Македонија
Правда очекува Палевски да се жали на секоја точка и запирка, екстрадицијата нема да биде за неколку недели, ќе трае со месеци

Министерството за правда засега нема охрабрување за брза екстрадиција на Љупчо Палески-Палчо од Турција, кој е осомничен за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Иако во експресно кус рок македонската страна завршила со подготовка за испраќање на барањето за екстрадиција, а вчера добиле потврда и дека официјално е примено барањето, во Министерството за правда не очекуваат екстрадицијата да биде за неколку дена или недели, туку во најдобар случај би се работело за месеци.
По приемот на барањето за екстрадиција, Турција може да се случи да побара дополнување на документацијата и од Правда велат дека се подготвени да одговорат на сите барања. Досега такво барање не е стигнато, но она што Министерството го нема како податок се турските рокови во кои треба да заврши екстрадицијата.
На експресна постапка се обрзани и со конвенциите и законите што ги има потпишано Турција, а ги има и Македонија, но и во нив нема охрабрување за брза екстрадиција.
„Екстрадицијата може биде по скратена постапка, но само ако притвореното лице се согласи да биде предадено. Најкратката екстрадиција што сме ја имале во досегашното функционирање траела десет дена со Швајцарија кога буквално моравме да отидеме физички да си го земеме лицето. Но, знаејќи за кого се работи во овој случај, очекуваме тој да се жали на секоја точка и запирка во целокупната постапка. Има право на жалба и на притворот и на секоја фаза од постапката за екстрадиција“, велат од секторот за меѓународна соработка во Министерството за правда.
Министерот за правда Кренар Лога на неформална средба со турскиот амбасадор добил известување дека вакви барања за екстрадиција имаат 100-ина во еден ден и дека мора строго да се внимава на постапката. Ова е со цел да не се повтори случајот кога Косово екстрадирало во Турција пет лица за кои воопшто немало постапка, па се барало понесување одговорност на високо ниво, и од тука неопходна е голема внимателност.
Иако бил известен амбасадорот за значењето на Македонија за екстрадицијата и го разбира, сепак таа е една од многуте што се во рацете на турските власти и процедурите треба да бидат завршени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“

Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“ по дождливо време и според вообичаената маршрута, но без давање официјална изјава од нив, што досега беше начин на комуникацијата на родителите на починатите со јавноста.
Преку испишаните пораки на транспарентите, тие и денеска за трагедијата во „Пулс“ ги обвинија институциите, од кои бараат правда и праведно судење. Десетина минути беше блокиран сообраќајот на улицата „Стево Теодосиевски“, кај двојниот мост на Кочанска Река.
Маршот за нивните ангели родителите го почнаа од „Паркот на Револуцијата“, од каде се упатија кон Трговскиот центар. Марширањето продолжи кон Основниот суд со кратки запирања пред зградата на УЈП и Полициската станица.
27. „Марш за ангелите“ во Кочани денеска заврши каде и што почна – во „Паркот на Револуцијата“.
Македонија
Починато лице на списокот за гласање, ДИК отфрли седум и прифати три приговори за лично избирачко правo

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница отфрли седум приговори поднесени од граѓани за лично избирачко правo, а прифати три. Отфрлени како неосновани беа приговорите на Радица Радеска од Битола, Зилќафете Мемеди од Желино, Иџел Камбери од Желино, Гордана Радеска од Битола, Јетон Далипи од Струга, Весна Трајкова од Кичево и Оливер Трајановски од Куманово. Прифатени, пак, беа приговорите на Божидар Алтипармаков од Битола, Адис Таири од Гостивар и Едина Таири од Гостивар. Тројцата утре ќе може непречено да го остварат своето право на глас, но се должни со себе на гласачкото место да го донесат и покажат решението што ќе го добијат од ДИК како правен основ да бидат запишани во дополнителнот образец на Избирачкиот список.
На седницата беше усвоена и Одлуката за поништување на потврдена листа за членови на Совет на Град Скопје поднесена од Движењето за национално единство на Турците (ДНЕТ). Образложението е дека ДИК на 17 октомври, по допрен глас, дошла до информација дека на оваа листа има починато лице. ДИК предложи за овој случај понатаму да постапува Јавното обвинителство.
-ДИК согласно Деловникот и Изборниот законик констатира дека се поништува потврдената листа од Изборната комисија на Град Скопје за членови на Совет поднесена од ДНЕТ. ДИК одлучи дадените гласови за поништената листа членовите на избирачките одбори да ги евидентираат како неважечки гласачки ливчиња во записникот за гласање. Исто така, членовите на општинските изборни комисии кои спроведуваат гласање за Град Скопје, како и Изборната комисија на Град Скопје нема да ги сметаат како добиени гласови во соодветните записници за сумирање и утврдување на резултаите од гласањето, објасни претседателот на ДИК, Борис Кондарко.
Членот на ДИК, Александар Даштевски рече дека ваков случај, на предложено починато лице, имало и лани. Листата била отфрлена.
-Беше покрената и кривична постапка што е предвидено за вакви случаи, истакна Даштевски.
На седницата ДИК информира дека досега за следење на утрешните локални избори се пријавени 1 463 набљудувачи од кои 807 домашни и 644 мешународни, како и 12 странски новинари. ДИК воедно денеска им одобри акредитации за следење на изборниот процес и на уште двајца новинари од Радио-телевизија Косово.
Беше прифатена и Одлуката за доделување дополнителни средства на општинските изборни комисии за локалните избори.
Попладневната 147. седница на ДИК, како што напомена Кондарко, останува отворена за евентуално пристигнување на други приговори.
-Јавноста ќе биде известена за продолжение на седницата. Сега само ја прекинуваме, а ќе ја продожиме денеска ако има потреба, ако не, утре ќе констатираме дека ја затвораме, објасни Кондарко.
Македонија
Скандал во студентскиот дом „Гоце Делчев“, студент снимал девојки додека се туширале

Студент бил фатен како тајно снима студентка во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.
„На 16 октомври 2025 во 20 часот и 10 минути во СВР Скопје, 22-годишна девојка од Прилеп, со престој во студентски дом на подрачјето на Карпош, пријавила дека истиот ден околу 17 часот, додека се туширала забележала телефон над параваните.
Според пријавата, А.М. (22) од Богданци ѝ кажал дека тој ги направил фотографиите. Лицето е приведено во полициска станица, а одземени му се лаптоп и компјутер.
„СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.