Европа
Хорор во Франција: 12-годишно девојче донесе нож во училиште, се обидело да убие професор за време на часот

12-годишно девојче во Франција донесе нож во училиште и му се заканувало на наставникот по што било уапсено. Во инцидентот нема повредени. Според француските медиуми, ученичката рекла дека сака да прави „како што било во Арас“.
Како што пишува францускиот „Либерасион“, оваа среда во Рено ученичка од петто одделение му се заканувала на наставникот за време на часот по англиски јазик. Ученичката, наводно, мафтајќи со своето остро оружје, рекла дека сака да го повтори гестот на Мухамед Могучков, кој на 13 октомври го уби наставникот Доминик Бернард и тешко рани уште две лица.
Со психијатриско вештачење е констатирано дека малолетничката е „опасна за себе“ и дека нејзината состојба бара лекување во специјализирана средина.
Обвинителот Рене Филип Аструк изјави дека ученичката дошла на училиште вооружена со голем нож, долг 17 сантиметри, со очигледна намера да го убие професорот по англиски јазик.
„За време на часот замавнала со ножот кон жртвата, која побегнала. Ученичката ја следела жртвата додека не била разоружана од вработените во училиштето“, додаде обвинителот.
Според локалните медиуми, тинејџерката се налутила кога наставникот ѝ го одзел телефонот потсетувајќи ја дека тоа е забрането на училиште за време на часовите. Оваа информација за „Франс прес“ ја потврдила девојка, која наведува дека ученичката што го донела ножот минатата недела се скарала со професорот по англиски јазик бидејќи ѝ го одзел мобилниот телефон на час.
Тогаш девојката рекла пред сите во класот дека ќе го убие „и ќе го направи истото што се случи во Арас“.
„Тогаш никој не ја сфати сериозно“, вели ученикот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Путин се сретна со Додик

Рускиот претседател Владимир Путин се сретна со Милорад Додик на маргините на 22-от годишен форум на Меѓународниот дебатен клуб Валдај во Сочи. За време на состанокот, Путин ја опиша ситуацијата во Република Српска како сложена.
„Многу ми е драго што повторно се сретнав со вас, овој пат во Дебатниот клуб Валдај во Сочи. Неодамна, на 15 септември, го прославивте Денот на српското единство. Би сакал да ви честитам. Знам дека ситуацијата во вашата земја е исклучително тешка. Дури може да се каже дека е сложена“, рече Путин, додавајќи дека сака да ја чуе оценката на Додик.
Во исто време, рускиот лидер нагласи дека неговиот соговорник прави многу за градењето односи со Русија. Пред оваа средба, Путин зборуваше на форумот на дебатниот клуб, а Додик беше почесен гостин.
Додик беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за политичка активност од страна на Судот на Босна и Херцеговина, по што Централната изборна комисија му го одзеде мандатот како претседател на РС. Предвремените избори за негов наследник ќе се одржат на 23 ноември.
Европа
Прекинат воздушниот сообраќај на аеродромот во Минхен, забележани се дронови

Воздушниот сообраќај беше прекинат преку ноќ на аеродромот во Минхен поради прелет на дрон, чие потекло се истражува, изјави портпарол на германската полиција за АФП, откако неколку европски земји пријавија воздушни упади што ѝ се припишуваат на Русија.
Според соопштението на аеродромските власти, 17 летови што требало да тргнат од Минхен беа откажани таа вечер, што влијаеше на речиси 3.000 патници. Сè уште не е познато кога летовите ќе бидат обновени.
Петнаесет летови што требаше да слетаат во Минхен беа пренасочени и кон Штутгарт, Нирнберг, Виена или Франкфурт.
Во четврток околу 21:30 часот, неколку лица забележаа дронови во близина на аеродромот, потврди портпаролот на полицијата.
Баварските власти започнаа истрага за да ги идентификуваат дроновите и нивното потекло.
Потоа дроновите повторно беа забележани, овој пат над аеродромската област, што доведе до затворање на обете писти околу 20:30 часот.
И покрај интервенцијата на полициските хеликоптери, „нема достапни информации за видот и бројот на дроновите“ или нивното потекло, изјави портпаролот.
Инцидентот се случил пред последниот викенд од Октоберфест, кој привлекува стотици илјади луѓе во Минхен секој ден.
Фестивалот на пивото во баварскиот град беше затворен половина ден во среда поради закана со бомба.
фото: принтскрин
Европа
Полицијата го идентификуваше напаѓачот во Манчестер: уште тројца уапсени

Полицијата за борба против тероризмот потврди дека напаѓачот во утринскиот напад врз синагогата во Манчестер е 35-годишниот Џихад ал Шами, британски државјанин од сириско потекло.
„Врз основа на она што го знаеме во моментов, нашите евиденции не укажуваат на какви било претходни антитерористички истраги во врска со ова лице“, соопшти полицијата.
Тие додадоа дека три лица – двајца мажи на возраст од 30 години и една жена на возраст од 60 години – се уапсени и се приведени под сомнение за извршување, подготовка и поттикнување терористички акти.
Двајца мртви на местото на настанот, тројца тешко повредени
Полицијата потврди дека двајца мажи се прогласени за мртви на местото на нападот, додека тројца други мажи се во болница со сериозни повреди. Еден од нив претрпел убодна рана, друг бил удрен од автомобил вклучен во нападот, а трет подоцна сам отишол во болница со повреда за која се сомнева дека ја здобил додека полицијата го запирала напаѓачот.