Македонија
Ковачевски: Обезбедуваме 5-месечна поддршка до 3.000 денари за 187 илјади пензионери
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на денешниот настан за промоција на монографија, посветена на Сојузот на борците, ја потенцира и егзистенцијалната грижа за повозрасните категории граѓани преку антикризни мерки и преку системски решенија.
„Грижата за стандардот на повозрасните категории граѓани е еднакво важна и затоа сакам и тука да потенцирам дека со новиот пакет антикризни мерки се опфатени 187 илјади пензионери, кои во наредните 5 месеци ќе добиваат државна финансиска поддршка. Пензионерите со пензија до 14.000 денари – по 3.000 денари месечно, од 14.000 до 16.000 денари – по 2.000 денари, а пензионерите со примања од 16.000 до 19.000 денари – по 1.500 денари месечно“, посочи премиерот.
„Со новата методологија осигуравме постојан раст на пензиите и тоа веќе дава резултати. Просечната пензија денес изнесува 20.100 денари, што е за 6.400 денари повеќе во однос на 2016 година. А минималната пензија е 13.150 денари, што е за 4.300 денари повеќе во однос на 2016 година. Да потсетам дека со измените на Законот за социјалната заштита воведовме и социјалната пензија за лицата над 65 години, кои немаат никаков приход и не може по друг основ да остварат пензија. И потврдувам и овде дека по примерот на Законот за минимална таплата во државата, со закон ќе утврдиме и минимална пензија“, порача премиерот Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Чаир и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1550 место викано Гериз во индустриска зона Визбегово, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Стојна Стевкова, како и дел од корисниците од ул. 393 во населба Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Блаже Биринчето, општина Карпош.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.

