситни цицачи и други видови од шумскиот екосистем. Од паркот додаваат дека популациите на пленот на Шар Планина полека, но стабилно растат, а ловот е целосно забранет, што придонесува за заштита на видот.
Од Националниот парк истакнуваат дека снимката ја потврдува важноста од континуираниот мониторинг и вложувањето во заштита на биодиверзитетот, потсетувајќи дека балканскиот рис е критично загрозен вид.
Паркот соопшти и дека по повод овој момент, тимот денес слави со мекици.

